Фото: Игор Бансколиев

Политичарите веќе со децении покажуваат дека нивна единствена и вистинска мотивација за влез во политиката е само личниот интерес, никако националниот, државниот или јавниот, односно интересот на граѓаните. Свесно или несвесно, генерациите политичари по осамостојувањето како синхронизирано да работеа на тоа да го урнисаат образовниот процес, како и сите други процеси важни за развојот на здрава држава, само за да спречат градење млади и патриотски настроени генерации, со единствена цел да има што помала критичка маса што би го кренала својот глас против лошите политики и да има што повеќе апатични луѓе што ќе ја прифаќаат мизеријата во која подлабоко ќе тоне државата

Зошто младите генерации го губат патриотското чувство (2)

Засега отфрлена како ирационална епизода во актуелната македонска политичка драматургија, предизвикана од состојбата дека една партија од албанскиот политички блок остана без привилегиите на коалициски партнер во Владата (на сметка на друга партија од истиот етнички блок), (ре)активирањето на идејата за заедница на албански општини во Македонија од Алтернатива, сепак го наметна предизвикот за антиципирање на целите и амбициите на албанскиот политички фактор во Македонија.

Продолжува пресингот со иницијативи што ѝ штетат на унитарноста на Македонија

Амбициите на албанското малцинство по воениот конфликт во 2001 година се остварија со воени методи, а дотогашните високи малцински права беа трансформирани во права на втор носител на државноста во државава. Тие ги надминаа истите токму со Охридскиот договор и во суштина го променија карактерот на државата и од де јуре унитарна, таа стана де факто функционално биполарна. Но амбициите на некои албански радикали не застануваат тука. Имено, повеќе кампањски, но сепак идејно конзистентни, одвреме-навреме се регистрираат реакции на политичари од албанскиот блок партии, во различни ситуации, кои укажуваат дека договорот за нив сѐ повеќе се претвора во „тесна кожа“. Зошто?
– Политичката реалност во Македонија се наоѓа во стадиум во кој Албанците како етничка заедница веќе немаат што повеќе да бараат, во смисла на граѓански и политички права. Охридскиот договор е исцрпен, исполнети се сите нивни услови од таму, па сега тој за нив претставува пречка преку која продолжуваат да ги максимализираат своите барања. Досега не сме слушнале нешто политичарите, т.е. министрите од албанскиот политички блок да истакнат што направиле за постигнување на некакви развојни цели за Македонија, но постојано искажуваат некои нови барања. Беа оглед дали е револтирано кокетирање на Алтернатива (и на некои други елементи од албанскиот политички блок), поради тоа што не се веќе дел од Владата, пласирањето во јавноста на темата за заедница на албански општини во секоја случај не е иницијатива во интерес на унитарноста на Македонија – вели поранешната новинарка и амбасадорка Мелпомени Корнети.

Барање за федерализација на Македонија

Охридскиот договор е внесен и во преамбулата на македонскиот устав, а и преку амандманите во Уставот. Сѐ досега, во големо мнозинство во албанскиот политички кампус на Охридскиот договор се гледаше како на капитална придобивка од 2001 година, односно гаранција на нивната „општествена факторизација“. Иако и на меѓународната заедница ѝ беше и повеќе од јасно дека со вградување на барањата испорачани од воената хунта, која и однатре и однадвор ја нападна Македонија во 2001 година, на нелегитимен и нелегален начин се вгради фелер во највисокиот законодавноправен акт на Македонија, при што ѝ се смени карактерот на нашата држава.
– Ете, деновиве, и тоа го посведочивме, етнички Албанци, од партијата Алтернатива, да побараат поништување на рамковниот договор, откако сите релевантни политички чинители го прогласија истиот рамковен договор за спроведен. Ако се прашувате кога Алтернатива побарала поништување на рамковниот договор, тоа е кога побара формирање здружение на албански општини, по урнекот на такво здружение на српски општини во Косово. Барањето на Алтернатива, иако очаен потег за привлекување внимание откако е исфрлена од Владата, сепак бара одговор. Зошто?
Барањето за асоцијација на албански општини, меѓуопштинска заедница на етнички принцип, е спротивно на основното начело на рамковниот договор дека нема „територијални решенија за етнички прашања“. Затоа, барањето за асоцијација на албански општини е барање за поништување на рамковниот договор. Е сега, поништување на рамковниот договор, како мировен договор, е во основа барање за поништување на мирот во Македонија. И драги ДУИ, тоа не е антиамерикански и антиевропски чин, тоа е пред сѐ антимакедонски чин и антиалбански чин… Има етнички Албанци и нивни политичари што сѐ уште сонуваат територијални решенија. Не мислам на голема Албанија, која е повеќе фолклор, туку на федерализација на Македонија – пишува аналитичарот Сашо Клековски, првиот извршен директор на МЦМС.

Ниту Косово ниту Србија не се Македонија

Идејата за заедница на албански општини во Македонија, сосема очигледно е „инспирирана“ од барањето на меѓународната заедница за формирање заедница на српски општини во Косово, како услов за почеток на решавање на српско-косовското прашање, односно целосно меѓународно признавање на Косово. На тој начин, Македонија е ставена во ситуација на колатерална жртва на спорот во нејзиното соседство.
– Идејата за заедница на албански општини во Македонија значи дефинитивно разбивање на територијалниот интегритет на државата, нејзино формално федерализирање и дефинитивно откажување на Охридскиот договор. Споредувањето на Македонија со Косово е невозможно бидејќи во основа, Косово е нелегално отцепена територија од Србија, со употреба на сила и со целосно игнорирање на клучните одредби на ОБСЕ, односно на Хелсиншката конференција на која е договорено дека нема промена на границите со примена на сила. Меѓутоа, постои сериозна опасност дека главниот светски фактор, наметнувајќи ја концепцијата на заедница на српски општини во Косово, да имаше на ум слична формула и за Македонија. Мораме сериозно да внимаваме на можноста за такви намери и на никој начин да не дозволиме изедначување со Косово. Кај албанскиот фактор во Македонија, во идеите навидум „фрлени од ракав“, ништо не е наивно. Во Македонија нема да има војна за насилна промена на границите, но со вакви „наивно-итри“ методи може да биде загрозен територијалниот интегритет на земјата – вели дипломатот Ристо Никовски.