фото; МИА

Со свечена поворка во центарот на Благоевград, која заврши на плоштадот „Македонија“, беше одбележана 150-годишнината од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, јави дописникот на МИА од Софија. Присуствуваа претседателот на Бугарија Румен Радев, премиерот Кирил Петков, градоначалникот на Благоевград, бугарски европратеници и голем број граѓани на Благоевград и регионот.

Претседателот Радев во својот говор рече дека Гоце Делчев го посветил својот живот на слободата на Македонија и Одринско и дека затоа не треба да има поделби од двете страни на границата.

-Гоце Делчев е прв од старите бугарски револуционери кој го заби знамето на ослободувањето на македонско тло. Делчев и како егзархиски учител во Штип, а потоа и како кадет во бугарската војска, целиот свој живот го посветил на слободата на Македонија и Одрин – рече Радев.

Шефот на државата посочи дека Гоце Делчев во текот на животот останал длабоко убеден во идеите за хуманизам, социјална правда, солидарност и братство меѓу луѓето, отфрлање на секаква тиранија и национално угнетување.

-Неговите зборови дека светот го доживува само како „поле за културен натпревар меѓу народите“ најдобро ги опишуваат размерите на идеите, верувањата на оваа неверојатна личност, рече Румен Радев.

Премиерот Кирил Петков од своја страна на насобраните им порача дека историјата треба да се памети и чита, но најважно е да се разбере. Гоце Делчев го дефинираше како симбол на слободата и затоа, рече тој, многу е чудно како некои се обидуваат да ја искористат неговата личност за разделба.

Во својот говор Петков ги праша граѓаните дали е нормално некој да се обидува да ја искористи личноста на Гоце Делчев за да ги подели луѓето од двете страни на границата. Дали е нормално луѓето од двете страни на границата, луѓето кои гордо ги именуваат градовите, училиштата, улиците и плоштадите по името на Гоце Делчев да бидат разделени и дали денес сме ја сфатиле историјата и ги следиме нејзините принципи.

На крајот од својот говор Петков ги цитира зборовите на Гоце Делчев „труд и истрајноста – тоа е силата со која човекот станува најголем во секој потфат“.

Вршителот на должноста амбасадор на Северна Македонија во Бугарија Владимир Крстевски положи венец на споменикот на Гоце Делчев.

Во Софија, пред споменикот на Гоце Делчев во Борисова градина, претставници на македонските семејства и голем број граѓани се собраа и положија цвеќе во знак на благодарност за неговото дело.