Во европски и во светски рамки, улогата и значењето на пензионерите се одамна препознаени и признаени и тие таму уживаат големи права, добиваат врвна нега и имаат достоинствен живот. За Македонија пензионерите се значајни и од аспект на чувари на македонскиот национален идентитет, јазикот, културното наследство, историските факти, кои од најстарите со генерации им се пренесуваат на помладите. Пензионерите се и столб и поддршка на семејството, преку чување и воспитување на своите внуци, но и друг вид помош
Македонските пензионери го одбележаа вчера својот најголем празник, 20 Септември, Денот на пензионерите, на различен начин, но сепак со една заедничка порака и надеж за подобар и подостоинствен живот. Она што изминатиот период дава посебен белег, кога станува збор за пензионерската проблематика се нивните барања за повисоки пензии, особено за зголемување на висината на минималната пензија, поради зголемените трошоци за живот и растот на инфлацијата, за што има различни предлози како да се постигне тоа. Но пензионерите не ги мачат само ниските пензии, тие имаа и низа други очекувања и барања, во делот на социјалната и здравствената заштита, обезбедувањето лекови, сместувачките капацитети итн.
За предизвиците со кои се соочуваат пензионерите во Македонија побаравме мислења од СЗПМ, како најголема пензионерска организација во државата, од здруженијата што вчера излегоа на протести, од Синдикатот на пензионерите, како и од истакнати експерти за трета доба. Она што може да се извлече како некаков заеднички заклучок е дека пензионерите навистина заслужуваат подобар и подостоинствен живот и мора да се најдат начини да им се овозможи тоа. Дотолку повеќе што токму пензионерите се категоријата граѓани што дале голем придонес за развојот на држава, ги вградиле својот труд, знаење и искуство во секој дел од општеството и како такви се потпора не само за државата туку и за генерации и генерации што живеат крај нив и со нив. Во европски и во светски рамки, улогата и значењето на пензионерите се одамна препознаени и признаени и тие таму уживаат големи права, добиваат врвна нега и имаат достоинствен живот. За Македонија пензионерите се значајни и од аспект на чувари на македонскиот национален идентитет, јазикот, културното наследство, историските факти, кои со генерации од најстарите им се пренесуваат на помладите. Тие се и столб и поддршка на семејството, преку чување и воспитување на своите внуци, но и друг вид помош.
Лоцирање и институционално решавање на проблемите
Од СЗПМ, по повод Денот на пензионерите велат дека протестите се демократско право, но коректното и достоинствено однесување е обврска.
– Покрај другите протестираа и пензионерите. На протестите беа истакнати барања. Некои од нив се нови, а некои се „препишани“ барања, кои досега подолг период се апсолвирани од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија и за истите тие се поведени иницијативи, анализи и темелни согледувања и истите тие се доставени до соодветни министерства и до Владата на РС. Македонија. И покрај тоа, претставниците од тие што протестираат ги прими и разговараше со нив претседателката на Сојузот, Станка Трајкова, имаше и состаноци и контакти и со претседателите на здруженијата на пензионери членки на Сојузот, сѐ со цел проблемите да бидат лоцирани и институционално решени на најдобар начин во полза на пензионерите со изготвувања решенија со кои нема да бидат нарушени редовната исплата на пензиите и исплатата за посмртна помош од солидарниот фонд – велат од СЗПМ.
Оттаму нагласуваат дека како организација поднеле и доставиле до надлежните органи голем број иницијативи и барања за подобрување на животот и стандардот на пензионерите уште пред да има протести.
– Во доставените материјали има барања и предлози за усогласување на пензиите, за одредување на висината на минималната пензија, барања за зголемувања на правата за подобрување на здравствената заштита и друго. Последното барање е до Министерството за труд и социјална политика – Сектор за пензиско и инвалидско осигурување, Скопје, со предлог на лекови за нова позитивна листа, во која се бара да влезат сите лекови за хипертензија, новите лекови за срцева слабост, посовремени лекови за регулирање на шеќерот во крвта, современи лекови за лекување на хронично-опструктивната белодробна болест и асматична патологија, современи лекови за лекување на гастроинтестиналниот тракт, лекови за одржување на невролошкиот систем и други – велат од СЗПМ.
Притоа додаваат дека и покрај протестите, здруженијата на пензионерите и Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија и понатаму ги реализираат програмските определби планирани во програмите за 2023 година. Од најголемата пензионерска организација во Македонија нагласуваат дека Сојузот чекори по предвидениот пат решавајќи им ги проблемите на пензионерите, трудејќи се сите заедно за подобар и подостоинствен живот, но секогаш е присутен и фактот дека едно се потребите и желбите, а друго можностите.
