Фото: Влада

Опозицијата слободно може да ги достави своите предлози до Комисијата за уставни прашања која ќе биде формирана во Министерството за правда и таму ќе се разговара, изјави денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашањето во врска со предлогот на универзитетскиот професор по уставно право Александар Спасеновски за менување на актуелниот државен грб.

Премиерот потенцираше дека сме членка на НАТО, иако опозицијата не даде поддршка, а како што рече, наскоро ќе станеме и членка на ЕУ.

– Слободно нека ги донесат сите свои предлози во Комисијата за уставни прашања која ќе биде формирана во Министерството за правда и таму ќе може да се разговара, бидејќи гледаме, опозицијата ставовите дневно ги менува. Дали има легитимитет нашето членство во НАТО? Има, иако опозицијата не го поддржа. Ќе станеме членка на ЕУ и јас се надевам дека опозицијата еднаш нешто ќе поддржи. Опозицијата не го поддржа ни договорот ФРОНТЕКС за којшто утре почнува имплементацијата, каде за првпат имаме македонски јазик со сите други јазици на ЕУ. Опозицијата ни тоа не го поддржа. Кажаа дека биле на пауза во Собрание. Сите биле внатре, тие биле на пауза, не слушнале кога ѕвонело ѕвончето. Такви изговори од трето одделение не поминуваат. Тој договор има легитимитет бидејќи го изгласало Собранието и го усвоила ЕУ – рече Ковачевски.

Прашан во врска со Бугарија, Ковачевски рече дека таму се водат преговори за конечно да се направи политичка влада и напомена дека кога ќе се направи политичка влада ќе може да се разговара на политичко ниво и да се коментираат случувањата.

– Во Бугарија се водат преговори за конечно да се направи политичка влада. Јас им посакувам многу успех. Кога ќе се направи политичка влада, тогаш ќе можеме да разговараме на политичко ниво и можеме да ги коментираме случувања. Ние имаме јасна преговарачка рамка во која точно се наведени нашите обврски кои треба да ги исполниме и да ги отвориме кластерите за продолжување на преговорите и воспоставување на процес кој што ќе не зачлени до 2030 година во ЕУ – додаде Ковачевски.