Страницата со упатството за снимателите на турнирот во Мелбурн каде што пишува дека се забранува македонското знаме / Фото: Принтскрин Фејсбук

Повеќемина наши соговорници нагласуваат дека доколку погрешното именување, без разлика дали е намерно или ненамерно, на еден народ или забраната на неговото државно или национално знаме се повторува, тогаш станува збор за т.н. микроагресија, односно за стигматизација и омаловажување, во овој случај на македонската нација и на македонската држава

Перманентни акти за стигматизација и омаловажување на македонската нација
и на македонската држава

На македонската нација и на Македонија, како држава, во текот на 24 часа им беа навредени достоинството и честа во рамките на два одделни спортски настана. Најпрво германската телевизија РТЛ, која ги пренесува средбите од ракометното ЕП 2024, при коментирањето на мечот помеѓу националните репрезентации на Франција и Македонија, македонските играчи и навивачи ги именува како северномакедонци, а набрзо потоа македонското државно знаме се најде во иста група со забранетите знамиња на Австралија опен, меѓу кои се руското, белоруското, палестинското, израелското и тајванското знаме.
Скандалозните настани во Германија и во Австралија предизвика бурни реакции кај Македонците и македонската дијаспора низ светот, поради што се случија и одредени ретерирања, како што е укажувањето на организаторот на турнирот Австралија опен дека станувало збор за ненамерен пропуст – техничка грешка што веднаш била исправена и не предизвикала ефективни ограничувања. Но и покрај тоа, станува збор за сериозен скандал, бидејќи секое државно знаме е симбол на одредена држава или нација и како такво треба да се третира со почит, бидејќи најочигледниот и најпознат симбол на една нација е токму знамето. Во слична конотација треба да се разбере и погрешното изговарање или погрешниот правопис, бидејќи во суштина го навредуваат македонскиот национален идентитет.
Повеќемина наши соговорници нагласуваат дека доколку погрешното именување, без разлика дали е намерно или ненамерно, на еден народ или забраната на неговото државно или национално знаме се повторува, тогаш станува збор за т.н. микроагресија, односно за стигматизација и омаловажување, во овој случај на македонската нација и на македонската држава. Во тој правец треба да се разбере и реакцијата на македонскиот конзул во Диселдорф и на Гоце Перовски, претседател на Советот за интеграција во овој град, до РТЛ, која беше проследена и до другите медиуми во Германија, да се престане со користење на омаловажувачкиот израз северномакедонци за граѓаните на Македонија. Споменатите посочија делови од Преспанскиот договор во кои јасно се наведува дека треба да се користи терминот Македонци.
Слична беше реакцијата и на Министерството за надворешни работи, преку амбасадата во Канбера, до Австралија опен, поради што организаторите на тенискиот турнир ја повлекоа својата одлука за забрана на македонското државно знаме.
– Добивме уверување дека станува збор за ненамерен пропуст – техничка грешка што е веднаш исправена и која не предизвикала ефективни ограничувања. Беше испратено длабоко извинување и уверување дека инцидентот нема да влијае врз силните врски помеѓу граѓаните на Австралија и Северна Македонија, кои се карактеризираат со пријателство и љубов кон спортот – информираа од македонското МНР.
Организаторот исто така појаснил дека во согласност со важечките правила, на трибините за време на натпреварите на турнирот е дозволено да се веат само знамиња на учесниците на натпреварот. Наедно добиле и потврда дека за време на учеството на нашата натпреварувачка Лина Ѓорческа, официјалното знаме на земјата било присутно на трибините меѓу гледачите без никакви ограничувања.
И покрај навремената реакција на надлежните институции, сепак не може да се пренебрегне фактот дека со преносот на РТЛ, како и со забраната на македонското државно знаме, се навреди националното чувство на Македонците без разлика на нивното место на живеење. Нашите соговорници велат дека македонската влада преку Министерството за надворешни работи и македонските дипломатски претставништва мора да дејствува проактивно, бидејќи намерното или ненамерното користење на терминот северномакедонци произлегува од придавката северна пред името Македонија, поради што може да се извлече името на нацијата, нешто на што повеќемина експерти предупредуваа пред потпишувањето на Преспанскиот договор.
Од друга страна, според информациите што ги добивме од нашите соговорници од Австралија, забраната на македонското државно знаме на Австралија опен се должи на одредени политички влијанија, поради што македонското дипломатско претставништво требало да преземе навремени активности.
Конкретно, на Австралија опен се забранети знамињата на Руската Федерација и Белорусија поради војната во Украина, како и знамето на Израел и националното палестинско знаме поради воениот конфликт во Појасот Газа. Мора да се напомене дека исто така е забрането и знамето на Тајван, територија што не е независна држава и нема полноправно членство во Обединетите нации. Нашите соговорници велат дека споменатите знамиња се забранети за да не се предизвика реакција од соодветните страни, како и да се избегне политизирање на настанот.
– Останува нејасно чија реакција требало да се спречи со забраната на македонското државно знаме во Австралија – велат нашите соговорници. Д.Ст.