Илустрација: „Нова Македонија“

Суровите и жестоки реакции во македонската јавност (во медиумите, на социјалните мрежи), како своевиден континуитет на протестите пред институциите што се одржуваа речиси две седмици, како и со слична таква жестокост на реакциите на некои од граѓаните што ги поддржуваат францускиот предлог и протоколот, ги доведуваат јавноста и граѓаните до впечатокот дека спротивностите се продлабочуваат, нетолерантноста и емоциите преовладуваат и дека работите забрзано се движат надолу и тонат во спиралата на бесперспективност заради пакетот на кризите што се испреплетуваат: политичка, економско-финансиска, социјална и можна безбедносна криза. Општествениот јаз се продлабочува и треба точен и јасен патоказ за брз излез од актуелната ситуација

Впечатокот на јавноста како последица на континуираните жестоки амбивалентни судири за усвоените француски предлог и протокол

Денеска во Брисел се одржува првата меѓувладина конференција на Македонија со Европската Унија. Премиерот Димитар Ковачевски на македонски јазик ќе ја прочита отворачката изјава, а веднаш потоа, според тврдењата на шефот на дипломатијата, Бујар Османи, ќе почне скрининг-процесот, кој ќе трае година и половина. Според досегашните стандарди на ЕУ, тоа би требало да значи отворање на преговорите на Македонија за членство во Унијата. Но во нашиот (интегрален македонски случај) тоа значи сѐ, само не нормален политички состанок, на кој треба да бидат објавени заклучоци за тоа што треба да се направи за вистински да започне процесот.

Што ја обележува првата меѓувладина
конференција, а што е услов за втората

По завршувањето на првата меѓувладина конференција на Македонија со Европската Унија, според министерот за надворешни работи, инстант и последователно ќе започне „скринингот“ што ќе трае одреден период. Ако е тој во согласност со критериумите на ЕУ (а посебно со критериумите на нејзината членка – Бугарија), понатаму, во иднина, се предвидува и втора меѓувладина конференција, на која треба да се комплетира фазата за отворање на преговорите. Меѓутоа, нејзиното одржување е условено со уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во Уставот.
Денешната прва меѓувладина конференција на претставниците од македонската влада со претставници на ЕУ се случува по изгласувањето (во саботата, на 16 јули) на заклучоците од страна на Собранието за т.н. француски предлог на преговарачката рамка, (т.е. насоки како своевидни црвени линии за Владата во процесот на преговорите), како и потпишувањето на протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија, наредниот ден (17 јули) во Софија од министрите за надворешни работи, Бујар Османи (Македонија) и Теодора Генчовска (Бугарија).
Иако од претставниците на македонската влада се повторуваат уверувањата дека протоколот не е дел од преговарачката рамка, се очекува дека во заклучоците од првата меѓувладина конференција токму тој да биде внесен како услов – препорака за Македонија.


За и против

Изгласувањето на францускиот предлог за преговарачката рамка со 68 гласа во македонското собрание, а и потпишувањето на протоколот беше причина за извонредно жестоки реакции во македонската јавност (изјави во медиумите, на социјалните мрежи), како своевиден континуитет на протестите пред институциите што се одржуваа речиси две седмици. Реакциите не стивнуваат и во голема мера се длабоко поделени во однос на аргументите дали со потпишувањето на овие документи практично е дадена македонска согласност за „бугаризација преку европеизација“.


ПРОТИВ

Поголемиот дел од реакциите се израз на загриженост и револт за непринципиелноста на ЕУ што ги дозволува, односно ги легитимира бугарските асимилаторски тенденции спрема Македонија, како европски критериуми во процесот на преговорите.

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска, откако детално го прочитала протоколот, вели дека е тој е срамен и понижувачки.
– Го прочитав Протоколот. Страшен е и понижувачки и неприфатлив. Немам живци сега да ставам детална анализа. Ќе го направам тоа штом ќе ми престане аритмијата. И не. Не смееше ваков документ да потпише ниту еден министер од С. Македонија. А најмалку етнички Албанец. Срамно! – напиша Најчевска на својот фејсбук-профил.

