Еден од новите апарати за магнетна резонанца во македонското здравство / Фото: Министерство за здравство

Ревизијата била направена да се даде одговор на прашањето дали на осигурениците им се достапни навремени и квалитетни здравствени услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца од 2019 до 2022 година. Резултатите од неа, според познавачите на здравствениот систем, како да ја пресликуваат состојбата во здравството – чекање за термин, недостиг од медицински кадар, несоодветен распоред на персонал и опрема, потреба за сериозни системски решенија…

РЕВИЗОРСКИ ИЗВЕШТАЈ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО КАКО ПОВОД

Бројот на апарати за магнетна резонанца (МР) се зголемил, но не и бројот на снимени пациенти. Донесените политики и преземените мерки и активности од надлежните институции и здравствените установи не секогаш обезбедуваат достапни и квалитетни здравствени услуги со МР за осигурениците/граѓаните. Многумина од нив, пак, не се појавувале на закажаните снимања во јавното здравство, а притоа не ги откажувале термините, па, така, непотребно му го земале местото за услуга на некој на ко му била неопходна. Ова е само дел од сликата што ја утврдиле ревизорите од Државниот завод за ревизија за една од често бараните и неопходни услуги во јавното здравство, која неретко им е клучна на лекарите за да утврдат дијагноза.
Таа, според познавачите на здравствениот систем, како да ја пресликува состојбата во овој клучен општествен сектор – чекање за термин, недостиг од медицински кадар, несоодветен распоред на персонал и опрема, потреба за сериозни системски решенија…
Министерот за здравство Фатмир Меџити истакна дека е свесен за состојбата и оти сериозно бара решение за да се подобри.

ШТО УТВРДИЛА РЕВИЗИЈАТА

Проблемите со магнетна резонанца повторно се актуализираа со објавувањето на извештајот на државните ревизори „Користење на здравствените услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца“. Ревизијата била направена да се даде одговор на прашањето дали на осигурениците им се достапни навремени и квалитетни здравствени услуги за радиолошка дијагностика со магнетна резонанца во периодот од 2019 до 2022 година.
Ревизорите утврдиле дека обемот на услуги во однос на снимањата со магнетна резонанца во 2022 година е на приближно исто ниво како и во 2017 година, иако бројот на апарати е двојно зголемен – од седум на 14. Додека во Македонија се изведуваат 2.800 снимања од апарат годишно, во европските држави просечно се изведуваат од 4.000 до 9.000.
Апаратите за магнетна резонанца најинтензивно се користеле во битолската клиничка болница и во Универзитетскиот институт за радиологија во Скопје, додека најниска искористеност има апаратот во Клиничката болница во Тетово.
Во електронската листа се објавени вкупно 110.466 слободни термини за МР, од кои се закажани 83 отсто, а искористени 56 отсто, односно извршени се 61.987 прегледи за кои е издаден специјалистички извештај.
Постојат значајни отстапувања на бројот на објавени термини во однос на пропишаните, а во повеќе месечни периоди воопшто не биле објавувани или биле објавувани значително помал број термини, како резултат на дефекти на апаратите за МР и намален расположлив кадар, како и поради кризата со ковид-19 во 2020 и 2021 година.
Ревизорите заклучиле и неосновано и неоправдано упатување за снимање со МР од страна на специјалистите, за што од Министерството за здравство не се преземени мерки за санкционирање. Ваквите состојби, наведуваат тие во извештајот, влијаат осигурениците не секогаш да можат да добијат термин за преглед и да ги остварат правата од задолжителното здравствено осигурување во јавното здравство.
Снимања со МР за сите видови дијагностики се прават само во три јавни здравствени установи, а во другите поради недоволно обучен кадар и/или неисправни коили (антени) се вршат само одредени снимања. Снимање на доенчиња и мали деца се врши само во две јавни здравствени установи што имаат обучен кадар.
Некои од установите немаат воспоставено ПАКС-систем, поради што нема комплетна архива на снимки и не може да се потврди вкупниот број на извршени снимања. Исто така, не секогаш се запазувало правилото за читање на снимките од МР на работната единица на апаратот или во ПАКС-систем со потребната резолуција и квалитет на снимка. Повеќе установи немаат донесено процедури и воспоставен систем на внатрешни контроли за процесот на прием на пациентите, вршење на услугите, издавање на резултатите, подготвување пресметка и наплата на партиципацијата, а во дел не се води медицински дневник. Наведеното влијае на намален квалитет на здравствените услуги, на остварувањето на правата за осигурениците, како и на исходот и зголемувањето на трошоците за понатамошно лекување.
Исто така, некои од ЈЗУ што ангажираат доктори со спогодба не обезбедиле пишување на извештаите во „Мој термин“.
Во однос на времето на чекање за издавање резултат, најголем дел или 87 отсто извештаи во 2022 година се напишани во рок од 10 дена по извршениот преглед, но има и прегледи за кои резултатот се чекал повеќе месеци.
Дополнително, Државниот завод за ревизија отвора сомнеж за „изгубени“ околу 200 илјади евра од партиципацијата на граѓаните, бидејќи нема трага на кој начин е извршена наплата на услуги од Фондот за здравство во вредност од 1,8 милион евра за магнетна резонанца.

