Кисинџер тврди дека САД треба да бараат „рамнотежа меѓу себе, Русија и Кина“. Овој термин се однесува на „еден вид рамнотежа на моќта, притоа прифаќајќи ја легитимноста на понекогаш спротивставените вредности“. Но тој наедно истакнува дека „ако верувате дека крајниот резултат од вашите напори мора да биде наметнување на вашите вредности, тогаш мислам дека балансот не е возможен“

Хенри Кисинџер, бардот на американската
дипломатија, дециден

Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер во интервју за „Волстрит журнал“ изјави дека проширувањето на НАТО требало да се запре во Полска, а Украина да го заземе местото во односите меѓу Русија и Западот што го имала Финска.
Според интервјуто за „Волстрит журнал“, Кисинџер смета дека било „грешка што НАТО ѝ сигнализираше на Украина дека на крајот, голема е веројатноста Украина да ѝ се приклучи на Алијансата“.
„Мислев дека Полска – како и сите традиционални западни земји што беа дел од западната историја – беа логични членки на НАТО“, изјави тој во интервјуто. „Бев за целосна независност на Украина, но чувствував дека нејзината најдобра улога е нешто како Финска“, додаде Кисинџер.
Вака, како што се одвиваат работите, Кисинџер смета дека „Вашингтон во моментов е на работ на војна со Москва и со Пекинг“.
„Ние сме на работ на војна со Русија и со Кина поради прашањата што делумно ги создадовме, без никаков концепт за тоа како би завршило ова или концепт каде треба да нѐ доведе“, изјави тој во интервјуто за „Волстрит журнал“.
„Не можете сега да кажете дека ќе ги разделиме и ќе ги свртиме еден против друг. Сè што можете да направите е да се спречи да не ескалираат тензиите и да не се создаваат опции, а за тоа мора да имате одредена цел“, додаде Кисинџер.
Според Кисинџер, Украина е „збир на територии што некогаш биле припоени кон Русија, а кои Русите ги гледаат како свои, иако ’некои Украинци‘ не го прават тоа. Стабилноста би била подобра како тампон меѓу Русија и Западот“, тврди тој. Сепак, како резултат на руската „специјална воена операција“ во Украина, Кисинџер смета дека ситуацијата е променета. „Сега верувам дека, вака или онака, формално или не, Украина треба да се третира како членка на НАТО по ова“.
Кисинџер тврди дека САД треба да бараат „рамнотежа“ меѓу себе, Русија и Кина. Овој термин се однесува на „еден вид рамнотежа на моќта, притоа прифаќајќи ја легитимноста на понекогаш спротивставените вредности“, објасни Кисинџер. „Затоа што ако верувате дека крајниот резултат од вашите напори мора да биде наметнување на вашите вредности, тогаш мислам дека балансот не е возможен“.
Кисинџер ја опиша одлуката на Русија да испрати војници во земјата во февруари како мотивирана од сопствената безбедност, бидејќи членството на Украина во НАТО ќе го премести оружјето на Алијансата на 500 километри од Москва. Спротивно на тоа, паѓањето на цела Украина под руско влијание нема да придонесе многу за „ублажување на историските европски стравови од руска доминација“.