Факсимил на барањето на прилепчани од 1887 година до османлискиот султан Абдул Хамид Втори дека тие не се по род Бугари, дека сакаат македонско народно училиште и дека не ги признаваат бугарската црковна општина и нивните училишта

Од историските архиви

Во средината на 80-тите години на 19 век во Македонија се засилува афирмацијата на македонските национални особености, како и борбата против бугарската црковно-просветна пропаганда, која олицетворена во Бугарската егзархија спроведува асимилација на македонскиот народ. Во споменатиот период особено бил активен Коста Групчев (македонски национален деец и борец за македонска национална самостојност), кој проповедал дека „Словените во Македонија се Срби и Бугари толку колку што се и Руси, Чеси или Полјаци, тие се Македонци, совршено одделна словенска народност“, како и Наум Евро (македонски национален деец и член на Тајниот македонски комитет), кој се залагал за воведување на македонскиот јазик во училиштата и за издавање македонска граматика и правопис. Споменатите во 1887 година во Цариград (Истанбул) имале средба со османлискиот велики везир и побарале издавање на македонски весник, весник што, според нивната замисла, требало да се печати на македонски јазик.
Коста Групчев и Наум Евро, меѓу другото, пред великиот везир истакнале дека „откако се роди бугарското црковно прашање, со него се фрли семето на раздор меѓу христијаните – раја, кое ѝ донесе големи несреќи на нашата татковина, а според интригите на туѓите пропаганди, бевме на најлоша среќа да ја примиме бугарската народност, која за нас Македонците е сосема туѓа“.
Од овој период треба да се спомене и барањето на прилепчани од 1887 година до османлискиот султан Абдул Хамид Втори, во кое било нагласено: „Ние долупотпишаните од градот Прилеп, бидејќи сме поданици на неговото императорство и величество султанот Абдул Хамид Втори, сакаме да имаме македонско народно училиште и бидејќи ние не сме по род Бугари затоа не ги признаваме бугарската црковна општина и нивните училишта. А за религиозна заштита го признаваме папата…“ , односно тие не се сметале за Бугари, ниту ја признавале Бугарската егзархија и сакале одделно македонско училиште.
Меѓутоа овие истапувања и барања не биле новитет во македонските средини. Имено, уште во 1871 година Петко Славејков во својот опширен напис под наслов „Македонското прашање“, објавен во весникот „Македонија“, укажал дека „Македонците упорствувале на своето македонско потекло, дека биле наследници на старата и славна македонска држава на Филип II и Александар III“ и оти „…тие цели биле Македонци“ при што никој не можел да ги разубеди од тоа „нивно големо откритие“.

Во оваа конотација се и објавите на цариградскиот весник „Право“ од ноември 1870 година, кога била објавена статијата „Една вистина“, потпишана со псевдонимот еден вистински Македонец. Во споменатата статија можеме да прочитаме дека во текот на 1868 год. еден Македонец издал неколку книги… Тие книги, наместо полза, донесоа штета во местата, каде што г. К.А. Шапкарев успеал да се воведат. Според авторот, книгите не само што ги помрачиле умовите на децата, туку и јазикот што бил употребен во нив имал мала цена во Македонија. Тоа наречје е чисто охридско, кое не е во употреба во другите македонски градови. И навистина, Македонија се состои од следните поглавни градови: Солун, Битола, Велес, Прилеп, Штип, Скопје и др. Славејков не го вброил Охрид меѓу македонските градови, бидејќи според него тој бил во Албанија, а не во Македонија. Но што прави г. К.А. Шапкарев? Ја познава ли својата грешка? И дали влезе во кругот на мирот! – Не. Тој како беден учител во Кукуш ја оставил својата служба кога сакал и одел од град во град за да проповеда крстоносен поход против книгите од словенобугарски јазик што биле воведени за учениците во училиштата и проповедал дека употребените зборови во тие книги биле црни букви и најгнасни зборови.
Исто така било истакнато дека Шапкарев во предговорот на својата читанка, горнобугарите ги именувал како Шопи, Прости! Во својот понатамошен напад, вистинскиот Македонец истакнал дека Шапкарев заедно со својот брат во Охрид проповедал против сѐ што е бугарско: Одвај се ослободивме од Грците, сега пак „Шопи ли да станеме!!!“
Во фуснота ја сретнуваме следната реченица: „И друг пат сме слушале од патниците за некои учители од Македонија. И имено за г. Шапкарев, дека се трудел да ги убеди нашите македонски браќа како друго било Бугарин и бугарски јазик и друго било Македонец и македонски јазик…“ Во критиката кон јазикот, односно кон охридското наречје, било истакнато дека „не е сосем мед и млеко, како што тој верува, зошто до вчера смрдеше на грцизам, а од арнаутското племе е во корен искривено“.
Активностите на Коста Групчев и Наум Евро, како и барањето на прилепчани за отворање македонско народно училиште, се всушност континуитет на афирмацијата на македонските национални особености и јазик за кои пишувале споменатите весници „Право“ и „Македонија“.