И денес, во неколку етнички предели во Македонија сѐ уште се сретнуваат жени што ја носат својата носија, во редуцирана форма, но тие се и последни доследни чувари на македонската традиција
Македонските народни носии се еден вид историја во мало, не само на македонската култура туку и на македонскиот народ и неговите типични идентитетски исконски карактеристики
Во Музејот на македонската борба за самостојност беше промовирана монографијата „Македонски народни носии“ од проф. д-р Владимир Јаневски од Одделот за етнокореологија и универзитетскиот ансамбл „Македонија“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Споменатиот научен труд има капитално значење, како од национален така и од културен аспект. Проф. д-р Јаневски во својот труд многу јасно ги образложува особеностите на македонската народна носија, како нешто специфично за Македонија и единствени по својот карактер и функција. Во монографијата се претставени особеностите и специфичностите на народната носија и традиционалниот накит на припадниците на македонскиот народ надвор од границите на современата македонска држава, односно од пиринскиот и егејскиот крај.
Според академик Катица Ќулавкова, станува збор за исклучително значајно дело за македонската култура. Народните носии преку нивниот дизајн, везови и други особености во минатото, на некој начин ги засенуваат зборовите. Станува збор за повеќевековно искуство, култура и уметност на облекување. Но преку облекувањето е трансферирана целата творечка енергија на македонскиот народ и неговата култура на живеење, соопштување на неговата приказна, нагласи Ќулавкова.
– Сфативме дека потеклото на македонската народна носија, онаква каква што е сочувана, денес на тлото на Македонија, етничка Македонија, е подлабоко отколку што можеме да го замислиме. Сфативме дека јазикот на македонските народни носии е многу сложен, повеќеслоен, се пишувале нови слоеви врз старите слоеви. Така што се сочувани многу артикули, повеќето од нив може да бидат предмет на толкување и истражување во една митска перспектива. Македонските народни носии се еден вид историја во мало, не само на македонската култура туку и на македонскиот народ и неговите типични идентитетски исконски карактеристики. Она што политиката го двои, гледаме дека уметноста на народната носија го обединува. Токму тоа е една од доблестите и добрите карактеристики на оваа монографија на Владимир Јаневски – рече академик Катица Ќулавкова.
Пред многубројните посетители се обрати и проф. д-р Владимир Јаневски, авторот на монографијата „Македонски народни носии“, кој нагласи дека неговиот научен труд произлегува од повеќедецениска работа, посета на селата и разговори со информатори, кои биле многу повозрасни. Некои од нив биле родени во почетокот на 20 век, родени во 1902 година, а понекогаш најмладите информатори биле родени во 1918 или 1915 година. „Денес такви соговорници не постојат“, посочи Јаневски.
– Материјалот се собираше на касети, се запишуваше, се откупуваше. Зошто го направив ова? Затоа што навистина мислев дека треба да има континуитет. Јас не сум ни првиот ни последниот. Јас не сум тој што започна. Пред мене многу мои колеги го работеа, го докажаа сето ова, дека треба вакво нешто да се случи. Сето ова започна во 1860 година кога Стефан Верковиќ имаше потреба да се соберат македонски народни носии. Се собраа и се однесоа во Санкт Петербург, тоа беше првата збирка, првите предмети, кои можеби датираа од 17 век. Ден- денес, таа збирка и предмети се во музејот во Санкт Петербург – рече Владимир Јаневски.
Карактеристики на македонската народна носија
Македонската народна носија настанала во еден поголем временски период, а повеќемина автори што ги следеле појавите на културата на облекување, посочиле дека македонската народна носија содржи корени од најстарите култури, поврзувајќи ги со идолите на старите религии. Податоци за културата на облекување во средниот век имаме во фрескоживописот на црковните храмови, како што се изворите во црквата во селото Псача и црквите во Охрид. Во формирањето на македонската носија влијание се препознава и од Ориентот, кој бил донесен во посредство на османлиските Турци. Со вакви културни напластувања таа станала двигател и репер на носија од највисок ранг во светски размери. Во времето кога сѐ уште била жива традицијата на носење традиционална облека, во Македонија имало околу седумдесет различни типа женски носии, кои меѓусебно се преплетувале и надоврзувале во своите културни карактеристики. Машката носија била многу поедноставна и имала поунифицирана физиономија. Специфика за македонските носии е нејзината типологизација и функција, а особено нејзиниот редослед на облековните елементи, тоа всушност ја прави македонската носија посебна и самостојна.
Според проф. д-р Владимир Јаневски, во средината на 20 век, македонските носии претрпеле раслојувања на облековните елементи. Со навлегување на европската мода и индустријализацијата нормално првенствено се изгубиле масивните везови, големиот колорит и богатиот накит, а со тоа постепено ја губеле својата функција. Јаневски исто така посочува дека денес во неколку етнички предели во Македонија сѐ уште се сретнуваат жени што ја носат својата носија, во редуцирана форма, но тие се и последни доследни чувари на македонската традиција.