Фото: Игор Бансколиев

Министрите Османи и Маричиќ се за брзи уставни измени за забрзување на патот кон ЕУ, претседателот Пендаровски смета дека не треба да се брза, опозицијата не прифаќа менување на Уставот, а се чини најдалеку отиде бившиот премиер Заев, кој додека беше премиер порача дека Бугарите ќе влезат во Уставот дента кога Македонија ќе влезе во ЕУ. Во вакви политички околности се поставува прашањето за каков консензус зборува министерот Османи кога и во самата извршна власт има големо разногласие

ДОМАШНАТА ПОЛИТИЧКА ЕЛИТА ЗАГЛАВЕНА МЕЃУ СОНОТ И ЈАВЕТО

Првата нестандардна европска „домашна задача“ за сите чинители во македонскиот политички амбиент, произлезена од т.н. француски предлог на преговарачката рамка, е спроведување на уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав. Опцијата за отворање и менување на Уставот, како задолжителен (иако уникатен) услов само за Македонија да почне да ги отвора поглавјата во преговарачкиот процес за членство во ЕУ, автоматски ги активира и подзаспаните амбиции на албанскиот политички блок во Македонија за уставни интервенции во однос на декларативноста на албанскиот јазик и Албанците во конститутивниот текст. Според политичките аналитичари, самото наложување уставни измени како услов за започнување на преговорите (формално – одржување втора меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ) е нестандарден преседан во критериумите и процедурите на ЕУ за проширување, уште повеќе што во тоа барање се вградени нескриените амбиции на бугарската политика за бугаризација на македонскиот национален идентитет. Дополнителен притисок за започнување на тој уставен процес е и рокот што „неформално“ е зададен – крајот на скрининг-процесот, во ноември наредната година. „Непознатите фактори“, кои се чини никако не водат до можноста да се постави некаква равенка за уставните измени, се во тоа што во моментов се артикулираат барем пет различни позиции на политичките субјекти (и внатре во владејачката коалиција, како и онаа на опозицијата) за ова прашање, односно за (не)итноста за нивно започнување. Секако, главниот предизвик на исполнувањето на ветувањето на власта за спроведување уставни измени е постигнување двотретинско мнозинство во Собранието, кое во моментов го нема.

КАЛКУЛАЦИИТЕ НА ОСМАНИ

– Мислам дека до ноември 2023 година треба да бидат завршени, имајќи предвид дека во просек шест месеци траат сите три фази од уставните измени. Најдоцна до пролет треба да влезе во парламентарна процедура. Јас сакам уште во јануари да биде во процедура. Нема ништо контроверзно, нема потреба да се држат граѓаните и државата во заложништво за нешто од кое сите имаме интерес. Се надевам што побрзо да бидат доставени. Првото гласање е со двотретинско мнозинство, второто е со 61 пратеник, третото е со двотретинско… Ако пропадне на првото, се ризикува процесот. Треба да бидеме сигурни дека имаме 80 пратеници на првото гласање. Не сме далеку, блиску сме, меѓутоа треба да се имаат. Јас би сакал цел парламент, освен Левица, да гласа за уставните измени – рече министерот за надворешни работи Бујар Османи во телевизиско гостување, нагласувајќи дека уставните измени не треба да се остават за по изборите, зашто така изборите ќе бидат само референдум за уставните измени.

РОКОВИТЕ НА МАРИЧИЌ

Со сличен тон за итноста на уставните измени настапува и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, кој потсетува дека „ние имаме некој рок што сами си го зададовме заедно со планот за скрининг, а тоа е до крајот на скринингот, значи до ноември 2023, до крајот на идната година практично да ги комплетираме уставните измени и јас мислам дека ќе успееме во тој рок да ги комплетираме. Тоа, секако, воопшто нема да биде лесен процес, но мислам дека секој пратеник и сите политички партии ќе бидат на висината на задачата, затоа што сега од нас зависи кога ќе продолжиме“.

ПЕНДАРОВСКИ НЕ САКА БРЗАЊЕ

За разлика од министрите во македонската влада, кои ги водат надворешнополитичките и евроинтегративни процеси, претседателот Стево Пендаровски, кој има суверени ингеренции за надворешната политика, порачува дека не треба да се брза со уставните измени, посочувајќи го фактот дека во овој момент го нема потребното мнозинство од 80 пратеници што би кренале рака „за“. Притоа, тој нагласува дека „не би сакал ни случајно, ниту како граѓанин, ниту како претседател, да види процеси слични на усвојувањето на Преспанскиот договор“.

ОПОЗИЦИЈАТА БАРА ГАРАНЦИИ

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати се повторува ставот дека не поддржуваат уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот, доколку не се добијат цврсти гаранции од страна на ЕУ за македонскиот идентитет во кој е содржан јазикот и дека билатералните прашања веќе нема да бидат можност за ново вето сѐ додека Македонија не стане членка на ЕУ.

