Што советуваат психолозите за подобро здравје кај возрасните?

Со моите написи во „Нова Македонија“ се трудам да ги информирам читателите за нови сознанија од областа на медицината и психологијата, се со цел – збогатување на знаењето и свртување внимание на битни работи во секојдневниот живот, а кои не се поврзани со политиката и актуелните неубави случувања. Ако ова мое пишување делумно ја постигне целта, ќе бидам многу среќна и задоволна.
Токму во почетокот на април годинава излезе напис во едно американско списание, кој ќе се потрудам да им го пренесам на нашите читатели. Имено, уште во почетокот психологот, кој е автор, нагласува дека постои голема разлика од станувањето стар до станување стар со радост!? Всушност, разликата е во некои навики што имаат многу битно значење во овој неизбежен процес. Ќе наведам десет од навиките што се битни повозрасните луѓе да ги прават среќни и да им помогнат успешно да се справат со стареењето, кое е неминовно кај сите. Овие навики се потврдени како позитивни во психолошката наука, затоа не сомневајте се во вистинитоста.
1. Вежбајте да бидете благодарни. Оваа навика не се состои единствено во вашето „благодарам“ упатено на луѓето што ќе го ценат тоа. Еден познат психолог нагласил дека благодарноста е начин луѓето да го ценат она што го имаат наместо секогаш да посегнуваат по нешто ново со надеж дека тоа ќе ги направи посреќни. Со оваа навика се потврдило дека нивото на среќата се зголемува за 20 отсто. Кога редовно практикувате благодарност, веројатно ќе ги препознаете позитивните аспекти на стареењето наместо да се задржувате на негативните. Оваа навика може да ви помогне да поставите позитивен тон за вашиот ден и да го зголемите вашето расположение.
2. Останете активни. Ова е многупати потврдено од страна на многу научници, но и во секојдневната практика. Телото што се движи останува активно! Редовната физичка активност ѝ помага не само на физичката туку и на менталната функционалност. Тоа не значи да се вежба во вежбалница или на некоја посебна справа, туку да се танцува, плива, да се работи во градината, да се пешачи со пријателите. Ќе се чувствувате старо толку колку што на тоа мислите!
3. Прифатете ги промените. Многувековното искуство нè учи на концептот на непостојаност – разбирање дека сè постојано се менува и ништо не трае вечно. Тоа е сурова и искрена вистина, која може да биде тешко прифатлива. Сепак, прифаќањето на непостојаноста може да ја промени насоката во нашата потрага по среќа како што старееме. Наместо да се спротивставиме на промените или да се држиме до начинот на кој работите беа порано, внимателноста нè охрабрува да го прифатиме и цениме сегашниот момент каков што е. Со прифаќање на промените како природен дел од животот, можеме да научиме полесно да се приспособуваме и да ги намалиме стресот и анксиозноста, кои често доаѓаат со неизвесноста. Да се прифати непостојаноста не значи да се откажеш или да станеш пасивен. Тоа значи да се препознае дека промената е дел од животот и да се научи да се живее во хармонија со неа.

Не анализирајте ги брчките на вашето лице, тие се неизбежни, туку обидете се да ја прифатите непостојаноста на вашиот ум, уживајте во моментот, адаптирајте се на промените, најдете мир во неизвесноста на животот токму на вашата возраст.
4. Одржувајте ги социјалните врски. Науката и повеќевековното искуство потврдиле дека луѓето се социјални суштества. Затоа, одржувајте ги вашите социјални врски и во староста. Познатиот психолог Бандура нагласил: „За да успеат, на луѓето им треба чувство на самоефикасност, да се борат заедно со издржливоста за да се сретнат со неизбежните пречки и нееднаквости на животот“. И ништо не гради издржливост како силна социјална мрежа. Одржување блиски врски со семејството, поминување време со пријателите, присуство на настани во заедницата, дури и само разговор со вашиот сосед преку оградата – овие социјални ангажмани може значително да ја подобрат вашата среќа како што стареете. Неодамнешната пандемија на ковид-19 најмногу ја загрози оваа наша навика, зашто станавме отуѓени, изолирани и осамени.
5. Научете да оставате сѐ да тече… Ова наизглед е понекогаш контраинтуитивна мисла – среќата не е да стекнете, туку да се ослободите. Знам дека звучи контрадикторно. Честопати сме научени да се држиме, да се бориме, никогаш да не се откажуваме. Но, вистината е дека постојат работи во животот без кои би биле посреќни. Психологот Карл Роџерс еднаш рекол: „Необичниот парадокс е дека кога ќе се прифатам себеси таков каков што сум, тогаш можам да се променам“. Ова прифаќање исто така вклучува прифаќање дека постојат одредени работи, чувства или дури и луѓе од кои треба да се ослободиме за обезбедување сопствен мир и среќа.
6. Вежбајте самочувство. Како што старееме, лесно е да станеме наш најсуров критичар. Може да се задржиме на грешките од минатото или да се грижиме за иднината. Но, едно нешто што треба да запомниме – моќта на самосочувство. Сочувството кон себе вклучува да се однесуваме кон себе со истата љубезност и разбирање што би му ги упатиле на добар пријател. Станува збор за признавање на нашите несовршености, прифаќање на нашите грешки и разбирање дека секој доживува тешкотии. Една едноставна практика е да зборуваме љубезно со себе, особено во тешки моменти. Наместо да бидеме груби или осудувачки, можеме да си понудиме зборови на утеха и охрабрување. Никој не е совршен. Сите правиме грешки и се соочуваме со предизвици. Но, ако се однесуваме со сочувство наместо со критики, може многу да ја подобриме нашата среќа, особено кога старееме.
7. Продолжете да учите! Иако со учењето сме завршиле одамна, тоа не значи дека треба да престанеме да сознаваме нови работи, да учиме нови рецепти, да стекнеме нови хобија.

