Шеесет авиони од 13 земји на НАТО што ќе учествуваат во воената вежба „Постојано пладне“ во наредните две недели ќе му ја демонстрираат на светот нуклеарната способност на НАТО, почнувајќи од денеска
Симулирање воени мисии во кои авиони на НАТО носат американски нуклеарни боеви глави
НАТО денеска почнува со својата сложена годишна нуклеарна вежба. Тоа за јавноста го потврди и новиот генерален секретар на алијансата Марк Руте.
Вежбите ќе се сконцентрирани над Северно Mоре, Британија,
Холандија и Белгија
Борбени авиони Ф-35А и бомбардери Б-52 ќе бидат во борбена состојба заедно со други 60 авиони од 13 земји што ќе учествуваат во вежбата, чии домаќини се Белгија и Холандија.
– Во неизвесен свет, од витално значење е да ја тестираме нашата одбрана и да ја зајакнеме нашата одбрана за нашите противници да знаат дека НАТО е подготвен и способен да одговори на секоја закана – изјави деновиве во Лондон генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по средбата со британскиот премиер Кир Стармер и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Целата вежба особено ќе се фокусира на Обединетото Кралство – Северно Море, но и Белгија и Холандија. Најавено е дека на вежбата нема да се користи боева (вистинска) муниција. Но околу 2.000 лица воен персонал што ќе учествуваат во вежбите ќе симулираат мисии во кои воени авиони носат американски нуклеарни боеви глави. Според официјални претставници на трансатлантската воена алијанса, сложената воена вежба започнува денеска рано наутро и ќе трае околу две недели.
НАТО: Конвенционалното одвраќање секогаш е поддржано со нуклеарното одвраќање
Официјални претставници на НАТО изјавија за медиумите дека овој тип воени вежби, како што е „Постојано пладне“, се исклучително битни за да „се покажат нуклеарните способности на НАТО и да се одврати каков било напад“.
– Ние бараме да ги одвратиме сите противници, а првенствено Русија, на неколку различни начини, вклучувајќи го и конвенционалното одвраќање – изјавија претставници на НАТО во седиштето во Брисел.
Во тој контекст, од нивна страна беше подвлечено дека конвенционалното одвраќање „секогаш е поддржано со нуклеарно одвраќање“, при што беше акцентирано дека „НАТО во моментов е многу фокусиран на обезбедување на кредибилитетот и безбедноста на своето нуклеарно одвраќање“. Р.С.