Во потрага по изгубениот спокој

Само што влегов во такси, возачот чудно ме погледна. Од некаде сте ми познат, од каде, не знам, ми дофрли возачот! Кога повикувам такси се јавувам на вашата компанија, досега мислам неколкупати сте ме возеле до град, од таму ме познавате, односно се познаваме, одговорив.
Одејќи кон центарот на градот, возачот се надоврза. Да, така е, сум ве возел двапати, и тоа секогаш кога врне. Немате кола или, ме запраша таксистот? Кола имам, кога врне не сакам да возам, лизгаво е, во магловито време какво што е денес видливоста е намалена. Затоа викам такси, поспокоен се чувствувам кога друг ме вози, изустив.
Умно господине, многу умно. Господине, немојте да ми замерите, пред малку рековте, се чувствувате поспокоен кога друг ве вози! Ми изгледате умен човек, сакам да ве прашам, дали се чувствувате спокоен, не кога сте во такси, туку воопшто во животот. Дали имате денови во кои навистина се чувствувате спокоен, мислам навистина спокоен? Ве прашувам за работи што не треба да ме интересираат, сепак нешто ме тера да ве прашам, дали има денови во кои се чувствувате спокоен?
Има денови кога се чувствувам така спокоен, во други се појавуваат неспокој и извесна загриженост. Вашето прашање е тешко и комплексно, не може да се одговори со да или со не.
Почитуван господине, искрено ќе ви кажам, последниве години се чувствувам загрижен, неспокоен, очаен, изгубив верба во сѐ, ама во сѐ. Господине, ако не го споменевте зборот „спокоен“ немаше да ви поставам вакво неумесно прашање. Си реков, ако има луѓе што се чувствуваат спокојни, можеби во мене е грешката.
Господине, заборавив какво е чувството или состојбата да се биде спокоен! Живеам во драматичен неспокој. А како не би бил? Синот и невестата отидоа на работа во Германија, ќерката во Холандија.
Господине, со нив отиде и мојот, нашиот спокој, на жена ми и мојот. Сега каде да го побараме и да го најдеме нашиот спокој? Господине, ако грешам, кажете ми. На што личиме? На сериозна држава не личиме, на никаква држава личиме. Се плашам да отворам телевизор или да пуштам радио. Ако го направам тоа, ќе треба да гледам и да слушам како Ахмети, Османи, Груби и не знам кој друг слават што Џафери станал прв технички премиер, прв не каков било, прв технички премиер Албанец. Мајко мила, како не им е срам.

Господине, овие заличуваат како вчера да се симнале од шума! Се прашувам дали овие мурдари знаат колку македонски етнички Албанци ја напуштија државата? Дали знаат колку семејства на етнички Албанци од Македонија нивниот спокој го испратија во Германија, Франција, Шведска или Финска? Знаат господине, многу добро знаат. Овде само глумат и неизмерно ги лажат сопствените граѓани. Можеби, господине, ќе речете дека сум „албанофоб“, треба да ми верувате дека не сум. На овие простори со векови живееле Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, живееле, се согласувале, си помагале едни со други. Сега слават дека се избориле за прв технички премиер, етнички Албанец. Комично господине, крајно комично, наедно и трагично. Ако се малку чесни, а не се, барем за милионите што ги украдоа од ова сиромашна држава ќе престанат да играат улога на победници веејќи знамиња на туѓи држави. Затоа, господине, имам уплав да вклучам телевизор или да пуштам радио и да чујам и видам како овие смешни личности си ги лечат фрустрациите и комплексите. Друго објаснување нема, надуени се со комплекси и фрустрации.
Господине, ви се извинувам, половина пат ве удавив со моите глупости. Знам дека зборувам како обична алапача, ама ви реков, затоа што кажавте спокоен затоа почнав вака да отворам уста и да не можам да ја затворам. Мислам, нема да ми замерите?
Пријателе, вие имате право да зборувате, јас со задоволство ве слушам.
Господине, се гледа дека сте човек на место. Штом мене ме разбирате и со задоволство ме слушате, драго ми е што јас ве возам.
Господине, и не се само овие од кои не можам да вклучам телевизор или да пуштам радио. Овие другите, нивните сојузници во власта, на тие господине не можете да им најдете ниту крај ниту почеток. Немаат трошка достоинство, се виткаат како да се од гума направени. Нашите стари велеа треба образ да се има, мислеа на чесност. Овие, господине, во образите се ѓон. Велат ќе направеле коридор десет, потоа коридор осум, ништо, ветер и магла, таму даваат сто милиони, онаму педесет, нѐ возат како сакаат.
Господине, немојте погрешно да ме разберете што реков нѐ возат. Кога јас ве возам со такси вие господине се чувствувате спокоен, нели така рековте? Тие кога нѐ возат добивам шок од нивното возење. Пред некој ден човек од власта, на екранот од телевизорот вели дека неговата партија, мисли на СДСМ, била демократска и го разбира својот коалициски партнер што сака да има технички премиер и таа како сериозна партија им ја исполнила желбата!

Коле Манев: Спокој- непокој

Господине, дали тој од СДСМ знае или не знае дека премиер не се дава или поклонува меѓу коалициските партии. Претседател на држава, претседател на собрание, премиер или пратеници ги избираат граѓаните. Ние ги избираме во зависност од нивната програма што ја ветуваат за реализација. Господине, верувајте ми, ви говорам искрено и од душа, немам против претседател на држава да биде Албанец, претседател на собрание Ром, премиер нека биде Турчин или претставник од која било друга македонска етничка групација, ама под услов да бидат способни, да работат за граѓаните и да бидат чесни кон државата. Не умот да им биде во Приштина, а стомакот во Тирана или во кој било друг град или држава. Од тој момент ѝ забранив на сопругата да вклучува телевизор кога јас сум дома. Во вакви политички состојби спокој колку и да го бараме тешко ќе можеме да најдеме. Често се прашувам дали има излез од оваа хаотична состојба. Господине, дали ме разбирате?
Пријателе, не сум тој што нуди решенија за што било. Но за ова работа ќе има избори, треба сите да излеземе на изборите, секој да си го даде гласот за кого сака и така ние граѓаните ќе одлучиме кому ќе му дадеме да нѐ води кон подобро утре. Ништо не е лесно, но ние граѓаните, без разлика на вера и етничка припадност, имаме во рацете голема сила и треба на изборите разумно да ја искористиме.
Господине, денес се чувствувам како да го почувствував спокојот кога рековте дека има надеж, дека таа надежта е во нас кога излегуваме на избори.