Историчарката Наташа Котлар -Трајкова реагира на изјавата на министерот Османи, на презентацијата на протоколот со Бугарија, кој вели дека: „Историчарите, а не политичарите ќе одлучуваат за историските прашања и за учебниците“.
– Значи, оваа изјава е тешка демагогија, безобразна манипулација, невиден цинизам, огромно незнаење за нештата, но затоа намерно и конкретно искажана! Господине надворешен, ИСТОРИЧАРИТЕ не одлучуваат, тие истражуваат, проучуваат, докажуваат, утврдуваат, толкуваат, изнесуваат и настапуваат пред јавноста, пишуваат, односно вршат научна дејност. И низ тој процес, на постојано синтетизирање, анализирање и докажување, низ дијалектичкиот процес создаваат наратив, содржина за одредени процеси, настани, случувања, кои потоа се преточуваат во образованието, во учебници и учебни помагала. ПОЛИТИЧАРИТЕ се оние што прават компромиси или преземаат насилнички постапки и притоа одлучуваат. Оние, неколкумина луѓе по вокација историчари и што ви се нафатиле да бидат во Комисијата, ниту го имаат легитимитетот од институциите во кои работат, ниту струковото (научното) здружение ги делегирало, ниту катедрите, ниту имаат соодветна стручност за темите по кои дискутираат! Тие не ги претставуваат македонските историчари, ниту можат, иако сакаат! Тие се ваши избраници по идејна, пријателска или друга ненаучна кауза! Со ова вие ја засегнувате научната автономија (светска, европска придобивка) и воведувате инквизиција, заради фалсификување на македонската историја и самобит! – порачува професорката Наташа Котлар-Трајкова.

Филозофот Љубомир Цуцуловски во своја објава на социјалните мрежи се обидува да ги дефинира човечките својства на пратениците што гласаа во Собранието за францускиот предлог.
– Како да се наречат, односно кои својства можат да им се припишат на оние што гласаа во Собранието за францускиот предлог? Подлост, глупост, предавство, гниеж, трулост, нискост? Што и да се каже, кое било својство/предикат да им се припише не ќе може да ја долови/изрази нивната стварна природа, бидејќи сѐ кај нив е под нивото на кое било човечко својство, па што и да се каже ќе се погреши. Затоа, во многу свои текстови инсистирав дека ни оддалеку не е достигнато дното на дното, бидејќи Македонија и нејзиниот народ не се наоѓаат во провалија, која, колку и да е длабока, сепак има дно, има некаков свој крај. Македонија со децении се наоѓа во бездна, која (по дефиниција) е бескрајна и неискажлива. За неискажливото, пак, не може ништо да се каже. Што и да се каже, не ќе се долови суштината на овие суштества – пишува Цуцуловски.

Колумнистот и политички аналитичар Ивор Мицковски се осврнува и ја критикува изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој по гласањето во Собранието за францускиот предлог изјави: „Денеска победи Европска Македонија и прогресивните сили во земјата“.
– Честито, победи системскиот криминал и корупција, благодарение на децениска негрижа, никогаш разбудена државничка и национална свест, елементарно отсуство на одговорност.
Сѐ што се било и се заборавило, сѐ што не се научило и се упропастило, сѐ што сами си избришавме без нешто ново и поквалитетно да додадеме, сѐ тоа сме ние.
Празна, скршена и трула школка каде што маскираната во демократија мафија е власт, а мизерниот народ е поткупен или уценет со сопствената морална, духовна и материјална небитност и нискост. Едно големо Потемкиново село кое се лаже и го лажат дека некаде ќе отиде како држава, општество или култура. Ќе отидат само прогресивните сили, останатите ќе скапуваат во едното општество за сите – пишува Ивор Мицковски.

Адвокатот Александар Тортевски иронично ги коментира историските одредби од протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија.
– Многу смешно ќе биде ако треба заедно да го славиме 11 Октомври – коментира Тортевски.
За случувањата во Македонија поврзани со евроинтеграциите што се случуваа минатиот викенд, на Твитер коментираа и заинтересирани личности од регионот. Во еден твит се констатира: „Ниту една земја не се деградирала себеси во поновата историја како Македонија. Воопшто според дефинициите на Хобс и Русо, таа веќе не е држава, за жал.“
Во сличен контекст е твитот на Бранимир Јовановиќ.
– Протоколот помеѓу Македонија и Бугарија е трагедија за Македонија и срам за Бугарија и ЕУ. Се состои од ревизија на историјата и релативизирање на бугарското фашистичко минато, притоа целосно игнорирање на македонското малцинство во Бугарија. Ако ова е цената за влез во ЕУ, едноставно е превисока – пишува Јовановиќ.
Во мини-дебата пред гласањето во Собранието и потпишувањето на протоколот, водечката македонска експертка за ЕУ-интеграција, Малинка Ристевска Јорданова, му одговори на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој ја обвини дека имала политичка агенда.
– Точно е, имам политичка агенда – таа е онаа неспорната, заедничката, приоритетната, на сите досегашни влади: Македонија – членка на ЕУ. Не ме чуди што министерот Османи бега од аргументирана дебата за тоа како и каква членка на ЕУ, кога ни етикета не знае да стави – му одговори Ристевска Јорданова на Османи, кој се обиде да ја дискредитира преку ТВ-интервју.

