Омраза и нетрпение

Господинот Роберт Шуман и канцеларот Конрад Аденауер би биле многу повнимателни кога ја основаа Европската економска заедница (ЕЕЗ), од која изникна ЕУ, кога би знаеле дека денес со ЕУ раководат напудрени салонски господа, некои од нив полни со идеи наклонети кон перверзни политички измами, нешто што е спротивно на целите за кои сонуваа Шуман и Аденауер. Еден народ може еднаш да биде измамен и тој доцна да забележи дека е насамарен, изигран како да е ветрушка, на тој народ може да му се прости или прогледа низ прсти за тоа што дозволил да биде измамен, но не на неговите лажни лидери што учествувале во измамата на својот народ.
Во Нивици ни се случи тоа – важни политички личности, Могерини, Хан, да не ги редам нашиве наивци и тие од страна на нашиот јужен сосед, се разбира дојде и Ангела Меркел, се насобраа сите на купче. Во Нивици ветувања клокотеа од сите страни, море тоа, море ова, на крајот море ништо, името го однесе преспанскиот ветер. За македонскиот народ останаа вешто смислените европски манипулации, авторски дела на некои лидери од ЕУ. Од целиот тој европски фолклор сега нема никого, дури ни Заев и Димитров, ги снема. Се чини дека ветерот од ЕУ ги однел во некој планински или морски запустен простор.
Сега се најавува второто полувреме од политичкиот европски натпревар, а музиката е рефрен или слична како таа од Нивици. Ако ја следиме историјата, ќе забележиме дека Германија и Бугарија си имаат свое пријателско разбирање уште од времето на мрачните воени турбуленции што се случуваа во Европа и на Балканот, во тој период и двете земји дејствуваа како сојузници, па сега кога можат заемно си помагаат.

Пред десетина дена нашиот премиер се почувствува среќно и радосно кога ја слушна убавата вест што дојде дури од Бундестагот на Германија, кој донесе резолуција со која се потврдува чистата вистина за македонскиот идентитет, историја, култура, јазик, и во едно свое интервју премиерот вели: „Тоа е одлука што јас ја најавив прв, меѓутоа не ја посочив државата. Кажав дека една од најголемите држави во ЕУ ќе донесе резолуција во својот парламент за потврда на недвосмислената поддршка на Северна Македонија за зачленување во ЕУ“.
Значи премиерот вели тоа е одлука која јас ја најавив прв, што значи дека тој знаел за таквата одлука на Германскиот парламент, па ако знаел, а знаел, зошто толку врева за ништо или премиерот сака да нѐ натера да мислиме дека тој соработува со многу странски собранија, па оттука доаѓаат кај него толку важни информации од најголемите држави во ЕУ, но ме чуди зошто се радува и потресува за нешто што однапред го знаел!? Понатаму во приказната, односно во какофонијата, премиерот бидејќи го користи приврзокот „северна“ сигурно знае дека тоа е наше „богатство“, кое го добивме како дар во Нивици, на истото тоа место каде што бевме срамно измамени. Сега, големата европска држава со намера да ѝ угоди на Бугарија, елегантно и ублажено сака да ни ги спопика Бугарите во нашиот устав дека тие биле државотворен народ овде во Македонија од времето кога една поинаква Бугарија беше сојузник на фашизмот! Премиерот може да верува во што сака и колку сака, ама секој разумен човек пред да поверува во новите ветувања за идентитет, култура и јазик што сака да ни ги гарантира Бундестагот на Германија, треба прво да си го стави прстот на главата или да си ја потпре главата на прстот. Само една членка на ЕУ не може да биде гарант за нашиот идентитет и јазик, кога според правилата на ЕУ и најмалата држава-членка може при гласање да стави вето на резолуцијата донесена од големата држава и крај! Исто како тоа што нам ни го прави Бугарија. Како второ, во Нивици јавно се откажавме од нашето малцинство и историја во Грција, и тоа во присуство на мадам Меркел, важна политичка личност и тогаш и сега. За многу нешта се откажуваме, се откажавме од Македонците во Бугарија и тие во Албанија, па нека ни се на здравје идентитетот, културата и јазикот пуст и насушен.

Второто изненадување е дека премиерот знаел и друга држава, исто голема држава што не е членка на ЕУ, а која не сака да ја посочи, ја чува во пазуви, и таа ќе ни го направи истиот благодат по што нема да знаеме што треба да изгубиме или да дадеме.
Тие што имаат намера повторно да нѐ изиграат може да ги разбереме, едноставно го бранат својот интерес, но ако ги видиме работите од другата страна на паричката, тој народ или тие политички личности што ќе прифатат и дозволат да бидат повторно измамени, односно сами да се наместат, демек подготвени сме за уште една голема измама, во таков случај може да се каже дека со нив нешто не е во ред од морален, историски, политички и сѐ друго по ред. Тоа што е зачудувачки интересно и крајно перверзно е тоа што премиерот, сакајќи да направи чист простор околу себе, за главен виновник ја смета нашата опозиција, го споменува ВМРО-ДПМНЕ, кое наводно не се ангажирало и не се потрудило да ги убеди своите партнерски и сестрински партии во германскиот Бундестаг туку дозволило тие да не гласаат за донесената резолуција. Според ова што го кажува премиерот, не знаеме во каков сооднос заврши гласањето во Бундестагот!
Понатаму во своето интервју премиерот додава „како што се слушаат гласини, кои не се потврдени, меѓутоа треба да се каже дали бивши министри за надворешни работи, а сегашни мејнстрим говорници на ВМРО-ДПМНЕ имале дури можеби и спротивен став од тоа што беше донесено во Бундестагот“! Според ова искажување на премиерот, омразата и нетрпението кон домашниот политички фактор ги возвиши до небо. Тоа значи дека тие од Нивици што маестрално нѐ насамарија се во право, ние не, овие од истокот што се подготвуваат за измама се во право, ние повторно не, тие од западот или од северот исто така се во право, ние апсолутно не, и доаѓаме до тезата на Заев, која укажува, ако со сите соседи имаш проблеми, тоа значи дека ти си виновен. Во овој случај главни и позитивни виновници сме ние самите! Вистина е дека ние граѓаните носиме голема вина, а нашата вина е што трпиме и дозволуваме едни лумперполитичари да ни ја водат државата.
Омразата и нетрпението се голем грев, кои можат да прераснат во болест, политичка болест. Во вакви неблагодарни политички услови, кога од сите страни сме кастрени и делкани, понижувани и обесчестени, кога сме доведени до работ на непостоење и исчезнување, во такви услови со прст да посочуваш дека виновникот е во нашиот двор, тоа е невидена небулоза.
Многу работи се познати и потврдени, треба исто така да се знае дека на некои од Европската Унија безредието можеби им одговара, кога бараат проѕирни состојби ќе ги најдат, и во такви услови важно е да се знае дека ЕУ како и да ја вртиш, секогаш нечиј задник останува гол!

Коле Манев