Фото: Архива

Владата на претходната седница го усвои планот за активности што произлегуваат од Стратешкиот дијалог со САД. Со ова го потврдуваме силниот сигнал дека САД се наш стратешки партнер и тоа за нас како држава е од голема важност, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи во Владата.

– Сметам дека предизвиците никогаш не се толку тешки, кога имаме пријатели и партнери. Северна Македонија гледано низ годините наназад се соочи со огромни предизвици, донесе уште потешки одлуки, а поддршката на САД во целиот временски период беше од огромно значење за нас. Нашиот стратешки партнер беше и се уште е наша поддршка за европската перспектива за земјава – рече Ковачевски.

Од голема важност за нас, додаде тој, е безусловната подготвеност и готовност на американската администрација да ги преземе сите неопходни чекори за нашата држава што поскоро да ги заврши преговорите со ЕУ, бидејќи тоа е исто така стратешки интерес и на САД.

– Дијалогот со САД ги опфаќа и актуелните безбедносни состојби, како и соработката на двете земји како НАТО партнери – рече премиерот.

Тој нагласи дека зајакнувањето на билатералните односи со САД значат модерни закони, безусловно независна борба против корупцијата и криминалот, праведно и правично правосудство, но и правна и економска безбедност на нашата држава.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека првата област на интензивирана соработка и приоритетна активност во рамките на планот за активности е владеењето на правото и борбата против корупцијата.

-Утврдивме и посебно поглавје во планот на активности што се однесува на имплементацијата на антикорупциската политика. Предвидени се активности што имаат за цел поддршка на судските реформи, преку споделување на стручно знаење, а се со цел зголемување на кредибилитетот и довербата во судството, рече Османи.

Тој додаде дека е предвидено и зајакнување на соработката во областа на одбраната, сојузништвото во рамките на НАТО и другите безбедносни сегменти.

-Меѓудругото, тоа подразбира одржување заеднички обуки и вежби со САД, како и поддршка и модернизација за опремување на Армијата на Северна Македонија, рече Османи.

Во делот на економската соработка, Османи го истакна планираното воспоставување соработка со Корпорацијата на САД за финанисирање меѓународен развој, што, како што рече е и нашиот долгорочен интерес за отворање на регионално претставништво на оваа институција во Македонија.

– Предвидовме и проекти кои што имаат за цел надминување на енергетските предизвици со кои сите се соочуваме и во таа насока планираме изготвување план за поддршка на енергетска диверзификација. Планираме организирање на голем бизнис форум меѓу двете земји, како и посета на потенцијални американски инвеститори, а ќе се заложиме и за воспоставување директна авиолинија Скопје – Њујорк што има за цел дополнително доближување на земјите и зајакнување на економската соработка и бизнис релациите – истакна Османи.

Османи потсети на американската поддршка за нашиот евроинтегративен процес, регионалните иницијативи кои се иницирани од наша страна како Б6 и И8, како и нашата амбиција за приклучување кон Програмата за глобален влез на САД.

– Веќе се одржа првиот работен состанок меѓу претставници од Северна Македонија и САД, со што практично започнаа и заедничките активности во насока на наше идно приклучување кон програмата за глобален влез на САД. Меѓу клучните придобивки по нашиот прием во програмата ќе биде непречен влез на наши државјани со американска виза во САД без спроведување на вообичаените безбедносни и царински проверки на граничните премини. Во една подолгорочна процедура, во Стратешкиот дијалог се предвидени и активности за усогласување на земјава и достигнување критериуми за влез во програмата Виза вејвер на САД, која на крајот треба да резултира и со воведување на безвизен режим – рече Османи.

Министерот додаде дека планот за активности содржи и проекти кои се однесуваат на културната размена, зајакнувањето на образовната соработка, како и зајакнување на врските меѓу академските заедници, кои се насочени кон унапредување на врските меѓу луѓето и доближување на народите од двете земји.

-Со цел успешна практична имплементација на донесениот План на активности, сите министерства, институции и агенции од земјава кои имаат надлежности во спроведувањето на Планот за активности ќе номинираат лица кои ќе ја следат реализацијата на активностите од нивна надлежност и квартално ќе доставуваат информација за нивниот статус и динамика на реализација до Министерството за надворешни работи како координатор на целокупниот процес – заклучи Османи на заедничката прес-конференција со премиерот Ковачевски, посветена на Стратешкиот дијалог со САД.