Фото: Игор Бансколиев

Министерството за правда се очекува неделава да ги објави имињата на експертите кои ќе бидат дел од работната група за уставни измени, откако минатата недела беа објавени имињата на претставниците на политичките партии и институции кои ќе бидат дел од ова тело. Работната група, пак, се очекува да се состане при што ќе ги формулира предлозите, по што за нив ќе се отвори јавна дискусија. Шефот на дипломатијата Бујар Османи во петокот изјави дека Бугарите во македонскиот Устав можат да бидат впишани единствено како дел од бугарскиот народ и никако поинаку, отфрлувајќи ја можноста формулацијата „македонски Бугари“ да влезе во Уставот.

Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела најави дека наскоро Министерството за правда ќе ги објави имињата на експертите од академската фела кои се занимавале со уставна проблематика во пракса.

-Во однос на комисијата, таа веќе е во процес на формирање во Министерството за правда, кое ги објави експертите од политичките партии. Во текот на наредниот период тие ќе ги објават и експертите кои доаѓаат од академската фела, доминатно и од стручната, односно оние кои се занимавале со уставната проблематика во пракса и откако тоа ќе го направи Министерството за правда, ќе започне практичната работа на Комисијата која треба да ги изработи амандманите и коишто потоа ќе бидат доставени до Владата и ќе влезат во собраниска процедура, рече Ковачевски на прес-конференција во четвртокот.

Во однос на барањето на Македонците – муслимани да влезат во Уставот, премиерот рече дека тоа исто така ќе биде работа на комисијата, бидејќи не се работи само за едно барање, туку за повеќе барања.

Постапката за уставни измени, според Ковачевски, треба да почне и тој верува дека Собранието има демократски капацитет за овој процес. Во однос на противењето на опозицијата за уставните измени, Ковачевски вели дека опозицијата многу често ги менува своите ставови.

-Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник, така да не е релевантен да зборува за тоа прашање, а и многу често ги менува своите ставови. Прво кажуваше дека го поддржува Договорот со бугарскиот премиер во тоа време, потоа дека не го поддржува, потоа со премиерот Петков кажа дека поддржува уставни измени, па потоа рече дека не поддржува, потоа рече дека ако некој негов пратеник гласа за уставни измени ќе даде оставка, па им земаше нотарски изјави на пратениците дека нема да гласаат, за потоа да каже поддржуваме уставни измени, но по хрватски модел, па по три дена повторно рече дека не поддржуваат уставни измени, изјави Ковачевски.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ најави дека работната група за уставни измени ќе се состане по празниците и ќе ги формулира предлозите, по што за нив ќе се отвори јавна дискусија.

-Jа користиме комплетната временска рамка што ја имаме и поаѓаме од една претпоставка дека сите ќе се постават одговорно и на ниво на задачата и државнички во овој процес. Министерството за правда ги покани и партиите и експертите да номинираат свои претставници. Најголем дел го сторија тоа. Веднаш по празниците ќе има состанување и формулација на предлозите за уставни измени. По таа формулација очекуваме да има и јавна дискусија и потоа да влезе во Собранието, рече Маричиќ минатата недела во интервју за Студио 10 на ТВ 24.

Досегашното искуство, како што посочува Маричиќ, покажува дека ваквите обврски, ако се остават, стануваат потешки.

– Притоа мора да имаме предвид дека оваа година е клучна за решавање на одредени прашања во регионот. Затоа има притисок и за решавање на проблемот со Косово и состојбата во Црна Гора. Следната година е изборна и во ЕУ и ќе им треба шест месеци за распоредување на новите европски институции, вели Маричиќ.

Затоа, додава Маричиќ, во работната група треба да се разговара како рационално и најразумно да ги предложиме уставните измени за коишто можеме да добиеме пакет од 80 пратеници. Смета дека тоа е возможно доколку фокусот е на она што ни е обврска од Преговарачката рамка и францускиот предлог.

-Знам дека ќе се отвораат и други прашања сигурно бидејќи политичките партии тоа го најавија и легитимно е да се отвораат. Секоја партија има право да отвори прашања, кога се отвара крупна работа како Уставот, но сметам дека најдобро би било ако тие прашања ги оставиме да ги решаваме во некоја подоцнежна фаза, а сега се фокусираме како да добиеме 80 пратеници за додавање во Преамбулата на делови од цногорскиот, хрватскиот и бугарскиот народ, вели Маричиќ.

Според Маричиќ, со додавање на други заедници во Уставот нема да се наруши унитарноста на државата.

И заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ минатата недела изјави дека внесувањето на другите народи во Преамбулата на Уставот нема да го загрози идентитетот на македонскиот народ.

– Жалам што опозицијата не прифати да учествува во работната група за уставни измени. Предлагач на уставните измени е Владата. За да дојде текстот во Собранието, некој треба да го подготви, да го даде на Владата и таа да го предложи во Собрание, рече Аврамовска-Мадиќ.

Во однос на работната група за уставни измени, таа истакна дека се очекува наскоро таа да се комплетира со експерти и да ги утврди начинот и методологојата на работа.

Во однос на работната група за уставни измени, таа истакна дека се очекува наскоро таа да се комплетира со експерти и да ги утврди начинот и методологојата на работа.
– Собранието доколку се произнесе дека има потреба од отворање на Уставот, односно има 80 пратеници, процедурата за уставните измени ќе продолжи во Комисијата за уставни прашања. Ние ќе и оставиме на работната група да се произјасни за она за што сметаат дека треба да влезе во измените, рече Аврамовска Мадиќ.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во петокот на заедничката прес-конференција со неговиот шпански колега Хосе Мануел Албарез Буено во Скопје, рече дека уставните измени се точно прецизирани во потпишаниот Протокол со Бугарија, како ќе изгледаат и каде ќе биде позицијата на Бугарите во Уставот.

