Фото: Маја Јаневска-Илиева

И додека во секоја друга дејност примањето плата зависи од она што работникот ефикасно и квалитетно го сработил и продуцирал во текот на месецот, во македонското собрание не важи ова општоприфатено начело.
Македонските пратеници земаат максимална плата на ниво на држава или, со други зборови, загарантиран месечен приход од најмалку четири минимални плати, а за возврат, освен меѓусебните кавги, реплики и јалови расправи, не продуцираат ништо друго

ПРАТЕНИЦИТЕ И ПРАШАЊЕТО ЗА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА

Пратениците во македонското собрание од година на година покажуваат сè пониско ниво на дебата, нема аргументирана расправа во однос на одредени закони, не се нудат подобри решенија, туку собраниската расправа се сведува на кавги, меѓусебни обвинувања и вербални закани, со што покажуваат минимална или никаква продуктивност во работата. Но истовремено тие се максимално ефикасни во наплатата на дневниците, платата и другите бенефиции, што ги рангира во самиот врв на најплатени професии.
Во секоја нормална демократија граѓаните очекуваат пратениците да продуцираат квалитетна собраниска расправа и преку издржани аргументи да предлагаат и да носат квалитетни законски решенија во интерес на граѓаните и државата. Но наместо тоа, собраниските седници и дебати повеќе наликуваат на меѓусебни кавги, инаетење и празно расправање, и главно без суштинска и продуктивна расправа по одредено важно прашање.
Тоа беше забележливо и за време на расправата за Законот за минимална плата, кога наместо сите аргументирано да расправаат како да им се подобри стандардот на работниците, особено на оние со ниски примања, повторно се обидуваа политички да профитираат.
И додека во секоја друга дејност примањето плата зависи од она што работникот претходно ефикасно и квалитетно ќе го сработи, во Собранието е поинаку. Пратениците имаат загарантиран месечен приход од најмалку четири минимални плати, а за возврат, освен кавгите на седниците, не продуцираат ништо друго.
Граѓаните со право им забележуваат на народните избраници за бескрајните меѓусебни караници и за нивната неефикасност, особено последните неколку години.

– Она што последните години го гледаме на седниците е поразително. Дури и не може да се гледа. Јас како пензионер сакав да слушнам квалитетна расправа, идеи, издржани говори, тоа го нема. Ќе почнат веднаш да се расправаат, ќе се изнервирам и го исклучувам телевизорот. Можеби сум малку пристрасен, но се сеќавам на дебатите на конгресите во поранешна СФРЈ. Тој говор и дебата беше на ниво на филозофска расправа, ораторство, меѓусебно уважување, сослушување, па спротивставување на аргументите. Ова денес во македонското собрание е на ниво на улица и затоа нормално е дека нема ништо да се изгласа за народот, туку ќе си изгласаат само поголеми дневници и плати – вели Стамен Јанчевски, пензионер.
Потврда дека дебатата во Собранието е под секакво ниво, што несомнено влијае и врз неговата ефикасност, се и резултатите од истражувањето на институтот за демократија „Социетас цивилис“.
– Ова ниско ниво на квалитативна дебата во Собранието е присутно последните две години, значи не е нешто случајно само за овој период. На пример, во овој период имаше само една седница со прашања од пратеници од вкупно шест предвидени со Деловникот, немаше надзорна расправа во овој период – вели Александра Јовевска-Ѓорѓевиќ од Институтот за демократија, притоа додавајќи дека ковидот, заедно со сите други случувања во 2021 година, влијаел врз ефикасноста на работата на Собранието.
Таа смета дека треба да се работи на зголемување на ефикасноста на работата на пратениците, но и да се подобри квалитетот на дебата на собраниските седници, со тоа што пратениците подобро ќе се подготвуваат за темите за кои ќе се расправа, а собранискиот спикер однапред ќе подготви календар со материјали што тој ден ќе се најдат на дневен ред.
Во Извештајот на Институтот за демократија генерално се забележува влошување на нивото на аргументирање од страна на учесниците во дискусијата во Собранието. Говорниците во 52 отсто од нивните излагања немале аргументи, додека во 41 отсто слабо аргументирале. Еден или повеќе аргументи се забележани во седум отсто од дискусијата.
Универзитетскиот професор Живко Андревски се согласува дека меѓу пратениците нема квалитетна и аргументирана дебата и дека тоа влијае врз ефикасноста на Собранието, кое во последниот период буквално е блокирано.

– Неодамна гледав еден настап на Крсте Црвенковски од 1968 година. Која е тоа култура на однесување, пристојност на она што го кажува, втемеленост на тезите и идеите, поглед кон иднината, едноставно влева доверба кај народот во она што го кажува. Овие наши пратеници се расправаат и тепаат како уличари. Немаат никаква култура на дебатирање, а кога нема квалитетна дебата, нема ниту ефикасно собрание. Ќе се искараат уште на почетокот и толку од седницата. Чудно е како една ваква квалитетна политичка комуникација од минатото да не може да најде корен кај нашиве пратеници. Затоа и не треба да се чудиме зошто Собранието ни е целосно неефикасно, нема квалитетна расправа, не се носат закони, ама кога си гласаат за бенефициите, тогаш пратениците се навистина ефикасни – заклучува Андревски.
Несомнено проблемот со неефикасното работење на македонското собрание од година на година станува поевидентен, а културата на однесување и дебатирање паѓа на сè пониско ниво. Очигледно некои навики веќе е крајно време да се променат и парламентот да стане дом на демократијата во која ќе се носат квалитетни закони преку една издржана и аргументирана заедничка дебата. Само така оваа институција ќе почне да ја враќа довербата на граѓаните, која во овој момент е на многу ниско ниво.