Македонија да си го врати достоинството

Еве, читаме и слушаме дека деновиве се подготвуваат да ни дојдат и да нè поткрепат уставно да се самоубиеме. Сигурно се сеќавате на посетите и спотовите на европските лидери пред референдумот, како ни ветуваа светла иднина во која ќе течат мед и млеко. По само неколку месеци од собраниската катастрофа, кога со средновековни методи ни беше променето името, без волја на македонскиот народ, се соочивме со нови блокади, но и со уште пострашни и побезумни барања. Нам единствено како придобивка ни останаа заборавените рекламни билборди и големите надежи и неисполнети ветувања

Погледи

Старословенскиот збор „држава“ всушност означува сила, односно моќ. Затоа, секоја држава што останува верна на ова начело никако не смее да покаже симптоми на хаотичност и дезорганизираност, без разлика колку е мала или ранлива. Доколку почнат да бидат видливи некакви знаци на слабост, тогаш државата треба преку своите институции и механизми ефикасно да се справи со наездата, не дозволувајќи ѝ на болеста да го зафати целото ткиво. Има во овој свет и помали држави од нашата преубава Македонија, но разликата меѓу нас и нив е во тоа што во нивните средини владее цврста и хармонична симбиоза помеѓу народот и државното раководство. Тие не се туѓи еден на друг, и иако можеби не победуваат на фудбалските натпревари, сепак тоа не прави тие да бидат помалку важни или понижени.
Немајќи ваква цврста основа, ниту некаков одржлив и нормален поредок, македонскиот организам е распукан по сите сврзни ткива, почнувајќи од темето на главата, па до ноктите на нозете. Не постои болест што го нема нападнато телото на државата, а во последните неколку години и самите почнавме да си правиме огромни крастави рани и на душата. Полека тонеме и слабееме од надворешниот загаден воздух, што упорно и тврдоглаво го вдишуваме. Живееме во внатрешна непроветреност, како во некаков подземен ходник, чија мемла е кобна за кревкоста на нашето национално здравје.
Стоејќи просто во зачуденост и немоќ, не можеме а да не се прашаме: зошто самите си го правиме ова. Па, заради Европа! – отсечно ќе речат наивните евроентузијасти. Оваа парола ни стана вообичаено „добро утро“ и „добра вечер“ во нашето секојдневие. Одиме кон Европа, по секоја цена, а таа со нас постапува како со непотребен и залутан предмет во распадната картонска кутија.
Да се разбереме, Македонија е европска земја, таа е дел од европската култура и цивилизација, ние неминовно таму припаѓаме, но, сепак, зарем не можеме барем за момент да видиме дека во европската политика не доминира здраворазумноста. Таа сè повеќе им станува роб на невкусот и непристојноста. Колку и да е парадоксално, сепак е вистинито дека во последно време Европа наместо да европеизира, самата се претвори во карикатура на балканскиот екстремизам. Секојдневно гледаме како таа не води соодветна и доволна грижа ниту за своите граѓани, а камоли за нас далечните и невидливите.

Моќната Европа, од чии недра се родија највеликите идеи на човештвото, се претвора во вазал на корпоративниот капитализам. Овој, пак, спрема неа се однесува како кон штотуку освоена колонија од третиот свет. И таму почна никој да не ги казнува лошите политики. Измамите, од час на час, растат, се повторуваат и се шират како по некаква утврдена шема до недоглед. Единствено што им остана е привидот, исплетен од невистини и конструкции, во кој тие стоички веруваат. Убедени се дека се супериорни и битни, а на таквите како нас гледаат како на наивец во скап костум, кој во навидум мудар манир е програмиран премолчно да одобрува сè што ќе му се сервира.
Еве, читаме и слушаме дека деновиве се подготвуваат да ни дојдат и да нè поткрепат уставно да се самоубиеме. Сигурно се сеќавате на посетите и спотовите на европските лидери пред референдумот, како ни ветуваа светла иднина во која ќе течат мед и млеко. По само неколку месеци од собраниската катастрофа, кога со средновековни методи ни беше променето името, без волја на македонскиот народ, се соочивме со нови блокади, но и со уште пострашни и побезумни барања. Нам како придобивка ни останаа единствено заборавените рекламни билборди и големите надежи и неисполнети ветувања.
Знаете, ако на човек навреме не му кажеш дека те мами и манипулира, тој тоа ќе си го сфати како одобрение, па ќе продолжи со уште посилен интензитет да измислува нови измами и конструкции. Ај што ним не им е гајле за нас и за нашата судбина, ама што прават нашиве? Колку треба да си наивен, па двапати да се фатиш на истата јадица. Денес истите Макрони нè притискаат и присилуваат повторно да го менуваме Уставот, се разбира повторно без никаква гаранција. Сега треба, според нив, да вметнеме во Уставот некаква групација што не нè признава дека постоиме. Нив ќе ги израмниме со оние што преку својата крв, со необјаснива лична саможртва ги ѕидаа столбовите на државата Македонија. Овде ќе ги изедначиме и сатрапот и жртвата, и гонителот и прогонувачот, и бесниот волк и кроткото јагне. На цел народ му е јасно дека се игра подла игра, единствено на оние што сме ги избрале и што ги плаќаме како да им се замрежени очите.
Па, зарем не сфаќаме дека токму со насилната промена на името, всушност, започна целиот колапс на државата. На тој ден исчезна срамот, а кога ја нема оваа прекрасна доблест, тогаш е логично дури и да манипулираме со заболените од онкологија. Ова е неминовен причинско-последичен духовен процес. Таков е од Бога дадениот закон, врз чии темели невидливо почива светот. Гревот не е статичен и не мирува, туку по својата природа се умножува и мултиплицира.

