Нефункционалната демократија во државата, блокираното Собрание и Владата со кревко мнозинство се најдобрата потврда дека на земјава ѝ е потребен целосно нов изборен модел, кој ќе овозможи гласот на граѓаните вистински да се вреднува и да се добијат функционални институции што ќе носат одлуки во сеопшт интерес и, се разбира, во интерес на државата. Досегашните обиди на помалите партии да ја протуркаат иницијативата за една изборна единица завршуваа неуспешно, без оглед на многуте ветувања на поголемите партии дека Изборниот законик ќе се менува, за на крајот да се констатира дека е доцна за такво нешто и дека ќе треба да се почека на некој следен изборен циклус. Сега се нудат корекции во делот на родовата еднаквост
Жените политичари потемелни од мажите политичари за преземање одговорност
за општествено прогресивни системски промени
Денешниот Меѓународен ден на жената, 8 Март, се одбележува низ светот со различни настани и манифестации, а во Македонија овој ден се користи повторно да се актуализира темата за измени на Изборниот законик, па во светлината на денешниот ден посебен фокус се става врз делот на родовата еднаквост, односно поголема застапеност на жените при изборот на советници, пратеници, министри и градоначалници.
Токму за ова неодамна говореше премиерот Димитар Ковачевски, кој соопшти дека се подготвуваат измени и дополнувања на Изборниот законик во насока на постигнување целосна родова еднаквост на листите за пратеници и советници, воведување квота од 30 проценти од помалку застапениот пол, за избор на градоначалници, потоа изгласување родово сензитивен деловник за работа на републичкото собрание до крајот на оваа година, како и измени и дополнувања на Законот за влада, преку воведување најмалку 40 проценти жени во извршната власт.
Од коалицискиот партнер на СДСМ, ДУИ, велат дека од нивна страна има поддршка за измени на Изборниот законик и на Законот за влада во делот на унапредување на родовата еднаквост, но се противат на какви било други интервенции.
Новиот министер за правда Кренар Лога рече дека испратил писмо до опозициската ВМРО-ДПМНЕ со барање од оваа партија да делегираат свој претставник што ќе учествува во работната група што ќе работи на измените на Изборниот законик.
– Уште вториот ден откако стапив на функцијата министер за правда испратив писмо до ВМРО-ДПМНЕ да делегира свој претставник во работната група за изработка на нов Изборен законик. Верувам дека опозициската партија ќе го направи тоа, за да се комплетира работната група и да се одржи конститутивната седница – појасни Лога.
Од најголемата опозициска партија негираат дека добиле каква било покана од новиот министер за учество во работната група, но додаваат дека и тие се за целосна родова еднаквост и за натамошна борба за правата на жените.
Оваа постојана заложба за поголема застапеност на жените во политиката најчесто се манифестира во пресрет на Меѓународниот ден на жената, за потоа повторно да се заборави на родовата еднаквост.
Политичарките се решителни дека родовата еднаквост е само едно камче во мозаикот наречен „Промени на Изборниот законик“
Нефункционалната демократија во државата, блокираното Собрание и Владата со кревко мнозинство се најдобрата потврда дека на земјава ѝ е потребен целосно нов изборен модел, кој ќе овозможи гласот на народот вистински да се вреднува, а граѓаните да добијат функционални институции што ќе носат одлуки во нивен интерес и во интерес на државата.
Досегашните обиди на помалите партии да ја протуркаат иницијативата за една изборна единица завршуваа неуспешно, без оглед на многуте ветувања на поголемите партии дека Изборниот законик ќе се менува, за на крајот да се констатира дека е доцна за такво нешто и дека ќе треба да се почека до некој следен изборен циклус.
Партиите што ги предложија измените на Изборниот законик, Демократски сојуз и ДОМ, веќе немаат никакви сомнежи дека со години се предмет на обична манипулација од страна на поголемите партии, па првата во знак на револт веќе ја напушти владејачката коалиција разочарана од празните ветувања, додека ДОМ даде рок од 100 дена да се реализира иницијативата за една изборна единица, во спротивно и таа најави дека ќе ја напушти власта.
