Безграничните форми на внатрешен политички притисок врз македонските граѓани за уставните измени

Постојано во текот на овој едногодишен период од лансирањето на францускиот предлог за менување на македонскиот устав, сосема недискретно албанскиот политички фактор во земјава се обидува да отвори некаква „Пандорина кутија“ со етнички уставни побарувања, како потсетување за нејзиниот потенцијал за дестабилизација на Македонија. На таа албанска „Пандорина кутија“ неодамна во своја изјава потсети и градоначалникот на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари

Откако започна собраниската процедура за бараните од ЕУ (во име на Бугарија) уставни измени што треба да ги направи Македонија, се добива впечаток дека во јавниот простор се активирани сите форми (иако веќе познати) и застрашувачки наративи за иднината, како форма на внатрешен политички притисок врз македонските граѓани, кои повеќе од 80 отсто се изјаснуваат против отворањето на Уставот. Всушност, постојано во текот на овој едногодишен период од лансирањето на францускиот предлог за менување на македонскиот устав, сосема недискретно албанскиот политички фактор во земјава посегнува по „Пандорината кутија“ со етнички уставни побарувања и прекројувања, како потсетување за нејзиниот потенцијал за дестабилизација на Македонија.

До кога со безбедносни закани?!

На таа албанска „Пандорина кутија“ неодамна во своја изјава потсети и градоначалникот на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.
– Ние како партија имаме конзистентен став по ова прашање и ќе ги поддржиме, но мислам дека ако не успеат уставните промени, во Македонија ќе се отвори Пандорината кутија. Во тој случај мислам дека ќе се отворат многу проблеми што можеби тлеат кај луѓето и кај политичките партии, кои досега не се кажани, а можеби во наредниот период ќе бидат кажани. А Алијанса за Албанците ако не поминат уставните промени, нормално ќе си има своја стратегија како понатаму ќе продолжиме со својата стратегија – рече Таравари, како одговор на новинарско прашање на настан организиран во неговата општина.

Оваа претпоставка на Таравари за „тлеечки неискажани проблеми“ некако се надоврзува на пораката со заплашувачки карактер неодамна, и тоа од собраниската говорница на независниот пратеник Скендер Реџепи-Зејд, кој во своето обраќање на пленарната седница за уставните измени ламентираше во сил на отворен сецесионистички истап дека „албанските општини во земјава би можеле сами да си го најдат патот кон ЕУ доколку не бидат изгласани уставните измени“.

Ваквите „нестрпливи пророштва“ за влез во ЕУ на претставници од албанскиот политички фактор, од друга страна во политичката јавност во Македонија легитимно ги предизвикуваат прашањата: дали ова значи дека албанската малцинска заедница во земјава со закани се обидува да го принуди македонскиот народ на нови идентитетски отстапки, додека самата не е подготвена да направи и најмала отстапка? На пример, да го прифати хрватскиот модел на Уставот и со тоа Македонија да излезе како победник од целата ситуација? Има ли основа за нови дестабилизирачки закани и колку се тие реални?

Недозреани политичари и зелени политички изјави

– Реално, ваквите несмасни изјави на албанските политичари во Македонија, во моментов немаат ни потенцијал, ни аргументи да бидат закана, а ценам дека немаат ниту вистинска намера за дестабилизација. Само уште еднаш потврдуваат дека албанскиот фактор во Македонија е нечувствителен за прашањата што ги загрижуваат Македонците, како мнозински и државотворен народ во Македонија, по пред сѐ како сограѓани и соседи со кои со векови заеднички живеат. На овој начин само го изразуваат повторно она што ѝ е познато на македонската јавност, дека Албанците во Македонија немаат проблем со деградирањето на македонскиот идентитет со отворањето на Уставот. Напротив, во тоа гледаат шанса за своите етничко-уставни амбиции. Тие знаат дека штом (ако) ќе се отвори македонскиот устав да се внесат Бугарите во него, нема да остане само на тоа. Впрочем, цело време претставници од албанскиот политички фактор, погласно или потивко, инсистираат да се искористи моментот за внесување на Бугарите и за отстранување на уставната категорија „20 отсто“ за албанскиот јазик. Ако таквата нивна позиција може да се нарече притисок, тој сепак не е за Бугарите во Уставот и нестрпливоста да влезат во ЕУ (зашто, Македонците, наводно, ќе ги закочат со идентитетската пречувствителност), туку пред сѐ за албанските амбиции за уште поунапреден меѓународноправен статус што ќе се преточи во внатрешното право, односно во македонскиот устав, при што ќе се загуби унитарноста и ќе се промени карактерот на државата – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.

Во јавниот простор е лиферувана албанската дилема „дали ќе профитираат Албанците од уставните промени“?

Додека политичарите од албанскиот блок во Македонија говорат за „пандорини кутии“ и други метафори за да ги искажат познатите етнички барања, одредени албански интелектуалци тоа го прават директно, без вербални обланди и ракавици, отворено порачувајќи дека Албанците треба да профитираат од отворањето на Уставот заради внесување на Бугарите.
– Отворањето на Уставот, заради внесување на Бугарите во него, не треба да се пропушти, туку да се искористи и Албанците да станат државотворен чинител. Нивната инфериорна уставноправна позиција треба да се измени што поскоро и тие да бидат свои во својата пелазго-илирска земја. Албанците треба да се ослободат од чувството на страв и инфериорност да не ја надразнуваме македонската страна со своите барања. Ние сме на својата земја, во својата куќа и на својот албански етнички простор. Затоа не треба да има страв ниту жалење кон македонската страна кога се знае нивната историја. Албанците ќе постигнат победа над Македонците и ќе ги остварат своите цели и барања, само ако се обединат во остварувањето на својот колективен национален интерес – пишува д-р Метуш Сулејмани, професор по социологија на Државниот универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Дали ќе профитираат и Албанците од уставните промени во Македонија?“