Настанот во Битола, симболиката и пораките што ги испратија бугарските политичари предизвикаа лавина реакции во домашната јавност.
Љубомир Цуцуловски констатира дека проблемот не е во тоа што се отвора бугарски културен клуб, битно е името, Иван (Ванчо) Михајлов. Цуцуловски вели: „Кому му одговара некој центар, и тоа културен центар, да биде именуван според ноторен фашист. Не, според моето мислење, туку според мислењето на светската историја. Тоа е суштината, а за тоа се молчи.“
Цуцуловски посочува дека Иван Михајлов не е контроверзна личност, „не постои никаква контроверзност дека бил во НДХ. Дека соработувал со нив. Не е контроверзно дека соработувал со Мусолини, во Италија и умира. Дали можеме ние да именуваме клуб според Адолф Хитлер, на што ќе личи тоа. Или во Хрватска да именуваме клуб според Анте Павелиќ. Може да се забрани некој клуб што е именуван според некој фашист. Не е проблемот што е Бугарин или бугарски фашист, туку дека е фашист.“
Во јавниот протест на Сојузот на борците на Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи беше нагласено дека бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола е именуван според „еден од најголемите експоненти на фашизмот и недвојбениот соработник на фашистичките главешини Хитлер, Мусолини, Анте Павелиќ и царот Борис Трети.“ На овој начин, според Сојузот на борците, се врши „промоција и рехабилитација на фашистичката идеологија, милитаризмот и антимакедонските политики од времето на Втората светска војна, се промовира историографски ревизионизам насочен кон негирање на Националноослободителната војна на македонскиот народ и нејзините придобивки во поглед на афирмацијата на македонскиот национален индивидуалитет и македонската национална држава.“

Македонскиот актер Владо Јовановски на свој фејсбук-профил потсети дека насловната страница на „Нова Македонија“ во 1990 година, по повод смртта на 94-годишниот Иван (Ванчо) Михајлов, гласеше: „Умре последниот балкански вампир!“ Според Јовановски: „Ако утре, добрососедски ни се наложи, заеднички да го чествуваме Радко, ќе мораме ли да ги славиме и неговите покровители и идеолошки пријатели? Срамно и тажно!“
Професорот Тони Дескоски исто така го искажа својот став за случувањата во Битола. Според Дескоски: „Да му се прави клуб на Хитлеровиот квислинг е обична спрдачина со НОБ и со антифашистичките традиции на македонскиот народ. И ругање со слободарска Битола. Очигледно нашите државни органи не си ја вршат работата. И да сме на јасно, ова не е проблем само на бугарскиот премиер (иако тој би морал да е свесен дека Михајлов е Хитлеров и Павлиќев квислинг и да одбие да учествува во ваква ујдурма), туку е проблем на нашата држава. Фашизмот ни се повампирува на голема врата, а никој не е надлежен“, оценува Дескоски. Д.Ст.