Јавниот електричен превоз во Струмица официјално почна да функционира од почетокот на годината. Од септември лани до крајот на годината, превозот беше пробен и бесплатен, а од почетокот на новата година и официјално функционира по сите утврдени линии во градот и до населените места.
Според директорот на јавното претпријатие „Струмица транспорт“, Драги Поп Стојанов, струмичани полека ги менуваат навиките и почнуваат да го користат јавниот електричен превоз. Тој додава дека со одлука на Советот на Општината за субвенционирање на цената на возниот билет сите граѓани можат да се возат за 30 денари на дестинациите во градот и населените места. Постои можност билет да се купи и во автобусот, но таму тој чини 40 денари, а цената е повисока за да се одвраќаат патниците од таквата можност и тоа да го прават преку специјалните картички. Е.Р.