Фото: Игор Бансколиев

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, деновиве го одреди јуни како краен рок до кога треба да почнат преговорите на Македонија со ЕУ. Но ова е само уште една во низата изјави и поставени рокови што доаѓаат од високи европски претставници, без да се прецизира за кого се однесуваат овие рокови, ако се знае дека Македонија уште одамна ги исполни критериумите за членство. Дали роковите што ги споменува Борел се однесуваат и за самата ЕУ, која мора да ги искористи сите механизми и да не дозволи самоволие, немарност и газење врз принципите на меѓународното право, нешто што го прави Бугарија?

Симболиката и значењето на е(вро)зоповските пораки од Брисел

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на неодамнешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата во Брисел го одреди јуни како краен рок за тоа кога треба да почнат преговорите со Македонија и со Албанија, појаснувајќи дека ако и овој рок биде пробиен, тогаш ЕУ ќе влезе во голема криза во односите со Западен Балкан. Ова е уште една во низата изјави и поставени рокови што доаѓаат од високи европски претставници, без да се прецизира на кого се однесуваат овие рокови ако се знае дека Македонија уште одамна ги исполни критериумите за членство и од тогаш чека датум за почеток на пристапните преговори.
Изјавите и роковите што ги даваат и Борел, но и францускиот претседател Макрон и претседателката на Европската комисија, Фон дер Лејен, очигледно не го тангираат вистинскиот виновник за ова пробивање на роковите, односно Бугарија, која и натаму продолжува со политиката на уцени и блокади кон Македонија.
Ако челниците на ЕУ сметаат дека пробивањето и на овој рок во јуни може да ги доведе односите на ЕУ со Македонија и со другите земји од Западен Балкан во криза, тогаш Брисел треба да биде свесен дека токму со својот пасивен однос кон Софија дозволува ЕУ да вплови во води што тука на Балканот многу лесно можат да се разбрануваат. Унијата, ако сака, има механизми да ја принуди Бугарија да ги почитува поставените рокови, било преку замрзнување на средствата од европските фондови било преку забавување на други процеси што се важни за Бугарија.

Добар пример за тоа како можат да се користат европските алатки, кога некој не го почитува меѓународното право даде Меѓународниот суд за човекови права од Стразбур, кој ѝ даде рок на Софија до кога треба да ги спроведе пресудите што пред овој суд ги добија претставниците на македонското малцинство во Бугарија, во спротивно најави исклучување на Бугарија од Советот на Европа.
Истиот принцип треба да го примени и ЕУ ако сака роковите за кои зборува Борел да почнат да се почитуваат и од Бугарија, но и од самата ЕУ, која со секое одложување го губи кредибилитетот на овие простори.
Пораката и роковите треба да се однесуваат исклучиво на Бугарија, која конечно треба да сфати дека не може да ја става во заложништво надворешната политика на Унијата и да ја загрозува безбедноста во овој дел на Европа, особено ако се има предвид дека на европска територија веќе беснее една војна, која многу лесно може да се прелее и на Балканот. Истовремено, роковите што ги споменува Борел се однесуваат и за самата ЕУ, која мора да ги искористи сите механизми и да не дозволи самоволие, немарност и газење врз принципите на меѓународното право, нешто што го прави Бугарија.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски, коментирајќи ја последната изјава на високиот претставник на ЕУ за безбедност и надворешна политика, Борел, вели дека одредувањето рокови е само да се изврши притисок врз Македонија.
– Ќе биде редно Европа да каже што сака со Македонија и од Западен Балкан за повеќе да не се мачиме. Борел одредува рок во јуни, но за земјава повеќе не пали ниту една од заканите што доаѓаат од таму. Очигледно овој рок е поставен за Македонија и е форма на притисок врз земјава и ништо повеќе – смета Боцевски.
Тој смета дека роковите што ги споменува Борел се во насока да се притисне Македонија да ги прифати бугарските уцени.
– Овие рокови се само потсетување дека Македонија треба да попушти во спорот со Бугарија и дека ЕУ на ова гледа само технички. Неа не ја интересира што бара Бугарија, туку бара само решение и тоа е проблемот зошто не се насочува притисокот кон Софија – појаснува Боцевски.
Според него, Бугарија не е ставена под никаков притисок, без оглед што бугарските политичари го тврдат спротивното.

– Ако Бугарија беше под некаков притисок, тогаш ќе ја откажеа Американците посетата на Петков на Вашингтон. Тогаш Бугарија ќе беше во дипломатска изолација, но гледаме дека тоа не е случај. Ако зборуваме за притисок, притисок постоеше кога Македонија требаше да го смени името. Тоа беше вистински притисок. Ова е притисок кон нас – заклучува Боцевски.
Ниту првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски, нема никакви илузии дека во јуни повторно ја очекува Македонија студен туш од Брисел, без оглед на роковите што ги даваат европските челници.
– Убаво е тоа што ЕУ притиска за почеток на преговорите со Македонија и со Албанија и најавува засилени напори за тоа да се постигне и се укажува на последиците, но веќе научивме дека тоа не значи многу и сметам дека нема некаков напредок што води кон надеж навистина да се откочи процесот во јуни – вели Кржаловски.
Според него, ситуацијата во Бугарија е и дополнително влошена, со тоа што премиерот Петков веќе не е најпопуларниот политичар (а не е ни во првите три) според последните анкети деновиве.
– Сè на сè… не гледам елементи за да се надеваме на почеток на преговорите – заклучува Кржаловски.
Изјавата на Борел на својот фејсбук-профил кратко ја прокоментира и професорот и филозоф Љубомир Цуцуловски.
– Жозеп Борел, министер за надворешни работи на ЕУ (како и на други слични работи), изјави дека треба да се изврши силен притисок врз Бугарија и Македонија за побрз влез на Македонија во ЕУ. Притоа, како по обичај, не кажа дали Македонија треба да се притисне за да прекине пред бугарските ултиматуми или и понатаму да попушта. Езоповски, премногу е(вро)зоповски – нема што – прокоментира Цуцуловски.


Европа се расфрла со рокови, ама не ги почитува

Македонија е земја-кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, а од 2009 година Европската комисија дава предлози за почеток на пристапните преговори, што на некој начин може да се толкува како рокови што веќе 13 години ѝ се даваат на земјава, но постојано и постојано се пробиваат.
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во 2019 година го одредуваше јуни како рок кога Македонија треба да ги започне пристапните преговори со Унијата, откако претходно државата го смени името и со тоа ја отстрани грчката блокада. Но откако и овој рок беше пробиен, Меркел го посочи септември како краен рок кога Бундестагот ќе ја започне процедурата за отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
По 16 години владеење со Германија, Меркел ја напушти функцијата и на заминување ќе изјави дека ЕУ мора да си го одржи зборот, а не постојано да излегува со нови услови, повторно и повторно затоа што нема интерес да ги прими Македонија и Албанија.
Рок за почеток на пристапните преговори на земјава даде и францускиот претседател Емануел Макрон, откако претходно го блокираше отворањето преговори со Македонија заради воведување нова преговарачка методологија. Тој минатата година постави два рока, едниот 14 декември, до кога треба да се реши проблемот со бугарското вето, и вториот до 31 декември, кога Македонија треба да ги започне пристапните преговори.
Рокови даваше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која во септември најавуваше преговорите да почнат што поскоро.
По сите овие зададени и пробиени рокови, македонската јавност не очекува ништо ниту од овој јунски рок што го споменува Борел бидејќи Македонија веќе се навикна на разочарувањата и празните ветувања што стигаат од Брисел.