Според „Фајненшл тајмс“, за да ѝ се приклучи на Унијата, ниту еден претходен кандидат никогаш не бил принуден да попушти пред барањата на друга земја за прашања поврзани околу толкувањето на историјата, кои никогаш не можат да имаат траен утврден одговор. Весникот уште оценува дека ЕУ, поддржувајќи го ставот на Бугарија како единствен начин воопшто да се тргне напред, не само што престанала да биде непристрасен арбитер меѓу двете земји туку ја зголемила веројатноста слични пречки да се појават и пред другите земји од Западен Балкан. Една недела подоцна, македонските граѓани и натаму ја чувствуваат горчината од европското лицемерство, без ниту ронка еуфорија и надеж дека работите ќе се променат на подобро

Преседанот на ЕУ кон Македонија проследен и во европските реномирани медиуми

Неполна недела помина откако Македонија ја одржа првата меѓувладина конференција со Европската Унија, но кај овдешната јавност и натаму не стивнува дебатата околу тоа дали земјава официјално ги започнала преговорите со Унијата или, пак, тоа ќе се случи откако ќе ги внесе Бугарите во македонскиот устав.
И додека власта е убедена дека ќе успее да ги направи неопходните уставни измени пред истекот на скрининг-процесот, опозицијата категорично отфрла секаква можност да се согласи на отворање на Уставот, истовремено најавувајќи иницијатива за распишување референдум околу прифатливоста на актуелната преговарачка рамка.
Овие поделби се резултат на европската непринципиелност во однос на Македонија, на што предупредуваа многубројни светски медиуми, политичари, аналитичари, интелектуалци, кои, набљудувајќи го целиот пакет понуден од Париз низ една објективна призма, јасно предупредија дека Европа прави преседан дозволувајќи ѝ на Бугарија да го креира евроинтегративниот процес на земјава, наметнувајќи сопствени услови за напредок во преговорите, наспроти Копенхашките критериуми.
Она на што се однесуваа сите забелешки на странците е дека Бугарија буквално го окупирала европскиот преговарачки процес на Македонија, поставувајќи темели за идни слични блокади на кандидатите за членство.
Една недела подоцна, македонските граѓани и натаму ја чувствуваат горчината од европското лицемерство, без ниту ронка еуфорија и надеж дека работите ќе се променат на подобро.

Необичните услови на ЕУ за Македонија предизвикуваат загриженост

Голем број светски релевантни медиуми и натаму сметаат дека ЕУ во случајот со Македонија погреши што отстапи од стандардниот начин по кој треба да преговараат земјите-кандидатки, овозможувајќи ѝ на Бугарија таа да ги составува критериумите и истовремено да биде надзорно тело што ќе го следи и оценува исполнувањето на зададените критериуми.
Тоа ја стави Софија во позиција во текот на преговорите постојано да наметнува нови услови и да ја користи алатката „вето“ ако не е задоволна од исполнетото од македонска страна.
Дополнителен проблем е што Унијата ја постави Македонија во подредена позиција во однос на Бугарија, која во една ваква ситуација самата ќе одлучува колку брзо земјава ќе напредува во преговорите и дали воопшто некогаш ќе стане членка на ЕУ ако во целост не ги прифати сите бугарски услови.
– Бугарскиот пример би можел да мотивира и други земји да ги блокираат соседите на патот кон ЕУ – пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, кој смета дека откако на Владата во Софија на крајот сепак ѝ успеа да го вметне билатералниот спор околу историските прашања со соседна Македонија како составен дел на преговарачкиот процес за пристапување кон ЕУ, следната блокада на проширувањето на ЕУ би била логична последица.
И „Фајненшл тајмс“ даде своја оцена по повод почетокот на преговарачкиот процес за Македонија, со оцена дека необичните услови што Унијата ѝ ги постави на земјава предизвикуваат загриженост.
Весникот пишува дека европските лидери во суштина ја покануваат Македонија да се придружи, но се категорични дека тоа нема да се случи ако земјава не исполни редица ригорозни барања што ги постави Бугарија, а кои првенствено се однесуваат на јазикот, националниот идентитет и историјата.
– Во кој било чекор од преговорите за прием, Бугарија има моќ да ги запре или одложи со изјава дека Македонија ги избегнува своите обврски – наведува ФТ и додава дека условите на Бугарија ги надминуваат формалните критериуми за прием во ЕУ, кои во главно се однесуваат на исполнувањето на стандардите на ЕУ за економија, слободен пазар и демократија, како и на инкорпорирање на европското во домашното законодавство.
Според ФТ, за да ѝ се приклучи на Унијата, ниту еден претходен кандидат никогаш не бил принуден да попушти пред барањата на друга земја за прашања поврзани околу толкувањето на историјата, кои никогаш не можат да имаат траен утврден одговор.
Весникот уште оценува дека ЕУ, поддржувајќи го ставот на Бугарија како единствен начин воопшто да се тргне напред, не само што престанала да биде непристрасен арбитер меѓу двете земји туку ја зголемила веројатноста слични пречки да се појават и пред другите земји од Западен Балкан.

