Новиот американски претседател Трамп треба да се обрати на годишниот состанок на Светскиот економски форум во текот на оваа недела. Европските владини и деловни лидери, кои се собираат во алпскиот град Давос во Швајцарија, се нетрпеливи да дознаат за плановите на Трамп. Европските претставници се исклучително заинтересирани за „тарифите за увезената европска стока во САД“, како и за „пристапот на Трамп кон решавањето на војната во Украина“

Почна Светскиот економски форум во Швајцарија, со нетрпение се чека настапот на американскиот претседател Доналд Трамп

Претседателот и член на Управниот одбор на Светскиот економски форум, Борге Бренде (десно), зборува за време на пленарна сесија во Конгресната сала, придружуван од (одлево надесно) Калдун Калифа ал Мубарак, главен извршен директор на инвестициската компанија „Мубадала“, Маркус Валенберг,
претседател на Одборот на директори на СЕБ (Skandinaviska Enskilda Banken), Дејвид М. Рубенштајн, коосновач и копретседател на „Карлајл“ и член на Одборот на доверители на Светскиот економски форум, Нгнози Оконџо-Ивеала, генерален директор на Светската трговска организација (СТО), за време на 55. годишен состанок на Светскиот економски форум (СЕФ ) во Давос, Швајцарија. Годишниот состанок на Светскиот економски форум ги обединува претприемачите, научниците и корпоративните и политички лидери во Давос и се одржува од 20 до 24 јануари.

САД се најголемиот купувач на европски стоки, а тарифите што Трамп ги вети во својата кампања дека ќе ги воведе за Европа се очекува да го намалат растот на економијата на Стариот Континент. Затоа врвните европски бизнисмени и политички лидери во Давос со нетрпение го очекуваат неговиот став. Дури и најобичната декларативна изјава дека „ќе бидат воведени повисоки давачки за ЕУ“ би можела да направи стагнирање на европската економија, поради, како што велат економските аналитичари, „резултантното одолжување на деловните инвестиции“. Токму ова последново е констатација и на аналитичарите на Голдман сакс и Џеј-пи Морган, бидејќи, според нив, „компаниите чекорат со претпазливост“!

Дали Европа може да продолжи да се потпира на „континуираната американска воена заштита“?

Втората точка на исчекување на говорот на Трамп во Давос е од областа на колективната одбрана на НАТО, чии членки се под ист одбранбен чадор. Имено, аналитичарите издвојуваат дека „не е сигурно дали Европа може да се потпре на досегашната перманентна американска воена заштита на Европа“.
За потсетување, претседателот на САД во еден момент во јавноста изрече став дека „во октомври (2025 год. н.з.) ќе ги напушти сојузниците во НАТО доколку сојузниците во Алијансата не ги зголемат трошоците за одбрана“. Претходно овој месец, тој ги повика членките на воената алијанса да ги удвојат трошоците за одбрана на 5 отсто од нивниот бруто-домашен производ, од сегашното упатство од 2 отсто – ниво што многу европски економии сè уште не го исполнуваат. Во овој контекст, за издвојување е информацијата што аналитичарите ја подвлекуваат за тоа што всушност имал Трамп на ум во врска со калкулациите за дополнителните средства за буџетот за НАТО. Имено, „Европејците, користејќи ги бенефициите во секторот на одбраната во која лавовскиот дел го имаат САД, државите сојузнички во НАТО, наместо соодветно да партиципираат во буџетот на Алијансата, тие ги користеле парите за пополнување на свои буџетски потреби и дупки“. Со други зборови, помалку даваните пари од нивните буџети за одбраната им овозможија на европските земји да трошат повеќе на државни услуги, вклучувајќи и здравствена заштита и бенефиции за невработеност. Така, аналитичарите регистрираат дека од 1991 година, Европа „заштедила“ 1,8 трилион евра (1,9 трилион долари) како резултат на пониските трошоци за одбрана. Соработниците на Трамп ги нарекоа тие средства „мировна дивиденда“ – што дозволува уживање на европските држави во поголема благосостојба „до степен што не е поддржан од општиот економски развој“. За потсетување, и истражувачите од германскиот ИФО-институт го напишаа токму тоа пред една година.

Пресија од повеќе предизвици за Европа, на кои Трамп може индиректно да влијае

Според аналитичарите, дури и мало зголемување на трошоците за одбраната веројатно би извршило огромен притисок на повеќе европски влади, токму поради фактот на екстремно затегнатите „владини финансии“ (дефицити) и буџет што мора да покрие други растечки барања. И не се само барањата за растечко вложување за одбраната, туку европските влади имаат и многу други сериозни предизвици. Според германскиот ИФО-институт, „европските влади треба да инвестираат во трансформирање на нивните економии, кои се борат и во борбата против климатските промени. Ограничениот фискален простор ги соочува со сериозни компромиси“. Понатаму, според ИФО-институтот, вложувања се бараат и за „нови технологии и транзиција за чиста енергија“. Во истиот контекст на буџетски предизвици и недостиг од средства, Европа се соочува со уште една страшен феномен: стареење на населението.
– Товарот на стареењето е вистински товар – вели Питер Тејлор-Губи, научен професор по социјална политика на Универзитетот во Кент во Англија.
– Владините трошоци за постарите луѓе веќе се „лавовски дел од социјалната држава“ во Европа – изјави тој за јавноста.
Според извршниот директор на Дојче банк, Кристијан Севинг, кој ја зема за пример Германија, „за да се одржи сегашното пензиско обезбедување, најголемата европска економија треба да расте најмалку 2 отсто годишно. Спротивно на тоа, германската економија се намали во последните две години. За Европа како целина, падот на наталитетот и зголемувањето на бројот на пензионери (бидејќи луѓето живеат подолго) значат помал удел на работници и значат повеќе државни трошоци за постарите лица. Тоа остава помалку простор за да се инвестира во обука и технологија за да се зголеми продуктивноста и да се обезбедат економски раст – и даночни приходи – потребни за одржување на државите во една благосостојба“. Р.Н.М.