Симптоматичноста во зачестената употреба на европското знаменце во Собранието, кај закони што немаат голема поврзаност со усогласување со европската регулатива, речиси редовно е забележувана во извештаите на Европската комисија за реформскиот напредок на Македонија, како и во забелешките на Советот на Европа. Како и повеќе закони во неколку собраниски состави (кои предизвикаа контроверзии во јавноста), и измените на Законот за граѓанска одговорност влегоа во собраниска процедура со европско знаменце

Закони со европско знаменце во Собранието

Измените на Законот за граѓанска одговорност, кои се однесуваат на делот за клевета и навреда, освен што предизвикаа силна јавна реакција за инкриминацијата на „негативното мислење“ во првичниот текст на членот 6 од предложениот закон, ја реактивираа и дебатата за (зло)употребата на собраниската алатка „европско знаменце“ во одредување на приоритетноста и итноста на законите за усвојување. Европското знаменце на предлог-законите што влегуваат во собраниска процедура во принцип се однесува на закони што приоритетно треба да се усогласат со европското законодавство, што на некој начин им дава значење на итност. Поради тоа, скратено е времето за собраниска дебата, а наместо во одредени матични комисии според природата на законот, оние предлог-закони што се означени со европско знаменце ја започнуваат својата собраниска процедура на усвојување директно преку Комисијата за европски прашања. Како и повеќе закони во неколку собраниски состави (кои предизвикаа контроверзии во јавноста), и измените на Законот за граѓанска одговорност влегоа во собраниска процедура со европско знаменце.
– Повторно законот е закитен со европско знаме. Неосновано, а вистинската причина не е потребата за хармонизација со европското право, туку дислокација од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, како надлежна за овој закон, во „суперкомисијата“ за европски прашања. Дека нема основа за тоа, доволно зборува следниов податок. Имено, во целиот закон единствено усогласување е со членот 28 од директивата 2010 на Европскиот парламент и Советот. Инаку, се работи за директива на аудиовизуелни услуги. Сега мене навистина не ми е јасно, како може ова да биде алиби за да се најде законот на Комисијата за европски прашања? Кога веќе го споменав усогласувањето, да кажам дека во членот 28 се зборува за остварување на правото на одговор, или правен лек на физичко или правно лице, чии интереси, углед и добар глас се повредени, но се наведува и дека не треба да се наметнуваат неразумни услови и претпоставки. За еден неразумен услов и претпоставка веќе слушнавте, замислете дека може да се најде физичко или правно лице да треба да одговара затоа што критички се однесува кон некого – ги искажа своите аргументи пратеничката Гордана Силјановска-Давкова (инаку универзитетска професорка по уставно право) за неоснованоста на употребата на европското знаменце за конкретниот закон.

Симптоматичноста во зачестената употреба на европското знаменце во Собранието, кај закони што немаат голема поврзаност со усогласување со европската регулатива, речиси редовно е забележувана во извештаите на Европската комисија за реформскиот напредок на Македонија, како и во забелешките на Советот на Европа. Од повеќето закони што беа донесени со европско знаменце, особено контроверзна во изминативе години беше неговата употреба за изгласување на Законот за употреба на јазиците, за кој и Венецијанската комисија се изјасни дека ги надминува капацитетите на јавната администрација за негова примена.
– Во Деловникот на Собранието јасно е наведено кои закони треба да се усвојуваат со европско знаменце, заради усогласување со европското законодавство. Но во практиката, многу често се манипулираат и Деловникот и европското знаменце, само за изигрување на процедурата и политички опортунизам во случај кога на предлагачите на законот им е потребно да заобиколат одредена собраниска комисија, која според природата на законот е надлежна. Со европско знаменце, законот автоматски оди на разгледување во Комисијата за европски прашања, се заобиколува опозицијата, се скратува времето за дебата… и едноставно се камуфлира извртувањето на демократската процедура во Собранието – вели професорката по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска.

Еквилибристиките со европското знаменце во постапката за носење на законите, според Каракамишева-Јовановска, не остануваат незабележани од европските институции, како ни во извештаите на ЕК, но, според неа, и формалното (и брзо) усвојување закони не се одразува во ефикасноста на нивното спроведување.
– Од ЕУ постојано ни укажуваат дека формалната содржина на законот и брзината на неговото усвојување не значат многу ако не се применуваат доследно во практиката. Редуцираната примена на законите не води кон доследност во владеењето на правото. Законите мора да се применуваат онака како што се напишани, зашто недоследно имплементираната регулатива може да предизвика полоши состојби од претходно, што со одредениот закон требало да се надминат и регулираат – вели професорката Каракамишева-Јовановска.