Илустрација: Ласко Џуровски

Од сите наведени дефиниции може да се заклучи дека промената на менталитетот не е нешто што се посакува како новогодишна желба или, пак, уште помалку би можело да се наложува со декрет, директива, па дури е дискутабилно колку е политички коректно да биде направено и со една мека препорака. А, ете, на Македонија и на македонските граѓани им беше препорачано директно токму тоа: промена на менталитетот!

Опцијата не ставај го датумот на раѓање на социјалните мрежи за да не си создаваш обврска да одговараш на честитките – се чини не важи за Нова година. Честитките пристигнуваа(т) на ѕид, во инбокс, по СМС…, шаблонизирани текстуални, со налепници (стикери), гифови, можеби ќе се добие и некоја оригинална со лична посвета, ама речиси 99,9 отсто е неверојатно дека сте добиле честитка напишана на рака, преку пошта, со оние снежно-идилични (некои ги нарекуваа и кич) слики што асоцираат на зима и Нова година.

Менување на менталитетот, како збир од особини и склоности на една единка или на човекова заедница

Но дали забележавте дека ви се сменил менталитетот, само од минатата Нова година, до оваа? Сте забележале ли дека ви се сменил менталитетот од времето кога се пишуваа честитки со (колку-толку) извежбан ракопис, до сегашното автоматско препраќање готови пораки за секоја празник, од минатата година, само со една сменета бројка? Секако дека ни е променет менталитетот! Дали е на подобро или на полошо е работа на процена според личните искуства, но тоа се случило „спонтано“, со промената на условите и начинот на живот!
Во време на вештачка интелигенција, се чини дека ништо не смее да остане недефинирано, ниту оставено на слободната процена и заклучок на „природната“ интелигенција, па и менталитетот е анализиран и дефиниран од различни аспекти. Па така, најопштата дефиниција на менталитетот, или „менталниот склоп“, е колоквијален термин што означува карактеристичен начин на мислење, верувања и емоционално реагирање на некоја личност, колектив, народ или карактер на личноста, национален карактер, морален карактер. Менталитетот или менталниот склоп не претставува само моментална психичко-ментална состојба со кратко времетраење, туку тоа е релативно константно и претставува дел од системот на мислење и чувства, а може да биде динамично и променливо. Овој идиом првпат е забележан во 1665 година, а во западната култура станал популарен во 70-тите години на 20 век, во периодот на барање изрази за многу новооткриени и алтернативни состојби на свеста. Во зависност од параметрите што учествуваат во емотивниот или когнитивниот процес на обликување на менталниот склоп, личноста чувствува, мисли, реагира и носи заклучоци на својствен за себе и специфичен начин.
Но многу често поимот „менталитет“ може да биде употребен и во негативна конотација, како предрасуда или стереотип. Од друга страна, може да биде користен и како опис за основното однесување на општествените заедници.

Пораката да се смени менталитетот (не) треба да се прочита како порака за менување на идентитетот

Од сите наведени дефиниции може да се заклучи дека промената на менталитетот не е нешто што се нарачува и посакува како новогодишна желба или се наложува со декрет, директива, па дури е дискутабилно колку е политички коректно да биде и препорачано. А на Македонија и на македонските граѓани им беше препорачано директно токму тоа – промена на менталитетот!
– Најитната работа што е потребна е да се смени е менталитетот. Земјата навистина треба да сака да стане членка на ЕУ – воскликна во неколку ситуации холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан Коп, мислејќи на состојбата со корупцијата, но од македонската јавност, исфрустрирана низ годиниве со некоректни барања и непродуктивни услови за „себеподобрување“ до европските стандарди, тоа беше интерпретирано како „сменете го идентитетот“.
Чувствително и како шега, несмасно и како добронамерна новогодишна желба! Зашто во принцип никој не е задоволен со своето богатство, ниту незадоволен од својот ум, менталитет. Според некои дефиниции, менталитетот исто така е дел од идентитетот.
И кога веќе се разменуваат новогодишни желби, но со „надградена политичка коректност“, пораката од Македонија за ЕУ би можела да биде – сменете го менталитетот и не гледајте нѐ според вашите стереотипи и предрасуди за нас!