Во Драмскиот театар во Скопје вечерва, со почеток во 20 часот, ќе биде изведена театарската претстава „Падот на Масада“ од авторот Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски. Улогите ги играат: Александар Степанулески, Јелена Жугиќ, Рубенс Муратовски, Филип Трајковиќ, Емилија Мицевска. Асистент на режија е Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Валентин Светозарев. Музиката е дело на Горан Трајковски.
– „Падот на Масада“ е претстава за луѓето што сакаат да летнат, но нозете им се длабоко заглавени во калта на историјата и идеалите. Луѓе на кои сонот и фантазијата им се единствениот сигурен простор, нивната слободна територија. Живот или идеал? Ова прашање е за сега и секогаш. Паѓа ѕвезда, замислив желба, да падне на меко… „Падот на Масада“ е претстава што зборува за убиството и самоубиството. Вреди ли да се даде животот за идеја и да се изврши самоубиство? Вреди ли да се бориш за татковина, ако притоа своите деца ги оставаш без татко? Ако животот е само еден, дали чинот на самоубиството за идеал може да се нарече херојско дело – се наведува во најавата.
Секоја сцена е преиспитување за оваа одлука на Јудејците, за едно од најголемите самоубиства во историјата на човештвото. Претставата го поставува прашањето колку имаме право на самоубиство (зашто „самоубиството е силна желба за живот ама на друг начин“).
Колку имаме право со себе да повлекуваме и други во самоубиствените чинови, – без разлика колку тие од историска или идеолошка дистанца изгледаат како величествен чин на хероизам. Можеби некогаш тоа било највозвишен чин, но во денешниов егоистичен свет изгледа бесмислено да се посегнува по сопствениот живот заради возвишена идеја што нуди подобар свет. Зошто – бесмислено? Затоа што сите големи идеи за подобар свет доживеаја пораз од нивните „верници“, меѓу кои има и „предавници“ што повеќе сакаат да лежат на земја и да ја гледаат убавината на облаците на небото, одошто да гинат за бесмислени и однапред пропаднати мегаисториски наративи… Човек, звучи ли тоа гордо – вели Дејан Пројковски.
Претставата како главна тема ќе го носи прашањето што е поважно денес – човекот или големата идеја. Ниедна идеја не родила човек, а живиот човек секогаш раѓал идеи.
– „Падот на Масада“ ќе биде претстава за дното на човечките души и колку човекот всушност може да паѓа, а сето тоа само поради идеалите, притоа борејќи се во баналната тиранија на светот во кој е важно само да се проживее уште еден ден во општествениот синџир на исхрана. Во кој момент човекот престанува да биде човек? Како и зошто почнува човекот да станува животно? Идеалот или сопствениот живот – додава режисерот на претставата. В.Д.