Колку треба да си наивен, па двапати да се фатиш на истата јадица. Денес истите Макрони нè притискаат и присилуваат повторно да го менуваме Уставот, се разбира повторно без никаква гаранција. Сега треба, според нив, да вметнеме во Уставот некаква групација што не нè признава дека постоиме. Нив ќе ги израмниме со оние што преку својата крв, со необјаснива лична саможртва ги ѕидаа столбовите на државата Македонија. Овде ќе ги изедначиме и сатрапот и жртвата, и гонителот и прогонувачот, и бесниот волк и кроткото јагне. На цел народ му е јасно дека се игра подла игра, единствено на оние што сме ги избрале и што ги плаќаме како да им се замрежени очите. Па, зарем не сфаќаме дека токму со насилната промена на името, всушност, започна целиот колапс на државата

Многу нешта по истиот терк и калап ќе ни се повторуваат, сè додека не ја научиме лекцијата. Никаква Европа или Америка нема да се грижи за нас и нашето добро, ако ние не се заземеме самите за себе. Тие имаат намера да управуваат со Македонија исто како нацистите што управувале со Данска и Норвешка кога ги окупирале во Втората светска војна. Денес во Македонија е во сила некаква мека окупација, обоена со премолчни закани и со жестоко справување со непослушниците.
Од принудната управа во Македонија се очекува да владеат како квислинзи, кои без никаква оригинална и народна идеологија се претвораат во бескрупулозни сатрапи што длабоко тонат во секаков вид корупција. Само тоа им е важно, и ништо друго! Единствениот лек за македонските рани е повторното враќање на почетокот. Закрепнувањето на телото на државата ќе започне од враќањето на името. Тоа мора да биде појдовна точка во програмата на секоја нова и идна влада, која треба да се вооружи со голема храброст и да изгради победничка визија за татковината.
Оттука ќе мора да започне сè. Оној што јавно ќе ја истакне таквата намера, ќе ја има поддршката од македонскиот народ. Оној што ќе се помири со наметнатата ситуација и ќе води некаква плитка дипломатија, ќе претура од шупливо во празно. Македонија мора да си го врати достоинството, а првиот чекор кон тоа е враќање на нашето вековно македонско име. Имаме ние способни кадри, кои знаат како да го водат и спроведат овој процес, ним треба да им се даде секоја доверба.
Ве молам не замерувајте ми, но како загрижен Македонец и патриот што секојдневно комуницира со македонскиот народ и ја гледа неговата болка и тага, ова морам да го кажам. Следејќи ја нашата политичка реалност, на мисла сум дека во ликот на професорот и академик г. Љупчо Коцарев се крие правата патриотска енергија што може да ја поттикне и откопа затрупаната светлина кај потиштениот македонски народ. Наскоро ќе дојде времето на редовните избори, па не е лошо околу вакви личности да почнеме да ја градиме својата нова иднина.

Такви претседатели и лидери во моментов ни се неопходни. Македонската опозиција особено треба да внимава да не си ги извалка рацете со загадена и токсична кал, која е камуфлирана во украсен и златен ибрик. Секоја следна промена на Уставот, под влијание на Бугарија, е искорнување на Македонецот од неговиот корен. Мора да бидеме свесни дека на тоа место долги години ништо нема да порасне, а ќе остане само празна ледина. Ризикуваме дури и споменот на некаква Македонија со текот на времето да исчезне од сеќавањето на идните генерации.
Затоа, сега е одлучниот момент кога треба да се биде силен и решителен. Низ огнот на искушенијата се донесуваат правите и вредни одлуки, преку кои се достигнува небесната височина. Ова е единствениот сигурен пат за нас ранетите. Треба да се биде буден и внимателен. На денот на изборите обичниот човек суверено владее со државата. Тогаш е вистинската пригода кога со свежи и цветни бои можеме да си ја обоиме македонската стварност. Испраќам отворен повик кон македонскиот народ и кон сите добронамерни граѓани да се обединат во мудроста и да излезат на изборите, чиј резултат очекуваме да биде спас и остварлива надеж за нашата заедничка татковина – Република Македонија.

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ Агатангел (Станковски)