Хашките случаи – долгогодишен фокус на „Нова Македонија“

Вистината и правдата, јавниот интерес, стриктното придржување кон професионалните принципи на новинарството при собирање, пренесување, објавување и коментирање вести и информации за одредени настани и личности се мисијата и задачата на новинарството и медиумите, без оглед на околностите, политичката конјунктура, интереси и влијание во кој било актуелен миг. Токму хашките случаи се еден пример во кој нашата редакција во полн капацитет ја исполнуваше својата општествено одговорна мисија.
Четирите т.н. хашки случаи беа тема на жестока политичка дебата во времето кога во Собранието се усвојуваше автентичното толкување на Законот за амнестија од 2002 година. Горчливиот вкус на контроверзното автентично толкување, со текот на времето, како да се неутрализираше во политичкиот амбиент на Македонија, па и медиумите сѐ поретко го отвораа прашањето за судско процесирање во македонскиот правосуден систем на досиејата со обвинувања за воени злосторства против човештвото, што Хашкиот трибунал во 2008 година ги врати како своевиден тест за капацитетот и интегритетот на македонската правда. Во таков политичкоправен амбиент на општеството за постигнување правда за случаите со водството на ОНА, мавровските работници, дванаесеттемина киднапирани и исчезнати во досието Непроштено и затворањето на Липковската брана, „Нова Македонија“ беше речиси единствениот медиум што потсетуваше и пишуваше за обврската на државата и општеството злосторствата против човештвото да не бидат заборавени. Истакнати домашни и странски експерти, правници и познавачи на меѓународното право, во „Нова Македонија“ наведуваа и повикуваа на системска одговорност за процесирање на случаите за воените злосторства од 2001 година, кои не смее да се дозволи да застарат. Извештајот и препораките на комесарката за човекови права при Советот на Европа, Мијатовиќ, за активирање на судските процедури за хашките случаи од 2001 година, наедно претставуваат и сатисфакција за одговорноста и барањето правда во новинарската мисија на „Нова Македонија“ низ годиниве. Ј.П.


Ставре Џиков – јули 2020

Ставре Џиков, поранешен судија и државен јавен обвинител на Македонија, во својот осврт на актуелните случувања оценува дека кога ќе се споменат Меѓународниот суд во Хаг и т.н. хашки случаи за воени злосторства сторени во нашата земја, по автоматизам се добива перцепција дека говориме за политика, а не за правда и судство.
Џиков, навраќајќи се на четирите хашки случаи, вели дека тие се стопирани поради силно политичко влијание. Имено, ставањето на предметите ад акта е производ на политички договор меѓу партиите. Но Џиков недвосмислено издвојува дека судските случаи поврзани со воени злосторства никогаш не застаруваат.
– Ваквите дела, како хашките случаи, не можат да застарат ниту да се укинат. Тоа што политичарите во земјава се обидоа да ги укинат овие предмети во судовите, според стандардите на меѓународното кривично право, е неважечко, односно секогаш во иднина овие случаи можат повторно да бидат обновени, бидејќи станува збор за дела што никогаш не застаруваат – вели Џиков.
Доказ за неможноста да застарат ваквите дела е актуализирањето на сличните настани на Косово. Имено, таму, и покрај активното попречување од страна на косовската политичка елита да се процесираат случаите за пречекорување и тешко кршење на правилата на војувањето од страна на УЧК, меѓународните судови и натаму ги процесираат истите тие “.
– Сево ова, пак, укажува дека очигледно постојат двојни критериуми. Имено, еден критериум да важи за сторените тешки кривични дела што се спречени да се процесираат во Македонија, а друг критериум со кој не се третираат делата поврзани за сторени воени злосторства за Косово. Во целата таа меѓународноправна, но и внатрешноправна папазјанија излегува дека Македонија е жртва на една (меѓународна и домашна) политика што (флагрантно и недопустливо) се меша во судството – вели Џиков.


