ФотоИлустрација: Пиксабеј

Првата моја посета како претседавач со ОБСЕ ќе биде на Украина, најави денеска на брифинг со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи.

– Планирам првата посета како претседавач на ОБСЕ да ми биде Украина, затоа што реков Украина веројатно ќе го доминира претседавањето иако се надевам дека ќе се сменат околностите во текот на годината, па ОБСЕ ќе има една поинаква улога во воспоставувањето на мирот и прекинување на агресијата. Меѓутоа планирам некаде во средина на јануари првата поасета да ми биде Киев, откако ќе ги презентирам на 12 јанаури во Виена приоритет ите на претседавањето – рече Османи.

Османи потсети дека во моментов во Украина нема мисија на ОБСЕ затоа што Русија стави вето на мисијата, а земјава како претседавач ќе треба да најде начин повторно да ја врати Организацијата во Украина.

Според него, сега ќе треба вештина, ќе треба дипломатија, активност како сите различни ставови различни да се претворат во одлуки коишто ќе бидат важни за одржување на организацијата.

– Мислам дека нема таква дилема дали ОБСЕ треба да постои, и САД и Русија и Азербејџан и Ерменија сметаат дека ОБСЕ треба да постои – рече Османи.

Османи ги објасни сложените меѓународни односи, нарушената безбедносна архитектура на Европа и, како што рече, активната воена агресија на една земја – членка врз друга земја – членка на Организацијата како посебен предизвик за враќање на функционалноста на самата организација.

– И тоа не е лесно. Тоа е многу тешко, и да бидам вака директен – тоа е најтешката работа во политиката. Да најдете начин да убедите две страни на дијалог, на разговор и во обичниот живот е тешко, а во политиката уште потешко. Но, секогаш има едно но; колку и да се страните заробени во своите политички ровови, обичните луѓе, граѓаните, цивилите – тие сакаат мир и стабилност. И тоа е нашата почетна позиција – луѓето; за луѓето се работи. Ако треба ќе одиме директно на терен кон луѓето за да ја земеме таа порака и да ја внесеме во дипломатските релации, во меѓународните односи – рече Османи.


Над 70 министри ќе дојдат на завршната конференција во рамки на претседавањето со ОБСЕ

ОБСЕ-претседавањето ќе заврши со најголемата конференција што била некогаш организирана во Македонија. Над 70 министри за надворешни работи ќе дојдат во Скопје, од министерот за надворешни работи на САД, на Русија, на сите европски земји, на азиски земји, информира на денешниот брифинг министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој најави дека претседавањето со ОБСЕ ќе не чини пет милиони евра.

Подготовките, како што рече министерот, веќе ги имаат сериозно почнато, бидејќи ОБСЕ има одреден правилник за стандардите коишто треба да се исполнат. Османи посочи оти сметаат дека СЦ „Борис Трајковски“ може да ги задоволи безбедносните потреби за одржување на оваа конференција.

– Тоа не се пари за пиар. Претседавањето со ОБСЕ ќе заврши со најголемата конференција која било кога е организирана во земјава. Над 70 министри за надворешни работи ќе дојдат тука. Ние немаме ни соодветен објект во кој може да се организира тој настан, но решивме дека со соодветни доградувања може да се одржи во салата „Борис Трајковски“.  Ние немаме ни доволно возила да ги превеземе високите гости и сега бараме начини како да го организираме тоа. Придобивките од претседавањето се поголеми од овие трошоци и во оваа голема инвестиција сме влегле свесно бидејќи е голема промоција за државата – рече Османи.

Министерот сепак смета дека придобивките од самото претседавање ќе бидат многу поголеми отколку трошоците што ги имаме.

– Верувајте ние трошоци имаме секојдненво. Ние имаме голема мисија во Виена, над 11 луѓе можеби секој од нив троши толку годишно во смисла на станови, во смисла на плати, меѓутоа ова е инвестиција во којашто свесно сме влегле и ова е престиж и големо признание за државата. 56 земји да ве изберат со консензус вие да ја претседавате организацијата во најтешката година за организацијата е голема привилегија и можност. Така да, ќе има големи трошоци по пат, ќе се обидеме да бидат минимални, меѓутоа да, ќе има трошоци – рече Османи.

Тој додаде и дека бараат начини како да најдат спонзори по однос на возилата за министрите, за да немаме трошоци. Некои трошоци, вели, ќе зависат од тоа дали ќе најдеме спонзори или нема да најдеме.

– Околу пет милиони евра се предвидени во буџетот. Првично ние побаравме осум затоа што сметавме дека пет може да се потрошат само за настанот. Министерството за финансии ни скрати три, ни даде околу пет милиони вкупно. Е сега ние ќе треба да се адаптираме во рамки на тие средства со настаните и пред се со конфернцијата – заклучи министерот Османи.