Фото: ЕПА

Анемичната дипломатија и покорниот однос нè ставаат во подредена улога

Она што е повеќе од јасно е дека вината за целата оваа ситуација треба исклучиво да се бара во лошото менаџирање на дипломатијата, олицетворена во актуелниот министер Бујар Османи, кој по линија на помал отпор сите овие години буквално прифаќаше сè што ќе предложат странците, без оглед дали тоа се коси со националните интереси, а уште повеќе дали задира во идентитетските чувства на македонскиот народ. Тој попустлив однос на сеприфаќање едноставно ја насочи меѓународната заедница да притиска само врз Македонија бидејќи почувствува дека тука може да ги оствари зацртаните планови

Откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, го одложи гласањето за потребата за носење уставни измени со кои е предвидено вклучување и на Бугарите во македонскиот устав, се отвори нова временска рамка и простор, во кои повторно земјава е нападната од странски емисари што отворено притискаат промената на Уставот да се случи што поскоро.

И по тајни, но и по јавни канали пораките што секојдневно стигаат од Брисел и Вашингтон се исти – дека Македонија е таа што треба да попушти и да ги спроведе уставните измени ако сака да чекори напред на патот кон ЕУ.

Во таа насока може да се протолкува и посетата на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, на земјава, а не е исклучено во следниот период да биде реализирана нова посета и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, чии екскурзии во Скопје станаа редовна практика секогаш кога Македонија треба да направи нова отстапка.

Бугарија си гледа сеирлак!?

И додека сиот притисок сега е насочен врз земјава, Бугарија мирно од страна чека разврска на целата ситуација со уставните измени бидејќи, како што претходно изјави бугарскиот претседател Румен Радев, тоа е само првиот чекор во сето она што Македонија ќе мора да го исполни кон Софија. А листата на услови и барања е мошне долга и така конципирана за на крајот да се дојде до посакуваната цел – целосно бришење на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура и замена со бугарскиот.

Она што е повеќе од јасно е дека вината за целата оваа ситуација треба исклучиво да се бара во лошото менаџирање на дипломатијата, олицетворена во актуелниот министер Бујар Османи, кој по линија на помал отпор сите овие години буквално прифаќаше сè што ќе предложат странците, без оглед дали тоа се коси со националните интереси, а уште повеќе дали задира во идентитетските чувства на македонскиот народ. Преговорите со Софија ги држеше во најголема тајност, за на крајот на граѓаните да им црта на табла што договорил.

Тој попустлив однос на сеприфаќање и исклучување на поширокото општество од сите клучни прашања важни за државата, едноставно ја насочи меѓународната заедница да притиска само врз Македонија бидејќи почувствува дека тука може да ги оствари зацртаните планови, без оглед колку да се погубни по македонскиот идентитет и колку да се спротивни на волјата на мнозинството граѓани.

Кога официјалната македонска дипломатија не знае да застане во одбрана на државните интереси и да побара сите овие емисари што доаѓаат во земјава да појдат и во Бугарија и да притиснат и таа да ги промени Уставот и пристапот кон македонското малцинство, реагираат сите оние што сакаат Македонија на достоинствен начин да стане дел од Европа.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), водечката организација на Македонците надвор од Македонија, испрати писмо до американскиот заменик-помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар, и побара тој да се залага за правата на Македонците во Бугарија и да ја посети Софија веднаш по посетата во Скопје.
– Повторните еднострани притисоци и уцени кон Македонија не создаваат клима за добрососедски односи во регионот – се вели во соопштението на ОМД.

Понатаму уште се додава дека Бугарија има 14 пресуди од европскиот Суд за човекови права за дискриминација на македонското малцинство во Бугарија.
– Следствено, ОМД бара реципроцитет: доколку САД и ЕУ бараат уставни промени од Македонија, тогаш е сосема логично и Бугарија да го признае македонското малцинство. Хипокритично е да се бара заштита на правата на малцинствата кај членка кандидат, а да се занемаруваат правата на малцинствата во полноправна членка како што е Бугарија. Бугарија треба Македонците да ги стави во својот устав – се наведува во писмото на ОМД до Ескобар.

Вакви барања за реципроцитет стигаат од целото македонско општество, од професори, интелектуалци, културни дејци, бизнисмени, сите со порака и Бугарија да покаже гест на добра волја за да можат односите меѓу двете земји да тргнат во насока на вистинско пријателство и соработка, наместо како сега, да бидат на најниско ниво.

