Пратениците денеска со мнозинство гласови ја поддржаа потребата од носење на новиот Деловник за работа кој треба да стапи на сила од следниот парламентарен состав.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, образложувајќи ја потребата од носење на новиот Деловник, рече дека тој е резултат на консензус од сите политички партии.
– Ова е уште еден пример што докажува дека политичката дебата во Собранието може да резултира и да се финализира производ со политички консензус – рече Џафери.
Истакна дека со новиот Деловник ќе се надминат предизвиците со коишто се соочувало Собранието уште од независноста и дека слабостите како и различните толкувања ќе се оневозможат кога тој ќе стапи во сила.
– Ова е оптимално решение кое дава функционалност на законодавниот дом. Во иднина нема да се повторат ситуациите што ги имавме во минатите состави, вклучувајќи го и овој состав, дека треба да се стави крај на можностите за различни толкувања на собраниските постапки, односно да имаме заедничка гаранција дека Собранието не може да се блокира, туку ќе биде функционално во името на граѓаните – рече Џафери.
Предлог-деловникот се разгледува во редовна постапка.
Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на 10 октомври ја изгласа потребата од носење на новиот Деловник за работа на Собранието. Разговорите меѓу пратеничките групи започнаа пред пет години за измени на постоечкиот Деловник, се одвиваа во рамки на Жан Моне процесот и со посредство на неколкумина европратеници, за на крајот да резултира со консензус за комплетно ново решение. Се очекува новиот Деловник на Собранието да се донесе до крајот на годината и да се применува од идните пратеници.