Tрагичната приказна за љубовниот триаголник, за традицијата што се испречува помеѓу страста и љубовта, омразата и одмаздата, прикажани во операта „Кавалерија рустикана“, на сцената на Националната опера и балет (НОБ) ќе се изведе на 26 јануари, со почеток во 20 часот. „Кавалерија рустикана“ е едно од најуспешните дела од италијанскиот композитор Пјетро Маскањи, чиј успех не успеал да го повтори во другите опери што ги создал по неа.
Операта ќе се изведе под диригентската палка на гостинката од Украина, Оксана Мадараш, а во режија на Џандоменико Вакари од Италија, сценограф е Зоран Николовски, костимографка е Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Настапуваат: Сандра Митровска во улогата на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Ристе Велков како Алфио, Катерина Стојановска во улогата на Лола, Марика Поповиќ како Мајка Лучија, во придружба на хорот и оркестарот од Националната опера и балет.
„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер натопен во страст и со одмазда како главен движечки мотив и еден од најомилените и најизведувани оперски наслови до денес на светските оперски сцени.