На отворањето на Зимската школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, со поздравни зборови се обратија проф. д-р Биљана Ангелова, ректорка на УКИМ, проф. д-р Александар Скепаровски, проректор за меѓународна соработка на УКИМ, и проф. д-р Кристина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Професорот д-р Димитар Пандев одржа пленарно предавање на темата „Учењето на Свети Климент Охридски од неговото време до денес“

Започната како проект за време на пандемијата, кога беа „откриени“ сите можности на онлајн комуникацијата, Зимската школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, вчера, го отвори своето четврто издание. И овој пат Зимската школа по македонски јазик ќе се одвива „на далечина“, преку платформата Зум.
– Во годината на големите јубилеи на великаните: 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков, 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, но и во годината кога Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје одбележува 75 години од основањето, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ја отвори својата четврта зимска школа денеска, 22 јануари 2024 година, во 10 часот (на далечина, на платформата Зум) – се наведува во соопштението објавено на социјалните мрежи на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
На отворањето на Зимската школа со поздравни зборови се обратија проф. д-р Биљана Ангелова, ректорка на УКИМ, проф. д-р Александар Скепаровски, проректор за меѓународна соработка на УКИМ, и проф. д-р Кристина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Професорот д-р Димитар Пандев одржа пленарно предавање на темата „Учењето на Свети Климент Охридски од неговото време до денес“.
Пред почетокот на оваа зимска школа, проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, која е една од предавачите, им порача на семинаристите што ќе ги следат предавањата во школата, но и на пошироката општествена и научна јавност во Македонија, дека треба да покажеме дека „сме достојни наследници на светиот влог на нашите предци“.
– Се радуваме на можноста, како професори, да покажеме дека сме достојни наследници на светиот влог на нашите предци, пренесувајќи го своето знаење за македонската книжевност и култура како дел од светското културно наследство. Проучувањето на македонската културна традиција е исклучителна задача, но и предизвик за сите оние што сакаат вистински да спознаат што значи да се пее и да се живее во автентичниот македонски седумосмински такт – вели професорката Искра Тасевска Хаџи-Бошкова. Ј.П.