Архива/Фото: Нова Македонија

Актуелниот амбасадор на САД во Србија и поранешен американски амбасадор во Македонија, Кристофер Хил, говорејќи неодамна на конференцијата за
„Регионални безбедносни предизвици и неодамнешни случувања во земјите
од Западен Балкан“ организирана од Претседателскиот центар за политичко образование, меѓу другото сугерираше дека квалитетните човечки ресурси се клучот на просперитетот

Селекцијата на квалитетни човечки ресурси за управување со државата започнува со отворените изборни листи

Здравите и функционални институции се основниот темел врз кој се потпира секоја успешна држава. Но се чини дека во Македонија тоа не е случај бидејќи тука институциите единствено се перципираат само како партиски филијали, со кадровски решенија одобрени од лидерот.
Јавноста сведочи на поставување луѓе со несоодветно образование, без компетентност, без знаење и без вештини, на челни функции во клучни државни институции, без здрава конкурентска борба, а само затоа што ѝ биле лојални на партијата што е на власт, без да се води сметка дали можат да испорачаат некаков резултат во работата на институцијата што ја предводат.

Како до квалитетни човечки ресурси

Поради сето горенаведено се случува да нема лекови по болниците, да доаѓа до несфатливи лекарски грешки, да има учебници за децата со почетнички грешки, односно да се „заборави“ да се испечатат учебници во пресрет на учебната година, како и редица други пропусти што се недозволиви во држава што претендира да стане дел од Европската Унија.
Сето ова најмногу ги фрустрира сите други, кои знаењето и стручноста ги стекнале исклучиво со напорна работа, со лично усовршување, со постојано надградување, за на крајот нивната фрустрација што не можат да се реализираат во сопствената земја да резултира со сè помасовно иселување од државата, најмногу затоа што никој повеќе не гледа излез од состојбата во која се наоѓа Македонија.
Несомнено „лошите кадри влијаат за градење лоши институции“, бидејќи тие луѓе немаат никаков капацитет да ги подобрат состојбите, туку напротив, времето поминато на функција го користат што подобро материјално да се обезбедат, што во суштина е главниот предуслов за создавање на таканаречената институционална корупција од која почнува ерозијата на државата.
Актуелниот амбасадор на САД во Србија и поранешен американски амбасадор во Македонија, Кристофер Хил, говорејќи неодамна на конференцијата за „Регионални безбедносни предизвици и неодамнешни случувања во земјите од Западен Балкан“ организирана од Претседателскиот центар за политичко образование, меѓу другото сугерираше дека човечките ресурси се клучот на просперитетот.
– Изберете добри луѓе, наспроти лоши! Така ќе имате подобри институции, кои ќе можат да се справат во борбата со корупцијата – изјави Хил.

Отворените изборни листи се пат за изборот на квалитетни кадри

– Кај нас граѓаните сега немаат никаква улога во изборот на добри или лоши луѓе што ќе ги предводат институциите. Кај нас сè е политизирано и партизирано и не верувам дека на Кристофер Хил, дипломат од највисок формат и добар познавач на околностите на Балканот, не му е јасно каква е состојбата. Се бараат 300 изговори за да не се направат изборни реформи каде што граѓаните ќе имаат вистинска можност да избираат добри луѓе што потоа ќе ја водат државата, но кои ќе бидат и на чело на институциите, што е предуслов да се департизира државата. Кај нас луѓето веќе сметаат дека е нормално партијата да вработува. Од тоа ни избегаа младите и добар дел од квалитетните луѓе – вели професорката Солза Грчева.
За поранешната пратеничка во првиот парламентарен состав Ѓулистана Марковска државата не оди напред токму поради ваквите лоши практики, но верува дека би имало исчекор на подобро со промени и изборниот систем во кој Македонија ќе биде една изборна единица со отворени листи.
– Македонија има кадарни луѓе, способни, кои ако ги „проголтаат“ партиите се претвораат во свој антипод. Веројатно ќе треба да се промени и изборниот систем, во кој Македонија ќе биде една изборна единица со отворени листи, за да можеме ние како граѓани да гласаме покрај за партија, дополнително и за способни и реализирани луѓе на кои не им треба „сместување“ во политиката бидејќи претходно веќе се реализирале во областите каде што работат, за кои прифаќањето на функцијата би било само заради искрена желба да ѝ помогнат на сопствената држава да излезе од оваа состојба во која спадна – констатира Марковска.

Грчева: Во Македонија нема многу, но сепак има способни луѓе!

Професорката Грчева додава дека и она нешто квалитетни луѓе што се останати во државата буквално се потиснати на маргините, никој за ништо не се консултира со нив иако имаат знаење и способности што се признаени од Европа и пошироко.
– Во администрација вработуваат само партиски послушници, но голем дел од луѓето и од таму избегаа затоа што немаат никаков кариерен развој. Во другите земји оној што е способен оди нагоре, напредува, а кај нас, со смена на секоја власт, тие луѓе или се отпуштаат или се деградираат. Никој не може да смета врз основа на своите квалитети и способности за некаков развој. Така не се градат силни институции – нагласува Грчева.
Според неа, во оваа земја нема многу, но сепак има способни луѓе што со своето знаење и искуство можат да придонесат за градење и на подобри институции, но генерално и на подобро општество.
– Има такви луѓе, не се многу, но ги има. За жал, тие се целосно маргинализирани. Никој не ги вика да ги праша за нешто за што се стручни, едноставно си назначуваат партиски луѓе што не се критички настроени кон нив и кои само послушно кимаат со главата. Кога нема критичко мислење, нема ниту добри институции што ќе се борат со корупцијата, кои ќе работат на развојот на државата. Јас лично седум-осум години сум замрзната од ова општество, имам многу што да придонесам во делот на образованието, тоа сум го докажала и претходно со многу проекти, но моето искуство не се користи. А таквите луѓе не се многу – истакнува Грчева.
Нејзиното мислење е дека сите способни луѓе се едноставно тргнати настрана и затоа ни се лоши и институциите и затоа потфрламе по сите основи.
– Сите оние што ќе се спротивстават на некои политики за кои сметаат дека не се добри, едноставно се тргаат настрана и повеќе за ништо не се консултираат со нив. Апсолутно имаме некомпетентни луѓе на сите места, кои не знаат што значат национални интереси. Дури и во рамките на своите партии не ги избираат најспособните туку им требаат послушници. Е, такви луѓе ни ги водат институциите и затоа се тие лоши институции, затоа царуваат корупцијата и криминалот, затоа нема владеење на правото, затоа имаме нефункционална држава – категорична е професорката Грчева.