Странците најдоа погоден „материјал за обликување“

Дел од луѓето со кои разговаравме, а кои се повеќе години во дипломатијата, сметаат дека сето ова е резултат на лошото водење на дипломатијата последните години, која наместо да се бори за националните интереси, прифаќа сè што ќе ѝ кажат однадвор и мисли дека така добива повеќе поени.
– Таквиот вазалски однос е погоден за да се изврши притисок за секое барање, колку и да е тоа неразумно. Притисоците врз Бугарија не дадоа плод затоа што таму сите, без оглед дали се во власт или опозиција, имаат единствен зацементиран став кон Македонија и успеаја тој негаторски став кон сето она што е македонско да ѝ го наметнат и на ЕУ и тоа да се претвори во критериум за преговори. Нашата дипломатија мораше да одговори многу порешително на сите притисоци и да стави јасна граница под која нема да помине. Така сите ќе знаат дека притисокот нема да има ефект, но очигледно министерот Османи повеќе сака да им се додвори на странците прифаќајќи сè што тие ќе кажат отколку да се грижи за достоинството на своите сограѓани Македонци – наведуваат нашите соговорници.

И професорката Мирјана Најчевска смета дека притисокот е само врз македонската страна бидејќи тука гледаат соодветен материјал што може да се обликува според нивните потреби.
– Сите овие посети што доаѓаат од страна ме наведуваат на онаа „дека патот до пеколот е поплочен со добри намери“. Лично мислам, или сакам да мислам, дека сите овие луѓе што доаѓаат од страна имаат добра намера, ѝ сакаат добро на Македонија и се обидуваат да направат нешто во насока на поттурнување на Македонија на тој пат кон ЕУ, меѓутоа можеби, ако погледнеме од друга страна, тоа е одговор на она што го гледаат овде – истакнува Најчевска.

Таа смета дека во одреден период Македонија имала сојузници меѓу земјите на ЕУ, но поради нашиот однос на постојано попуштање се сменил и односот на странците, па наместо да ја притискаат и Бугарија се фокусираа само врз нас.
– Како што се повлекуваа нашите политичари од каква било дебата, каков било разговор во врска со барањата на Бугарија, и како ги поставуваа сите работи или ќе се прифати една линија или ние остануваме надвор од она што претставуваат евроинтеграциски процеси, така се менуваше и настапот на луѓето што доаѓаа од страна. На тој начин тие заклучија дека станува збор за обичен пазар, дека станува збор за на ти го – дај ми го, и дека со еден обичен притисок врз едната страна може да се постигне на наједноставен или на најпрост начин да се направи таа промена и да се помрднат работите од мртва точка – појаснува Најчевска.

ЕУ и САД можат да ја притиснат Бугарија, но не го прават тоа

Професорката за сето ова прстот го вперува и врз ЕУ и САД бидејќи создале небалансирано влијание врз Македонија и Бугарија.
– Притисокот го насочија само врз Македонија. Во почетокот имаше посети и во Софија, имаше притисок врз Бугарија, имаше начини на кои ЕУ може да влијае да дојде до поместување на одредени несоодветни дејствувања, активности од страна на бугарските функционери и бугарските власти. Пополека сето тоа се повлече и се престрои само кон Македонија. Тој дебалансиран пристап создаде привид дека сè зависи од македонските власти, дека тие треба да попуштат. Значи треба да попуштат Македонците и да прифатат нешто и кога ќе го прифатат тоа нешто, ќе тргнеме кон ЕУ – констатира Најчевска.

За неа нема никаква дилема дека ако странците сакаат да извршат притисок врз Бугарија, тоа можат да го сторат во било кое време.
– Секогаш може да се изврши притисок и врз Бугарија, на пример, за реализирање на пресудите од Меѓународниот суд за човекови права. Постојат начини, како што на времето беше извршен притисок врз Грција, која се противеше во името на нашата држава воопшто да го има зборот Македонија. Но тогаш беше извршен притисок од САД и сега зборот Македонија го имаме во името. Во државотворството, во правото, во политиката, никогаш не е или ќе биде или нема да биде. Тоа се процеси, има гибања, има нагорни и надолни линии, сега во моментот сме во надолна линија и кога си во надолна линија запираш малку да видиш каде си и на што си и почнуваш широка расправа. Вистинска пречка за нашиот пат кон ЕУ не се уставните измени, туку борба со корупцијата, владеење на право и демократски институции. Тоа е вистинска пречка, тоа е вистински проблем на што ние треба да се посветиме, сè друго се само моментални препреки за кои можат да се најдат алтернативни решенија, дека можат да се најдат меѓу државите од ЕУ-поддржувачи што би можеле да застанат на страната на Македонија и да извршат притисок и врз Бугарија – посочува професорката Најчевска.