Повеќе од очигледно е дека актуелниот изборен модел ги фаворизира двете најголеми партии во македонскиот блок, како и едната во албанскиот, не оставајќи никаков простор граѓаните да имаат поголем избор и да можат да гласаат и за помали партии, за кои сметаат дека може да ја разбијат тридецениската црно-бела слика на македонската политичка сцена и да внесат поголема свежина и креативност. Затоа и сегашните заложби за поголема родова еднаквост може да се сфатат само како обичен маневар на поголемите партии за да добијат на време, да претстават некакви козметички измени на Изборниот законик, а во суштина да си го зачуваат својот монопол во практикувањето на власта.
Од ДУИ отворено се изјаснија дека тие се против една изборна единица, бидејќи со ваквиот изборен модел тие најмногу добиваат, така што апсурдно е да се очекува дека интегративците воопшто ќе поддржат некакви измени на изборниот модел ако тие не се само козметички.
Со актуелниот изборен модел ќе има сè помалку демократија во Македонија
Познавачите на политичките состојби сметаат дека станува сè поевидентно дека граѓаните се заситени од ваквиот изборен модел, сакаат промени на изборниот модел, како и отворени листи, бидејќи не сакаат да гласаат само за партии, туку сакаат да гласаат за личности што ги познаваат, со какво образование располагаат кандидатите, какво претходно искуство имаат и слично.
– Една изборна единица е најдобриот модел за Македонија, за да може вистински да се слушне гласот на народот. На отворени листи треба да се избираат кандидатите за пратеници, а не да се гласа само за партии, па подоцна во Собранието да гледаме тотални анонимци, на кои не им е местото во политиката. Тоа е вистински начин за демократизација и на самите партии, бидејќи граѓаните добро ќе размислат дали ќе го изберат првиот, десеттиот или дваесеттиот на листата. Тоа, несомнено, ќе влијае и на внатрепартискиот став околу кандидатите што ги нудат, бидејќи ќе сакаат да го понудат најдоброто ако сакаат да победат. Вака сè се сведува на волјата на партискиот лидер, кој самиот пресекува кој ќе биде пратеник, кој министер, кој градоначалник, а граѓаните само даваат легитимитет на партиските политики – велат соговорниците.
Професорката Солза Грчева, која е претседателка на Глас за Македонија, смета дека најавите за промени на Изборниот законик во делот на родовата еднаквост се само обична козметика, која во суштина нема да промени ништо.
– Станува збор за чиста козметика. Родовата еднаквост е една работа, што не сметам дека административно така треба да се гледа тоа. За да се направат вистински измени, потребно е да има една изборна единица, отворени листи, по нашите анализи најдобро е мешан пропорционално-мнозински модел, да не отидеме веднаш на мнозински модел, важно е да се скратат финансиите што од буџетот одат на партиите и кои се баснословни за една сиромашна држава како што е Македонија и важно ни е медиумското претставување. Во развиените земји, на помалите или на новите партии им се дава повеќе време отколку на преостанатите партии, за да можат вистински да се претстават пред гласачите – вели Грчева.
Таа додава дека има многу работи што треба да се променат во изборниот процес, а најмалку е ова за родовата еднаквост.
– Големите партии можеби и ќе се согласат на една изборна единица, но ќе го зголемат прагот на неверојатни три до пет отсто кога нашиот нормален праг е 0,8 отсто. Тоа е најголемиот проблем, ако веќе направат измени на изборниот модел, повторно нема да дозволат да влезат други партии. Поделено со бројот на пратеници, точно излегува 0,8 отсто да биде изборниот праг во Македонија – категорична е Грчева.
Според неа, огромен чекор напред ќе бидат и отворените изборни листи, за да можат граѓаните да имаат вистински избор и да знаат за кого го даваат својот глас.
– Отворените листи се клуч за целата работа. Тоа ќе влијае и врз демократијата на самите партии. Јас не морам да гласам за првите двајца што ми ги сервира партијата, кои најчесто се пулени на лидерот, туку сакам да гласам за некој што е на 10-то или 12-то место. Отворените листи се многу важен момент. Големите партии пред секои избори ветуваат отворени листи, за подоцна да кажат дека е доцна за тоа. Сега е вистинското време да ги потсетиме дека граѓаните сакаат отворени листи и вистински избор – заклучува Грчева.