Гордан Калајџиев – мај 2022

– Иако е правно контроверзно, но во Македонија прашањата за четирите хашки случаи за злосторствата од 2001 година се сметаат за затворени. Се толкува дека Законот за амнестија ги опфаќа и ги „покрива“ и обвинувањата за тие случаи што беа вратени од Трибуналот во Хаг за да бидат процесирани во домашното судство. Кога беше донесен Законот за амнестија, а подоцна и неговото „автентично толкување“ токму за овие случаи, Хелсиншкиот комитет реагираше во насока дека тоа не е никаква правна основа за да бидат ставени ад акта дела што не застаруваат. Под политички притисок за таквиот став, тогашниот претседател на Хелсиншкиот комитет дури и даде оставка. Оттогаш нема некои нови конкретни иницијативи за правно активирање на овие случаи од 2001 година. Теоретски, нив може да ги отвори државниот обвинител ако утврди дека овие случаи не потпаѓаат под Законот за амнестија. Тоа е теоретскоправниот начин, но не верувам дека во скоро време албанските политички партии, особено ДУИ, ќе дозволат да биде избран обвинител со такво гледање на предметите – вели универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев.


Маргарита Цаца- Николовска – април 2023

Во подготовката на обвинението против лидерите на косовската ОВК, на 2 и 3 септември 2020 година, лидерот на партијата ДУИ во Македонија и некогашен командант на ОНА, Али Ахмети, даде свој исказ пред хашките обвинители во Приштина. Според она што го изјави Ахмети тогаш за македонската јавност, тој дал исказ во својство на сведок, како еден од основачите на ОВК во периодот од 1998 до 2000 година, но не можел да даде повеќе информации до завршувањето на процесите пред Меѓународниот трибунал.
Сепак, уште тогаш, во 2020 година, кога Али Ахмети се соочил со обвинителите од Хашкиот трибунал, поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, ја стави под прашање неговата изјава дека говорел во својство на сведок. Таа укажа дека давањето исказ пред обвинителите од Хаг не е исто со тврдењето дека говорел во својство на сведок. Во тој контекст, судијката Цаца Николовска наведе дека кога станува збор за воени злосторства што не застаруваат, сведоците можат да бидат и обвинети, доколку собраните докази во текот на истрагата укажат на тоа.
– Поаѓајќи од оваа состојба, кога говориме за тешки кривични дела, како оние за воените злосторства, кои патем никогаш не застаруваат, не би ме изненадило воопшто во некоја понатамошна точка Ахмети да се најде на обвинителна клупа – вели Цаца Николовска.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, тогаш објасни дека оваа своја констатација ја гради врз неколку причини.
– Првата, бидејќи во поканата од Хаг не се наведува како што е повикан поканетиот и не се наведува статусот. Откога тој дава исказ пред судиите, натаму се одлучува што понатаму со одреденото лице. Досега имало ситуации кога сведокот станува обвинет во хашки процес. Не можам да прејудицирам ништо, но факт е дека Меѓународниот суд многу сериозно пристапува кон овие поврзани предмети – објаснува судијката.
Натаму, според правната експертка, логично е да се претпостави дека е можно настаните што сега ги опфаќаат лидерите на ОВК поврзани со Хаг во скора иднина да се отсликаат и во Македонија или да се спојат со предметите на оние на ОНА, бидејќи и самиот Ахмети во неколку пригоди јавно изјавува дека помагал во борбата за ослободување на Косово.
Според судијката, кога говориме за оваа врска, пред сѐ мислиме за предметите што се воени злосторства сторени во Македонија за време на кризата во 2001-та, односно четирите хашки случаи што од Меѓународниот суд дојдоа во македонските судови.
Таа вели дека политичките власти во минатото на оваа тема еднострано одлучија случаите да не се процесираат, иако никогаш во домашните судници не се утврди дали овие предмети беа „умрени или живи“, односно дали за нив „стоеше сторено кривично дело или не“.
Според Цаца Николовска, ако македонски суд одлучи да не постапува по одредени предмети, тоа не е гаранција дека Меѓународниот суд ќе се согласи со таа одлука!