Фото: Кабинет на претседателката

Претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска ги прими премиерот Христијан Мицкоски и членовите на новоизбраната Влада, при што упати честитки за нивниот избор, посакувајќи им успешна работа во исполнувањето на стратешките цели на државата, економски напредок и подобрување на животниот стандард на граѓаните, соопшти нејзиниот кабинет.

Претседателката изрази очекување од новиот владин состав совесно, чесно и одговорно да ја реализира поставената програма за работа, во согласност со македонските национални интереси и интересите на граѓаните.

Фото: Кабинет на претседателката
Фото: Кабинет на претседателката

Новата Влада што ја предводи Мицкоски беше избрана синоќа во Собранието со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ.

Во владиниот кабинет има 20 министерства, четири повеќе од досега. Петнаесет членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Мицкоски е 13-тиот премиер, а ја предводи 20. влада од осамостојувањето на државата.