Поголема почит и внимание кон постарите
Пензионери од повеќе градови од државата вчера, на Денот на пензионерите – 20 Септември, излегоа на протест пред зградата на Владата. Нивните барања се линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари, минималната пензија да биде 18.000 денари, како и промена на методологијата за пресметка на пензиите.
Според активистите и експерти за трета доба, пензионерите се многу значајна категорија граѓани бидејќи учествувале во развојот на нашата држава и заслужуваат да имаат пристојни пензии и достоинствен живот, за што се заинтересирани и нивните деца и внуци.
– Треба да се настојува да се создава поголема почит кон постарите, стареењето да биде позитивен предзнак и да се наоѓаат други позитивни решенија за нивниот подостоинствен живот. Многу голем број пензионери водат битка за егзистенција. Впрочем, 170.000 пензионери имаат ниски пензии до 15.000 денари, кои тешко можат да ги покријат високите трошоци за прехранбени продукти, за лекови и комуналии. Со процентуално усогласување на пензиите, јазот помеѓу најниската и највисоката пензија уште повеќе се зголемува и ќе изнесува 1 спрема 7,5 отсто, што не е забележано ниту во една земја во Европа. За решавање слични проблеми во Словенија веќе се подготвува нова пензиска реформа, а сериозни зафати има и во Хрватска, Србија и во други земји во регионот и пошироко. Во некои од нив за ублажување на последиците од кризата со скапотијата веќе се планира линеарно зголемување на пензиите по 20 отсто за сите пензионери – велат експертите и познавачите на пензионерската проблематика.
Од Пензионерскиот синдикат исто така нагласуваат дека нивелирање на пензиите е првата работа што треба да се направи, за потоа да се усогласат другите пензии во согласност со порастот на минималната пензија.
– Пензионерскиот синдикат со своето членување во ФЕРПА (Европската федерација на пензионери и стари лица), со седиште во Брисел, согледа дека во одредени земји минималната пензија е поставена на 45 отсто од нето-исплатената просечна плата и истото тоа се залага да биде пракса и кај нас. Во согласност со податоците од ДЗС и ПИОМ за месец јуни, минималната пензија изнесува 34 отсто (12.493 ден.) од просечната нето-исплатена плата, а доколку биде 45 отсто, таа би изнесувала 16.437 ден. Просечната пензија што во овој момент е помала од минималната плата (19.106 ден.) предлагаме да биде 60 отсто од просечна нето-исплатена плата, односно истата таа да изнесува 21.916 ден. – вели Марјан Спасовски, претседател на Пензионерскиот синдикат на Македонија.
Македонија го помина прагот на демографска старост
aВо пресрет на 1 Октомври, Меѓународниот ден на старите лици, вреди да се потсетиме и на најважните настани од пензионерското организирање во светски рамки.
На 14 декември 1990 година, Генералното собрание на Обединетите нации го определи 1 Октомври како Меѓународен ден на старите лица. На ова му претходеа иницијативи како што е Виенскиот меѓународен акциски план за стареење – кој во 1982 беше усвоен од страна на светското собрание за стареење – и одобрено подоцна од страна на Генералното собрание на ОН. Во 1991 година, Генералното собрание ги усвои Принципите за стари лица на Обединетите нации. Во 2002 година, Второто светско собрание за стареење го усвои Мадридскиот меѓународен акциски план за стареење, за да одговори на можностите и предизвиците на стареењето на населението во 21 век и да се промовира развојот на општество за сите возрасти.
Меѓународниот ден на старите лица секоја година се одбележува со низа манифестации поврзани со старите луѓе. Во последните години одбележувањето се фокусира не само на влијанието на новата урбана средина врз старите лица туку и на влијанието на старите лица кон урбаната средина. Процените се дека со брзото стареење на светот, старите лица ќе заземаат сѐ поголема улога во општеството – преку волонтерска работа, пренесување знаење и искуства, помош за грижа на семејството и зголемување на нивното учество во платената работна сила.
Инаку, пензионерското организирање во Македонија започнува во далечната 1946 година, а моментално во нашата држава има околу 340.000 пензионери.
Македонија неодамна го помина и прагот на демографската старост. Со над 17 отсто старо население над 60 години, според податоците од последниот попис, Македонија го надминува коефициентот на старо население. Според овие податоци, припаѓаме во земјите со висок степен на застапеност на старо население во севкупното население што живее во државата, покажуваат статистичките податоци.