Зошто да губите време постојано докажувајќи колку сте одлични, кога би можеле да станете подобри? Овој цитат преземен од психологот Карол Двек совршено ја доловува суштината на доживотното учење. „Не станува збор за докажување нешто некому. Станува збор за личен раст, љубопитност и радоста на откривањето. Чувајте го тој ваш ум љубопитен. Нурнете во книги, одете на часови, истражувајте нови идеи. Како што стареете, ќе сфатите дека континуираното учење не само што го одржува вашиот ум бистар, туку носи и чувство на достигнување и среќа“.
8. Прифатете ја несовршеноста. Ова е можеби тешко залаче за проголтување? Живееме во свет што постојано нѐ турка да се стремиме кон совршенство. Но, еве една нефилтрирана вистина – совршенството е илузија. Обидувањето да направите сè совршено, само ви предизвикува да се чувствувате фрустрирано и несреќно кога работите не одат според планираното. Мудрите зборови на психологот Брене Браун помагаат да се видат работите поинаку. Таа рече: „Несовршеностите не се несоодветност; тие се потсетници дека сите сме во ова заедно“. Прифаќањето на вашите несовршености не значи дека ќе престанете да се обидувате да се подобрувате. Тоа значи разбирање дека е во ред да се прават грешки, да се има мани и да се биде човек. Го отстранува огромниот притисок од обидот да бидете „совршени“ и ви овозможува да најдете среќа во тоа да бидете автентично – вие. Како што стареете, прифаќањето на вашите несовршености може да доведе до посочувствителен и исполнет живот. Не е лесно, но дефинитивно вреди.
9. Прифатете ја осаменоста. Тоа не значи да се затворите херметички! Идејата е во наоѓање рамнотежа и да се научите да ги цените моментите на осаменост. Карл Јунг, влијателниот психолог, ја истакнал важноста на осаменоста кога рекол: „Осаменоста не доаѓа од тоа што нема луѓе околу нас, туку од тоа што не можеме да им ги пренесеме работите што се чинат важни за нас или од држењето до одредени ставови што другите ги сметаат за недозволиви“. Со возраста често доаѓа до подлабоко разбирање за себе. Прегрнувањето на моментите на осаменост ви дава можност да размислите за вашите искуства, мисли и чувства. Тоа е можност за самооткривање и личен раст. Одвојувајте малку време за себе секој ден. Уживајте тивко во шолја чај. Размислете за вашите мисли. Или едноставно седете во тишина. Ќе бидете изненадени од тоа како овие моменти можат да придонесат за вашата среќа додека стареете.
10. Смејте се почесто! Мислам дека е вистинска старата изрека – смеата е најдобриот лек. Смеата е моќен противотров за стрес, болка и конфликт. Може да ги олесни вашите товари, да инспирира надеж и да ве поврзе со другите. Освен тоа, ве држи приземјени и промовира позитивен, оптимистички поглед. Познатиот психолог што го преживеал холокаустот Виктор Франкл рекол: „Никогаш немаше да успеам ако не можев да се смеам. Ме извлече моментално од оваа ужасна ситуација, доволно за да може да се живее“. Вградувањето на хуморот и смеата во секојдневниот живот може значително да ги подобри вашето расположение и целокупната благосостојба. Значи, без разлика дали тоа е преку смешен филм, шеги со пријателите или дури и смеење на сопствените грешки – погрижете се често да се смеете.
И да заклучиме, стареењето може да носи свои предизвици, но исто така дава можности за зголемена среќа и исполнетост. Со вклучување на овие дневни навики во вашиот живот, можете да стареете со благодат и да уживате во позадоволен, мирен и среќен живот.

Запомнете, не станува збор за правење драстични промени прекуноќ. Започнете со мали промени. Изберете една или две навики на кои ќе се фокусирате и постепено додавајте повеќе, сѐ додека ви е удобно. Клучот е конзистентноста. Со текот на времето, како и вежбањето, овие навики можат да станат природен дел од вашата секојдневна рутина.
Ако сте заинтересирани да нурнете подлабоко во мудроста на источната филозофија и внимателноста, ќе научите како да живеете со максимално влијание и минимално его.
Запомнете, стареењето не значи дека вашата среќа треба да се намали. Всушност, со правилни навики, може дури и да се зголеми. Еве начин како да станете постари и посреќни!