ЗАЕВ: БУГАРИТЕ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО УСТАВОТ ДЕНТА КОГА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ВЛЕЗЕ ВО ЕУ

Иако официјално не е веќе дел од јавниот политички дискурс во Македонија, не
треба да се заборави порано искажаниот став на бившиот премиер Зоран Заев (во чиј мандат всушност се отвори бугарското проблематизирање на македонските евроинтеграции) дека Бугарите би влегле во македонскиот устав еден ден пред Македонија да влезе во ЕУ, или дента на нашето влегување, а не како услов за почеток на преговорите.
Фактот дека времето до самозададениот рок за спроведување на уставните измени брзо се троши, отвора голем број дилеми за легитимноста на уставните измени што се бараат од Македонија.

КАКОВ Е СТАВОТ НА ЕКСПЕРТИТЕ

– Крајно е нелегитимно и недемократски тоа што актуелната власт во Македонија ветила уставни измени пред европските претставници. Такво ветување претходно требало да мине низ процес на демократска општествена дебата, што не беше случај. За суштината на проблемот, односно внесување на Бугарите во македонскиот устав, треба да се знае дека нашиот сегашен устав има широка демократска рамка, во која правата на тие околу 3.500 Бугари изјаснети на пописот се опфатени со одредбата „и други“ во набројувањето на деловите од народи во Македонија. Во овие услови, започнувањето на процесот на уставни измени би бил нелегитимен и недемократски. Во тој контекст, наративот што го применува власта за Македонија како мултиетничка држава оди во прилог на некој процес да се направи поделба на сувереноста, односно дека сите малцински заедници наведени во Уставот ја делат сувереноста. Сепак, правилно е дека Македонија е мултиетничко општество, а не мултиетничка држава, а сувереноста извира од македонскиот народ – вели историчарката Наташа Котлар, која смета дека надоврзувањето на барањата на Албанците за уставните измени е водење според логиката „зошто да не се искористи моментот што е крајно прагматичен за нивните цели“.
Кога станува збор за создавање услови за спроведување на уставните измени, политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека почетокот и брзината на таквиот процес најмногу зависат од политичкиот амбиент меѓу Македонија и Бугарија.
– Во основа, внесувањето на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав е бенигна работа, но отпорот е предизвикан од политичкиот амбиент создаден во односите меѓу Македонија и Бугарија. Кога би се релаксирала атмосферата, на пример да продолжи трендот на отворање македонски клубови во Бугарија и да се напуштат провоцирачките тенденции на бугарските клубови во Македонија, би било многу полесно да се спроведат бараните уставни измени. Атмосферата на толеранција, секако, позитивно се одразува во градењето на меѓусебните односи и полесно се постигнуваат одредени договори. Инаетот, секако, предизвикува инает на другата страна. Но дополнителен предизвик за ваквите уставни измени е тоа што на нив се „налепи“ Пандорината кутија со уставните барања на Албанците во земјава. Тука меѓународната заедница треба да пронајде капацитет да ги убеди Албанците своите барања да ги остават на чекање. И така, во текот на преговорите со ЕУ, Уставот ќе треба да се отвора уште 4-5 пати. Потребно е да се раздвојат овие барања за Бугарите и за Албанците. Ако сите барања се на куп, тешко дека ќе бидат спроведени уставните измени – вели Петар Арсовски.


Која е симболиката на Османи за државен договор за осум години?

Во јавноста се наметнуваат прашања и дилеми од повикот на министерот за надворешни работи Бујар Османи за постигнување државен договор за наредните осум години, во контекст „за да не се импровизираат ’преговори’, за да се обезбеди консензус и сите да си подадат рака за државните интереси“. Првата симболика на тие осум години, се чини е лесно препознатлива во изјавите на некои домашни политичари и европски претставници дека „до 2030 година земјите од Западен Балкан ќе влезат во ЕУ“. Но споменувањето нов државен (рамковен) договор ја разбуди асоцијацијата за ревидирање на Охридскиот договор. Односно во пакет со уставните измени за исполнување на условите од францускиот предлог да се ревидира и статусот на Албанците дефиниран со Охридскиот рамковен договор, исто така наведен во преамбулата на Уставот. Експерти за меѓународни односи укажуваат дека ваквите намери, макари и како хипотетички, го делегитимираат францускиот предлог, со додавање барања за уставни измени што не се дел од условите за започнување на европскиот процес на преговори за Македонија. Со додавањето на уставните барања на Албанците, министерот Османи и неговата партија ДУИ на своевиден начин се делегитимираат како конструктивни елементи во европскиот пат на Македонија, велат експертите.