Фото: Маја Јаневска-Илиева

Правните експерти јавно и гласно повикуваат на барање кривична одговорност од носителите на јавната власт кај кои во соодветна законска процедура ќе се лоцира одговорност за создадениот хаос со кој се принудени да се справуваат граѓаните, а што е поврзано со контрадикторностите за употребата и важноста на личните документи, како и за загрозеност на основните човекови права

Дефиниран основот за санкционирање државни функционери и службеници за неодговорното однесување при
замената на личните документи

Неснаоѓањето на македонските државни институции во спроведувањето на преземените обврски со асиметричен меѓународен договор (Преспанскиот договор), наспроти овозможувањето и заштитата на основните човекови права на своите граѓани, од 12 февруари 2024 година во земјава се одразува со реални административни последици, хаотично ад хок менување закони и противречни информации за важноста и употребливоста на личните документи издадени со насловот „Република Македонија“. Во последен миг, од надлежните институции беше откриена законската „стапица“ со (не)важноста на возачките и сообраќајните дозволи, што можеше да резултира со ограничување на движењето, казни и финансиска штета на граѓаните што на овие документи го немаат забележани новото уставно име на државата, со географска одредница. Со итна законска интервенција, рокот за промена на возачките документи е одложен до 31 декември 2024 година. Ситуацијата со промената на пасошите и понатаму е драматична, особено за оние македонски граѓани во странство, кои, според формалните законски одредби, дури и не можат да се вратат во земјата со патната исправа со испечатена „Република Македонија“ на корицата… И понатаму е неизвесно дали македонските лични карти со Република Македонија може да се користат за излез од државата во земјите со кои е потпишан билатерален договор за премин на границата…
Од сите овие последични ситуации со кои се соочуваат македонските граѓани, се покажува дека обврската преземена од страна на македонската држава со Преспанскиот договор, за промена на личните документи на македонските граѓани до 12.2.2024, се покажа дека институциите ја сфатиле несериозно и неодговорно дури и од технички аспект. И покрај политички преземената обврска, надлежните институции немаат овозможено технички услови за промена на документите: задоцнет почеток на издавање документи со политички прифатеното ново име на државата (дури од втората половина на 2021 година, иако договорот стапил во сила во февруари 2019), но и недостиг од испечатени обрасци за пасошите.

Јавното обвинителство мора да отвори предистражна постапка по допрен глас

Правните експерти јавно и гласно повикуваат на барање одговорност од државните институции за создадениот хаос со кој се принудени да се справуваат граѓаните, поврзан со контрадикторностите за употребата и важноста на личните документи, како и за загрозеноста на основните човекови права.
Адвокатот Владимир Туфекџиќ смета дека Јавното обвинителството мора да отвори предистражна постапка по допрен глас за хаосот со личните документи.
– Одговорност мора да има од едноставна причина што во изминатите пет години се набавувани и изработувани лични документи со стариот формат и при издавањето лични документи со стариот формат надлежниот орган на управата не презел ниту едно дејство за навремено известување на граѓанинот дека рокот на важност на стариот формат истекува на 12.2.2024 година.
Тоа имал обврска да го направи со запишување на рокот на важност до 12.2.2024 година во самиот документ или при издавањето на документот истовремено да му достави писмено укажување за крајниот рок на важност.
Доколку се постапело на тој начин, денес состојбата на работите ќе беше поинаква и ќе се сметало дека странката е навремено известена.
Во секој случај, штетата е направена и одговорноста е на менаџерскиот тим во МВР и затоа на потег е ОЈО за ГОКК, во чија надлежност е постапувањето на полициските службеници. Тој што во изминатите пет години нарачувал и пуштал во промет стари обрасци и овозможил изработка и издавање лични документи со важност подолго од 12.2.2024, иако знаел дека нивната важност е до 12.2.2024, утрината на 13.2.2024, во 8 часот, требаше да биде повикан во Јавното обвинителство – вели адвокатот Туфегџиќ.

Одредени органи на државната власт постапиле спротивно на Уставот

– Издавањето документи на обрасци со поранешното име на државата, кое се спроведувало според одредени изводи до средината на 2021 година, односно две и пол години по 12 февруари 2019, треба да биде предмет на соодветни предистражни дејства од страна на надлежните органи. Користењето обрасци што не требало да се користат, можната набавка на стари обрасци по февруари 2019, како и доцнењето со набавка на соодветни обрасци ги содржи елементите на кривичните дела злоупотреба на службена положба и несовесно работење во службата. Неопходно е Јавното обвинителство во постапка по допрен глас да ги собере потребните документи и да утврди дали постојат основи за сомневање за сторено кривично дело – се наведува во писмениот став на Македонското здружение на млади правници, насловен „Промената на името и обврските на државата во однос на службените документи“.
Основата за кривична постапка, Македонското здружение на млади правници ја гледа во тоа што „одредени органи на државната власт постапиле спротивно на Уставот со издавањето нови службени документи со старото име на државата по влегувањето во сила на Амандманот XXXIII“.
– Со Амандманот XXXIII на Уставот од јануари 2019 името на државата се промени во Република Северна Македонија. Амандманите влегоа во сила со влегувањето во сила на т.н. Преспански договор на 12 февруари 2019. Со Уставниот закон од 2019, државата презеде обврска постојните официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба што може да се користат надвор од државата да се усогласат со новото име на државата најдоцна во рок од пет години од нeговото влегување во сила, односно 12 февруари 2024 година.
При толкувањето на обврската од Уставниот закон треба да се обрати внимание на одредницата „постојните“. Оваа одредница ја ограничува обврската за усогласување на документите и материјалите што постоеле и кои биле важечки во моментот на уставните измени, а не и документите и материјалите што се издаваат по влегувањето во сила на уставните амандмани. Со други зборови, одредени органи на државната власт постапиле спротивно на Уставот со издавањето нови службени документи со старото име на државата по влегувањето во сила на Амандманот XXXIII – се наведува уште на почетокот на соопштението на здружението.

Сериозни елементи за поведување постапка пред Уставниот суд

Според универзитетскиот професор по уставни право Денис Прешова, во целата ситуација со личните службени документи има сериозни елементи за поведување постапка пред Уставниот суд, во непостапувањето на државните органи за исполнување на условите за спроведување на Преспанскиот договор и ограничувањето на слободите и правата на граѓаните.