Фото: Игор Бансколиев

Македонија во неколку наврати на своја кожа ги почувствува последиците од ветото на најтежок можен начин. Притоа не смее да се заборави и фактот што ветата што ѝ беа наметнати на Македонија од страна на Грција и на Бугарија беа без преседан во меѓународната политика и меѓународното право. Тие се темелеа на идентитетска основа и од нас се бараше и се бара да се откажеме од нешто што е во нашиот генетски и идентитетски код како посебен народ

Дали ветото како алатка во меѓународната политика и дипломатија има иста специфична тежина врз секоја земја врз која се применува или, пак, процените, односот и последиците зависат од склопот на околностите и од геополитичките интереси во дадениот момент. Македонија во неколку наврати на своја кожа ги почувствува последиците од ветото на најтежок можен начин. Практично по пат на невиден притисок, уцена и кршење на меѓународното право бевме принудени да го смениме уставното име на државата, а сега од нас се бара да се откажеме и од идентитетот, јазикот, историјата. Изминатиот период на глобалната политичка сцена е актуелно и прашањето за вето на Турција кон членството на Шведска и на Финска во НАТО. Дали ова вето има иста тежина, дали ќе ги постигне истите ефекти како ветата што се практикуваа и врз Македонија, кои се сличностите, а кои се разликите? Притоа не смее да се заборави и фактот што ветата што ѝ беа наметнати на Македонија од страна на Грција и на Бугарија беа без преседан во меѓународната политика и меѓународното право. Тие се темелеа на идентитетска основа и од нас се бараше и се бара да се откажеме од нешто што е во нашиот генетски и идентитетски код како посебен народ. Од друга страна, блокадата врз Шведска и Финска од страна на Турција е од сосема друга природа и со сосема поинаква специфична тежина. Аналитичарите имаат интересни видувања во однос на сите овие прашања.
Доколку се анализира ветото на Анкара, може да се заклучи дека тоа произлегува од турските интереси, при што Анкара го користи ветото за да оствари одредени безбедносни цели. Универзитетските професори и аналитичарите посочуваат дека Анкара на крајот ќе го отстрани ветото, откако претходно ќе добие гаранции за одредени барања.
Според нашите соговорници, турското блокирање на приемот на Шведска и на Финска во Северноатлантската алијанса треба да се гледа од еден поширок глобален аспект. Впрочем, ветото на Анкара не произлегува од некаков антагонизам помеѓу Турција и Шведска, туку од нарушените политички односи помеѓу Анкара и Вашингтон, а Стокхолм е само колатерална штета. Република Турција во изминатата деценија води независна надворешна политика, а тоа е очигледно од нејзините активности во неколку региони на Блискиот Исток и во Средоземно Море. Истовремено, Турција се обидува да се наметне како крупен играч на светската политичка сцена. Потезите што ги презема Анкара се мотивирани исклучиво од турските интереси, од овој аспект треба да се разбере и блокирањето на приемот на Шведска во НАТО. Во еден период дојде до нарушување на односите помеѓу Анкара и Вашингтон, а тоа беше очигледно кога Република Турција купи руски ракетен систем, поради што влезе во спор со Соединетите Американски Држави.
Антагонизмот уште повеќе се продлабочи кога Вашингтон ја исклучи Република Турција од авионската програма „Ф-35“, еден од најнапредните борбени авиони од петтата генерација. Поради сите овие констелации и нарушени односи произлезе и турското вето за Финска и за Шведска. Експертите и познавачите велат дека Турција како држава го користи ветото исто како што Грција направи во случајот со Македонија, но сепак постои суштинска разлика.
За оваа проблематика, проф. д-р Билјана Ванковска од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вели дека работата е многу едноставна, односно НАТО не може да ја прими Шведска ако која било држава (во случајов, Турција) стави вето.

– Тоа е правилото на консензус во организацијата. Точно е дека има аналогија во делот на противење на една држава-членка, ама не докрај бидејќи противењето на Грција се темелеше на идентитетски основи (кои ги претставуваше како безбедносна закана од наводен македонски иредентизам), додека Турција се повикува на чисти безбедносни причини. Столтенберг неодамна го нагласи тоа на прес-конференција со Борел и со Фон дер Лејен: Турција е држава со најголем број жртви од терористички напади, па затоа е загриженоста – вели Ванковска.
Професорката Ванковска исто така посочува дека не смееме да заборавиме дека до скоро, нашите елити го прикажуваа Преспанскиот договор како нужност заради членство во ЕУ, а НАТО беше само (божем) второстепена цел. Со други зборови, велеа дека до ЕУ се стигнува само преку НАТО. Но многу бргу се покажа дека главната мотивација на Западот за притисокот врз Македонија во однос на Грција беше геополитичка, да нѐ турнат во НАТО (без членство во ЕУ), смета Ванковска.
– Но гледано пошироко, НАТО одамна ја надмина фазата на „формално членство“ и премина кон „фактичко членство“, што беше случај со Македонија, ама уште повеќе со Украина (од 2014 до денес) – вели професорката од Филозофскиот факултет при УКИМ.
Експертите со кои се консултиравме нагласуваат дека клучно во меѓународните односи е водењето самостојна политика, политика што ќе се базира врз принципите на македонските национални интереси, како што впрочем постапуваат и другите држави. Но за да се случи тоа, потребна е функционална држава со силни институции, кои во секоја пригода ќе можат да ги препознаат и да ги бранат интересите на сопствената држава и на сопствениот народ и, секако, ќе бидат подготвени да ги пресретнат, да реагираат и да ги отстранат и сите евентуални стапици и проблеми на тој пат. Д.Ст.