Меѓународниот аларм се вклучи, изостана домашната реакција

Некои од поранешните претставници на меѓународната заедница во земјава, но и професори и претставници на невладиниот сектор од земји-членки на ЕУ и од САД, предупредуваа дека прифаќањето на францускиот предлог и на ваквата преговарачка рамка носи големи последици по Македонија, но и за самото проширување на ЕУ.
Австрискиот професор и познавач на Балканот, Флоријан Бибер, смета дека вметнувањето на билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ им дава легитимитет и охрабрување на идните членки на ЕУ да ги блокираат земјите што пристапуваат.
– Наместо лесен излез, францускиот предлог дополнително ќе ја разниша репутацијата на ЕУ и ќе го закопа процесот на проширување – напиша Бибер на социјалната мрежа Твитер, во една од седумте точки во кои појаснува зошто е лош предлогот на Макрон што Македонија го прифати.
Поранешниот евроамбасадор во земјава, Ерван Фуере, предупреди дека ЕУ со предлогот прави неевропски преседан со Македонија, притоа појаснувајќи дека преговарачката рамка е затвор за Македонија, а клучот го има Бугарија.
– Лично сметам дека овој предлог содржи многу опасни елементи. Најпрво тој ја обврзува македонската влада да го смени Уставот уште пред да започнат преговорите за членство и нема реципроцитет, што значи дека ЕУ прифаќа дека Бугарија ги прекршува заложбите под постојаната Европска конвенција за човекови права и пресудите на Европскиот суд за човекови права во врска со постоење на македонското малцинство во Бугарија – изјави Фуере.
Германскиот историчар и директор на институтот „Лајбниц“ за Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург, Улф Брунбауер, смета дека Бугарија е таа што го торпедира почетокот на преговорите на соседот. За него има одредена иронија во тоа што токму Франција претставила, како што го опишува, проблематичен компромисен предлог, затоа што со години токму француската влада го кочи прифаќањето на државите од Западен Балкан во ЕУ.
Едвард Џозеф, предавач на школата за меѓународни напредни студии „Џон Хопкинс“ и познавач на состојбите на Балканот, неодамна изјави дека она што Бугарија ѝ го прави на Македонија многу потсетува на тоа што Русија го прави во Украина.
– Имаме сличен пристап, не со сила, но исто така со користење моќ. Бугарија ја експлоатира моќта како земја-членка на ЕУ да каже „вие сте вештачка земја во суштина. Вие сте вештачка земја и вие сте само југословенска вештачка творба, но вашиот јазик и историја се базирани на нашиот бугарски идентитет и ние сме помоќни од вас“. Што е разликата? Пристапот е ист, а различна е тактиката. Но истиот пристап не се европските вредности – потенцираше Џозеф.
Претседателот на Европската иницијатива за стабилност, Гералд Кнаус, кој се смета за главниот ЕУ-лобист за проширување, предупреди дека дури и ако Македонија ги прифати целосно бугарскиот протокол и францускиот предлог нема да стане членка на ЕУ.
– Подобро е да се турка нешто поинакво. Да се инсистира на процес базиран на заслуги и да им се објасни на сите во ЕУ дека ваквите барања се неприфатливи… Влегувањето во преговарачки процес во кој ЕУ ги прифаќа бугарските барања како свои, ќе биде многу лошо за Македонија – истакна Кнаус.

Упорно удирање со глава во ѕид

Повеќе од очигледно е дека странските медиуми, аналитичари, професори, политичари, многу пообјективно гледаат врз она што ѝ се претстави на Македонија како шанса за почеток на пристапните преговори бидејќи од личното искуство што го имаат, тие се повеќе од сигурни дека ова не се европски преговори за земјава.
Проблемот настана во оној момент кога Македонија ги прифати овие наметнати услови и сега ќе мора да ги имплементира доколку сака преговарачкиот процес реално да започне и да се одвива со некаква задоволителна динамика, истовремено наметнувајќи си обврски да спречува секаков вид говор на омраза изречен во јавниот простор, на социјалните мрежи и буквално секаде. Ако се тргне по логиката дека бугарското МНР своевремено реагираше и за брачни несогласувања меѓу сопружници во Битола на национална основа, тогаш повеќе од јасно е дека Софија будно ќе го следи секој изречен збор и ќе бара и најмала основа да го означи како „говор на омраза“.
Она што се наметнува како дилема е дали под бугарската лупа ќе се најдат и светските медиуми како „Фајненшел тајмс“, ФАЦ, „Њујорк тајмс“, но и поединци како Џозеф, Кнаус, Фуере, Бибер и уште многу други и ќе бидат посочени како лица што шират говор на омраза само затоа што оцениле дека Бугарија се однесува неевропски. Нема да биде никакво изненадување ако бугарската страна утре побара од Македонија да забрани објавување на нивните ставови и статии во македонските медиуми, во спротивно заканувајќи се со вето.
Ова е само еден мал сегмент од протоколот за што предупредуваа меѓународните претставници, кои сметаат дека Македонија требаше да преговара исполнувајќи ги Копенхашките критериуми, а не софиските.
Една недела подоцна, Македонија живее исто, со нефункционално собрание, партизирани и неефикасни институции и неизвесност како ќе ја дочека претстојната зима. Очигледно, политичарите во оваа земја не научија да ги слушаат добронамерните совети што им ги даваат луѓе необременети од никаква политичка агенда, туку продолжија да одат со главата во ѕид, без оглед што некој јасно им ја покажува вратата.