Сепак и покрај декларативните заложби и програмски цели како мирољубива, демократска и прогресивна организација, ОН се исправени пред мноштво предизвици на глобален план. Тоа особено доаѓа до израз во последниве години со отворањето нови кризни жаришта и војни во светот, но и со појавите на прекршувања на меѓународното право од страна на одредени центри на моќ и нарушување на принципите на кои почиваат ОН

Обединетите нации одбележуваат 77 години постоење

Организацијата на Обединетите нации, или скратено ООН, е меѓународна организација во која членуваат сите меѓународно признаени и независни држави. Обединетите нации произлегуваат од претходната организација Друштво на народите, основана во 1919 година. Како официјален датум за формирање на ОН се смета 24 октомври 1945 година.
Во 1947 година, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 24 октомври, годишнината од Повелбата на Обединетите нации, како денот „што ќе биде посветен на објавувањето на целите и достигнувањата на Обединетите нации на луѓето во светот и добивање на нивната поддршка“ за нивната работа.
Во 1971 година, Генералното собрание на Обединетите нации усвои дополнителна резолуција (Резолуција на Обединетите нации 2782) со која се прогласува Денот на Обединетите нации да биде меѓународно одбележуван или меѓународен празник што препорачува дека треба да се одбележува како државен празник од страна на земјите-членки на Обединетите нации.
Денот на ООН традиционално се одбележува низ целиот свет преку разни форми и манифестации.
Членството во Обединети нации е отворено за сите мирољубиви држави што ги прифаќаат обврските на Повелбата на Обединетите нации и според оцената на организацијата се способни и имаат желба да ги исполнат тие обврски.
Инаку, името „Обединети нации“ го дал Франклин Рузвелт за време на Втората светска војна како групна референца за сојузничките сили.

На 8 април 1993 година, Република Македонија беше примена како членка на Обединетите нации, врз основа на резолуцијата 817 на Советот за безбедност на ОН од 7 април 1993 година, со препорака привремено да биде ословувана со референцата „поранешната Југословенска Република Македонија“ сѐ до конечно решавање на разликата за името со Грција. Уште од самите почетоци на своето членство во ОН, Македонија активно придонесува и учествува во сите позначајни проекти и активности на организацијата.
– Остануваме доследни на своите заложби за почитување на човековите права, разоружување и непролиферација на оружје, борба против тероризмот, климатските промени, одржлив економски развој, имплементација на милениумските развојни цели, реформа на системот на ОН со цел ефективно справување и решавање на актуелните глобални предизвици и закани по меѓународниот мир и безбедност – велат од македонското МНР.
Сепак и покрај декларативните заложби и програмски цели како мирољубива, демократска и прогресивна организација, ОН се исправени пред мноштво предизвици на глобален план. Тоа особено доаѓа до израз во последниве години со отворањето нови кризни жаришта и војни во светот, но и со појавите на прекршувања на меѓународното право од страна на одредени центри на моќ и нарушување на принципите на кои почиваат ОН. Н.М.