Новинарот Атанас Кировски констатира дека „ЕУ за нас е само илузија за некаква посакувана цел“.
– ЕУ за нас е само илузија за некаква посакувана цел. Бездруго не е тоа што сме го замислувале. Да сме оделе напред кон ЕУ? Пред скоро 100 години другите југословенски народи ни признаа право на посебност како македонска нација и македонски јазик, и ни овозможија да ги негуваме. И постигнаа заедно со нас цел свет тоа да ни го почитува. Скоро 100 години потоа, ние „одиме напред“ кон нешто што не ни го признава идентитетот и јазикот… Не е само Бугарија. Бугарија е ЕУ, за жал. Ако ЕУ нема капацитет да се избори со ваков ретрограден шовинизам во своите редови, и условува ние да им ги правиме ќефовите на шовинистите за да воопшто почнеме да разговараме со нив за прием, за какви тоа европски вредности се залагаме? ЕУ со сите сили работи на европскептицизам на Западен Балкан со ваква политика. Но тоа е нивни проблем. Наш проблем е да си го зачуваме достоинството! – пишува Кировски на Фејсбук.

Пратеникот во Европскиот парламент од редовите на Зелената партија, Рајнхард Бутикофер, се срами од постојаното предавство кон Македонија од страна на ЕУ. Тој смета дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која беше во Скопје кога започна собраниската расправа за францускиот предлог, е само фасада за реалниот однос кон Македонија.
– Многу ми е срам поради континуираното предавство на Македонија од страна на ЕУ. Зборовите на Фон дер Лејен не можат да бидат доволно слатки за да го премачкаат ова – порачува Бутикофер, коментирајќи го експертот за проширување, Гералд Кнаус, кој вели дека прифаќањето на францускиот предлог нема да овозможи влез на Македонија во ЕУ.


ЗА

Во македонската јавност се забележани и ставови на интелектуалци и политички субјекти што сметаат дека ова е „придвижување на евроинтеграциите“ на Македонија за постигнување на долгопосакуваниот стремеж на земјава, без оглед на сите нестандардни условувања во европските документи, според кои, ќе се спроведуваат преговорите со ЕУ.

Лидерот на партијата ЛДП, Горан Милевски, во подолго обраќање на социјалните мрежи, вака (конечно) го образложи својот став кон францускиот предлог.
– Во согласност со заклучоците кои ги усвои Централниот одбор на партијата, НЕ даваме поддршка, но нема да бидеме ниту ПРОТИВ и кочничари на процесот, бидејќи друга алтернатива освен ЕУ немаме. Затоа на седница на Владата, НЕ можам позитивно да се изјаснам за ваков почеток на преговорите, од сомнежот кој ЕУ оправдано го остави кај мене, од нивните досегашни колебања, лаги и ветувања кои ја оставија Македонија 17 години во чекалницата на ЕУ. Дали треба во овој момент ЛДП, ДОМ и ДС да ја напуштат Владата и да предизвикаат политичка криза, покрај постојната економска, енергетска, здравствена криза и моменталното толку силно изразено руско влијание во државата?
Одговорот и на ова прашање е НЕ, бидејќи граѓаните не заслужија дополнителни да им го компликуваме животот, а Владата треба да има целосен фокус на амортизирање на последиците од економската криза. Исто така важна причина за оваа одлука е наелектризираната атмосфера во општеството која ќе доведе по едни избрзани избори, кои би се организирале наесен, идната влада да биде заложник на руските сили кои ќе ѝ нанесат само зло на државата, а тоа не смееме да го дозволиме – пишува Милевски.
Интелектуалците принципиелно немаат етничка обоеност, ниту пак даваат такви коментари, бидејќи широчината и длабочината на нивниот интелект не дозволува автоерозирање на нивните искажани ставови заради некаков етнички предзнак. Сепак, некои интелектуалци, без воздржување ги критикуваат „Македонците за хистерија“.