НА ШТО СЕ ДОЛЖАТ ПРОБЛЕМИТЕ

Проблемите со снимањата со МР, како што велат познавачите на здравствениот сектор, повторно упатуваат на сериозниот недостиг од здравствен кадар и негово ангажирање, како и на потребата за правилна организација, стратегиско планирање и поодговорно функционирање на системот.
Секоја здравствена установа се соочува со свои предизвици. Разговаравме со некои од нив и ни ја пренесоа актуелната слика.
Доц. д-р Тања Петровска, раководителка на Одделот за дијагностика на болести на дојка во Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, вели дека имаат сериозен проблем со недостиг од персонал.
– Голем проблем е недостигот од персонал, радиолози и радиолошки технолози, не се вработуваат нови кадри. Поради зголемениот број на прегледи и нови апарати (КТ и мамомат со томосинтеза) се наметнува потребата од нови вработувања. Имаме тројца лекари што работат на дијагностика, а кои се веќе во години, кога се доближуваат до пензија. Ни треба кадар да го обучиме за да има кој да нѐ замени. Имаме специјализанти за кои бараме да се вработат, но од кои причини не се вработуваат не знам, позитивни одговори не добиваме – вели Петровска.
Според неа, проблем е и старата апаратура.
– Имаме магнет уште од 2011 година, тогаш е набавен, и немаме нов. Сега правиме само снимање на колено, глава и ’рбетен столб, а порано правевме и снимање на мала карлица и абдомен. Нам итно ни е потребен ултразвучен апарат за абдомен и уринарен тракт, бидејќи добри резултати има само со добри доктори и добри апарати. Младите мора да одат на едукација, ние се трудиме да ги задржиме тие што се на специјализација кај нас и тие самите бараат начини како да останат, бидејќи сакаат тука да работат, ја знаат организацијата ги знаат и апаратите – вели таа.
Докторката додава дека апаратурата треба да е нова, дека треба да се менува на седум години.
Таа го истакна и проблемот со неодговорните пациенти, кои не одат на закажани прегледи.
– Не знам зошто е проблематично да се јават и да го откажат терминот, да го ослободат терминот за некој друг, на кој му е потребен преглед.
Некои болници во кои нема радиолози да читаат резултати од магнетна резонанца склучуваат договори со поголемите болници, за радиолозите оттаму да им ги прочитаат резултатите откако техничарите ќе го направат снимањето.
Директорот на Градската општа болница „8 Септември“, д-р Христијан Костов, вели дека кај нив месечно се реализираат дури 600 магнетни резонанци и оти се читаат снимки за помали болници.
– Бројките од нашиот ХИС-систем и „Мој термин“ не се совпаѓаат, меѓутоа кај нас има 600 магнетни резонанци само во еден месец. Линковски сме поврзани и со струмичката болница, и нашите лекари ги читаат и нивните снимки. Од 70 до 100 имаме само од нивна страна. Вообичаено времето на читање е седум дена, освен за оние итни случаи – вели тој.
Тој објаснува дека имаат лекари специјализирани за секоја област посебно, односно за абдомен, мозок, мускулаторен систем, а нагласува дека кај нив 90 отсто од прегледите се реализирани.
Костов најавува и синхронизација на нивниот ХИС-систем со „Мој термин“.

МЕЏИТИ НАЈАВУВА РЕШЕНИЕ

– Радиологија е една од најпроблематичните точки во здравството, но работиме на решавање на проблемите – изјави министерот за здравство Фатмир Меџити, пред неколку дена.
Тој рече дека бил запознаен со извештајот пред две недели, откако лично му го презентирал државниот ревизор со сите советници и соработници.
– Вие сте сведоци дека во неколку наврати ние веќе интензивно десет месеци работиме, како со другите проблематики, така и со проблемот за радиологија. Јас уште на почетокот кажав дека ќе ја централизираме сета радиологија, која ќе биде во Клиниката за радиологија, и нема да има потреба од радиолози во целата држава, туку само техничари што ќе го вршат тоа снимање и нашите колеги радиолози ќе можат онлајн да ги прочитаат. Но, тоа е процес што трае и ние сме многу внимателни кога ќе донесеме одлука како да го решаваме тоа понатаму – изјави Меџити.

[email protected]