БРИФИНГ НА ПРЕМИЕРОТ ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ МЕДИУМИ
На вчерашниот брифинг беше истакнато дека за разлика од порано, Европската Унија сега има нов стратегиски интерес, да има ново проширување, и тоа со земјите од Западен Балкан, и такви пораки и сигнали доаѓаат токму од Брисел каде што во одредени кругови има оптимизам дека тоа може да се оствари и пред 2030 година
Уставните измени и одлуките што треба да се донесат во Собранието, со цел продолжување на европската интеграција на Македонија, беа во фокусот на агендата на вчерашниот брифинг за медиумите во организација на премиерот Димитар Ковачевски, на кој беше поканета и „Нова Македонија“. Премиерот во неколку наврати ги истакна големата улога и значење што го имаат медиумите, нагласувајќи дека сите присутни тука се главни носители на медиумската инфраструктура во Македонија и имаат клучна улога во креирање на јавното мислење и ставовите на граѓаните. Во таа насока сите имаат обврска да го штитат јавниот интерес преку објективно пренесување на информациите пред граѓаните, беше кажано на средбата.
На брифингот беше истакнато дека, за разлика од порано, Европската Унија сега има нов стратегиски интерес да има ново проширување, и тоа со земјите од Западен Балкан, и такви пораки и сигнали доаѓаат токму од Брисел каде што во одредени кругови има оптимизам дека тоа може да се оствари и пред 2030 година.
Беше посочено дека и за шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан сега е врвен приоритет.
Показател за тоа се и низата енергетски и инфраструктурни проекти што се одвиваат и со кои Македонија ќе стане раскрсница на Балканот и, според извори од Владата, тој геостратегиски момент треба да се искористи.
Во однос на политичката дебата за уставните измени, од власта велат дека во следните десетици дена тие ќе бидат доставени до Собранието, по што би се отворила дискусија и би се разговарало со сите пратеници.
На брифингот со новинарите стана збор и за можностите за одложено важење на уставните измени, за што беше кажано дека тоа би било надвор од преговарачката рамка во која се вели дека уставните измени стапуваат во сила на денот на одржување на втората меѓувладина конференција. Очекувањата се таа да се одржи во декември годинава или во јануари следната година. Инаку, како што велат од Владата, идејата за одложена примена на уставните измени била почетна позиција на Македонија уште пред неколку години, кога се воделе разговорите со тогашната бугарска влада на премиерот Петков, но на крајот не се успеало во тоа бидејќи се сметало за премногу далечен услов.
Интересно, на брифингот беше изнесена и една констатација, од страна на власта, дека македонскиот устав е единствен устав во светот во кој има народ и делови од народи.
Објаснувањето беше дека нашиот концепт на устав се базира на споменување заедници или делови од народи во преамбулата и ние уште во 2001 сме го напуштиле концептот на малцинства. Беше нагласено и дека не смее да се заборави дека тој устав бил правен во немирновременски период, односно во период на конфликт во државата.
На новинарско прашање зошто сега не се овозможила поширока дебата со цел да се зајакнат атрибутите на македонскиот идентитет, во пресрет на уставните измени, од Владата велат дека сите можности и хипотези биле разгледувани и тестирани.
На средбата беше споменато дека в четврток една голема европска земја со посебна резолуција ќе ги признае македонскиот јазик и македонскиот идентитет, а потоа тоа ќе го стори уште една уште поголема земја, која не е од Европа. Пред брифингот меѓу новинарите веќе проструи информацијата дека државите што ќе донесат посебни резолуции со кои се признаваат македонскиот јазик и македонскиот идентитет се всушност Германија и САД.
На брифингот беше направена и споредба со Хрватска, со која пред многу години заедно бевме на тој европски пат, но сега таа е дел од ЕУ со сите поволности што ги носи членството во Унијата.
Ако не се изгласаат уставните измени, тогаш целата работата запира и најмалку три години нема да може да продолжиме напред, беше кажано на средбата, на која беа посочени и придобивките од нашето членство во НАТО, истакнувајќи дека минатата година сме имале најголем раст на странски директни инвестиции, како и на домашни инвестиции, а пораснал и извозот за 13 проценти. А.Д.