-Така што и за Комисијата, што е формирана во Министерството за правда, ќе биде многу лесна работата, затоа што само треба да го земат Протоколот, таму пишува точно каде што се спомнати останатите етнички заедници, после запирката пред други, треба да се впишат и заедниците кои ќе бидат додадени – Хрвати, Бугари, исто како и останатите, не може да има разлика од тоа како се впишани другите, рече Османи, во одговор на новинарско прашање во врска со одредени изјави кои доаѓаат од Бугарија, коишто се толкуваат дека Бугарите треба да бидат впишани како македонски Бугари во Уставот.

Османи се осврна и на наводното барање Софија да биде вклучена во процесот на впишувањето на Бугарите во Уставот.

-Тука сакам да се надоврзам на тоа дека имаше одредени шпекулации дека Милков во НАТО барал од мене да бидат дел од комисијата. Сакам и тоа да го расчистам бидејќи немав прилика. Тоа што Милков ми го кажа на церемонијата за подигање на финското знаме, беше дека наводно слушнале шпекулации и дека ние сме презентирале на одредени држави формулации за уставните измени бидејќи сакаат и тие да бидат информирани исто така, за да нема недоразбирање. Тоа беше неговиот коментар, на што јас му одговорив дека прво, не е точно дека некому сме презентирале затоа што комисијата се уште не е состаната. Второ, дека не може да има недоразбирање, затоа што точно во Протоколот стои како ќе изгледаат уставните измени, и во кои делови од Уставот, и трето, дека ќе има јавна дебата за тоа, па сите ќе бидат подеднакво информирани, рече Османи.

Според потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев, дел од функционерите и раководството на ВМРО-ДПМНЕ испраќаат сигнали на поддршка за уставните измени.

– Нашите пратеници комуницираат со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Меѓутоа, добар дел од нив и од раководството на партијата, вклучително и еден скопски градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, испраќаат позитивни пораки на различни средби и на средби со дипломати. Испраќаат позитивни пораки и на места, настани и во разговори со луѓе за кои претпоставувам дека знаат дека ќе стигнат до нас. Тоа се охрабрувачки информации каде што тие се свесни дека ова е нешто што треба да го направиме за да го продолжиме европскиот пат. Очекувам во одреден момент тие луѓе да истапат и јавно и да дадат поддршка, рече Богоев во интервју за неделникот „Фокус“.

Измените на постојниот Кривичен законик во однос на насилството врз новинари се во собраниска процедура и тие треба да бидат усогласени со целосно новиот кривичен законик, кој веќе постои во

Партиите за членови во работната група за уставни измени ги предложија Цветанка Иванова од СДСМ, Арбр Адеми од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса на Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партијата на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократската партија на Турците.

Од институциите предложени се Александар Спасов од Кабинетот на претседателот, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.

Ова работно тело е задолжено од Владата да ја подготви Предлог иницијативата за потребата од уставни измени. Владата е предлагач на уставните измени. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието. Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови, информираат од Министерството за правда.

Претседателот на државата Стево Пендаровски минатата недела нагласи дека ги поддржува уставните измени, но напомена дека не е оптимист за договор меѓу политичките партии околу промените на Уставот.

-Ако кажам дека сум песимист, а сум, бидејќи тоа една година го зборувам во континуитет, пак некој ќе ми замери од Владата и ќе рече дека треба да правам атмосфера во која ќе напредуваме. Многу внимателно ги слушам сите политичари во Македонија што зборуваат јавно на таа тема. Кој е тој што ќе рече дека тука има некаков простор во кој можеме да се договориме. Јас не го гледам тој простор. Јас сум за уставни промени, не утре, туку денес, но како со сила да ги натераме тие луѓе да гласаат?, рече Пендаровски минатата недела.

Тој оцени дека опозициските партии, пред сѐ ВМРО-ДПМНЕ, „тераат партиска политика, а не државна политика“ и оти, како што рече, сакаат прво да дојдат на власт, а потоа да размислуваат за две третини.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, минатата недела при посета на Зрновци на прашање од новинарите за негов коментар за уставните измени, повтори дека за него тоа е завршена работа и нема што да коментира.

По Велигденските празници, пратениците утре треба да се вратат на работните обврски. Првата пленарна седница, според веб страната на Собранието, е закажана за 19 април, а до крајот на месецот има закажано само уште една седница на 27 април која е посветена на пратенички прашања.

На дневен ред на 111. седница, која треба да се одржи во среда, се 33 точки меѓу кои предлог-одлуки за измена на одлуките за избор на претседател и членови на комисиите на Собранието, Комисијата за избори и именувања, Комитетот за односи меѓу заедниците и на Националниот совет за евроинтеграции.

Пратениците треба да ги разгледаат и Предлог-дополнувањата на Законот за возила, Предлог-измените на Законот за Управата за јавни приходи и на Законот за интероперабилност во железничкиот систем.

На оваа пленарна седница се и Предлог-измените на Изборниот законик, поднесени од „Левица“, како и две предлог-измени на Законот за субвенциониран студенски оброк од кои едните поднесени од пратеници од СДСМ, а другите од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.