Ејуп Бериша, поранешен политички советник на еден од поранешните претседатели на Македонија, во својата колумна, порачува дека Македонија „треба да го спушти опашот и без двоумење да ја прифати поканата за влез во ЕУ.“
– Наместо да правиме лудило во внатрешнополитичките текови во земјата, треба да се спушти опашот и без двоумење да се прифати поканата за влез во ЕУ. Мораме да прифатиме дека ние немаме никаква сила и влијание во политичките текови во Балканот и во светот – вели Ејуп Бериша.

Професорката на тетовскиот универзитет, Беса Арифи, „македонската хистерија“ ја експлицираше во своја колумна.
– Во државата се шири хистерија во врска со францускиот предлог. Преовладува наративот дека кога бугарската заедница ќе се внесе во Уставот, голем дел од населението ќе биде регистрирано како бугарско, а државата ќе се подели меѓу Албанија и Бугарија. Како верува во таков наратив и зошто хистеризира поради тоа еден народ, кој има своја држава, свој јазик, свој идентитет, земја-членка на НАТО?… Во 2017 година истите хистеричари организираа протести, кои кулминираа со терористички напад врз уставниот поредок под изговор дека државата ќе се подели според Тиранската платформа. Сега повторно наратив дека државата ќе се подели, овој пат меѓу Бугарија и Албанија. Секогаш се случува поларизација кога се потпишуваат важни договори: притоа, едни се виновници и дежурни предавници, а други се продаваат како патриоти. Меѓутоа, кога се потпишувале таквите договори земјата само напредувала, никогаш не назадувала. Кога се постигна Охридскиот договор, политичкиот говор беше многу сличен на сегашниот. И тогаш од една страна имаше патриоти, а од друга предавници, кои им „дадоа многу“ на Албанците. Неверојатно е со колкава леснотија се шират стравот и неизвесноста во оваа држава секогаш кога треба да се донесат важни одлуки. Овој страв и неизвесност се присутни секогаш, за секој важен договор што се потпишува во државата. Секогаш невидена хистерија, која ги тресе дури и оние што веруваат во напредок и европски вредности. Овој наратив има цел да му се спротивстави на зачленувањето во Европската Унија, тоа не е приоритет на една добро дефинирана структура во државата… – пишува Арифи.

Потпретседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, смета дека и уставните промени што се бараат за внесување на Бугарите во Уставот ќе бидат лесно исполнети, иако тој смета дека може да се проблематизира со тоа што АА би го условила со отстранувањето на дефиницијата 20 отсто за Албанците.
– И лидерот на македонската опозиција неколкупати потенцираше дека не му пречи да се отстранат 20 отсто, доколку има согласност и ние секако дека ќе одлучиме, не велам да биде како услов, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Во согласност тоа ќе донесеме одлука, но мислам дека на секој начин ќе инсистираме да се отвори Уставот и да се отстранат тие 20 отсто… Има простор додека да стартуваат преговорите. Кога ќе има потреба за уставни измени, состојбата добро да се изменаџира од власта, од владејачките партии, со цел да се постигне компромис и да се дојде до бројка од 81. Јас и понатаму мислам дека уставните измени ќе бидат направени – смета Таравари.


Компромисот на Османи?!

Најакутните предизвици за македонските евроинтеграции содржани во протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство можат да бидат сублимирани во точките: вклучување во Уставот на бугарскиот и другите народи што живеат на територијата на Македонија; забрзување на работата на Историската комисија; справување со говорот на омраза; чествување на заеднички историски настани и личности, промена на содржини во учебниците по историја и географија…
Технички, протоколот е записник од вториот состанок на мешаната македонско-бугарска меѓувладина комисија, чија цел е спроведување и унапредување на Договорот за добрососедство, но тој имплицитно ќе стане дел од преговарачката рамка, кога ќе биде внесен во заклучоците од првата меѓуваладина конференција.
– Имавме три важни прашања за нас, и тоа – јазикот, историските прашања да не бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата и да почнат преговорите сега. Трите ги добивме. Република Бугарија доби условување на втората меѓувладина конференција со уставни измени. Тоа е компромисот – изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, на претставувањето на протоколот.