Незадоволството на балканските лидери изразено на вчерашниот самит на ЕУ во Брисел е меѓу главните теми во водечките светски медиуми, откако евроинтеграциите на регионот останаа заглавено поради неможноста за надминување на бугарското вето кон Македонија. „Политико“ наведува дека лидерите од Западен Балкан се лути по самитот, а „Ројтерс“ пишува оти заминале од самитот со празни раце.
– Самитот на ЕУ и балканските лидери не успеаја да дојдат до напредок во однос на застојот во пристапниот процес за Македонија и Албанија, дури и кога се очекуваше Украина официјално да стане кандидат за членство во европскиот блок – се вели во анализата на „Политико“.
Настрана од одлуката за Украина, лидерите на шесте балкански држави – Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија изразија незадоволство оти преговорите со ЕУ не почнале или се во застој, и тоа неколку години откако добија ветувања за евентуално членство.
ЕУ, пак, го повтори ветувањето дадено пред речиси две децении да им се даде членство на балканските држави откако ќе спроведат сериозни економски, судски и политички реформи. Но ветото на Бугарија од 2020 остана на сила, блокирајќи ги пристапните преговори за Македонија, истовремено задржувајќи ја и Албанија.
– Од една заедничка визија и заедница, ЕУ стана инструмент за поединечни членки да запрат нешто. Приказната со Бугарија е срамота. Едната земја наметнува нешто свое, а другите 26 не можат ништо да направат околу тоа – изјави Рама во Брисел.
Холандскиот премиер Марк Руте истакна дека би можело да дојде до решение следната недела, што се однесува на надежите оти бугарскиот парламент ќе се одлучи да го поддржи кревањето на ветото кон Македонија.
„Ројтерс“ потсетува дека Франција и Холандија долго го кочеа процесот на проширување на ЕУ, нагласувајќи ги стравувањата дека избрзаниот прием на Романија и Бугарија во 2007 година и лошото управување со миграцијата на работната сила од Источна Европа што придонесе за влошување на мислењето за ЕУ меѓу Британците.