Фото: Игор Бансколиев

Енергетската криза и нејзиниот силен удар во делот од загревањето на индивидуалното домување предизвикаа граѓаните уште отсега да планираат и да преземаат мерки за снабдување со енергенти за наредната грејна сезона. Но тоа треба да го сторат и институциите. Кризата отвори многу граѓански дилеми, а некои од нив сѐ уште останаа неодговорени. Една од тие граѓански дилеми на која треба поскоро да се даде одговор од страна на државата и надлежните е правењето сериозна проекција и план за цените и снабдувањето со електрична енергија за граѓаните и тоа да им се соопшти јавно. На прв поглед, според енергетските експерти, можеби тоа изгледа невозможно, но соговорниците истакнуваат дека со еден системски, систематски, темелен и повеќестран приод, кој опфаќа доведување во добра кондиција на домашното производство на електрична енергија, особено на базичните енергопроизводители, таа дилема во голема мера би можела да биде расчистена за граѓаните. Планот и проекциите би придонеле за предвидливост на проблемите, нивно решавање и намалување на колективниот (енергетски) стрес

Енергетската криза ги дијагностицира
системските слабости за сигурно загревање на домовите на граѓаните

Енергетската криза и непредвидливоста на цените на енергентите, како и нивниот недостиг, ги доведоа граѓаните во ситуација изминатава грејна сезона едноставно, за жал, некаде да плаќаат дури и тројно повеќе за загревање на своите домови. Кризата покажа и една друга системска слабост, поврзана со дисфункционалноста на каналите за редовно и стабилно снабдување на граѓаните со енергенти. Тоа доведе до ситуации среде грејна сезона да нема ниту огревно дрво ниту пелет, а гасот и нафтата за домаќинствата да станат луксуз.
Поучени од ланското искуство, многу индивидуални домаќинства уште отсега почнаа да нарачуваат огревно дрво, пелети, брикети, екстра-лесно масло или гас, имајќи предвид дека цените во овој период колку-толку се стабилизираа, а доставувачите барем засега ги имаат количествата потребни да се помине една зима.

Надлежните да ја регистрираат раздвиженоста на граѓаните за енергентите и да реагираат

За разлика од минатата година, пелети засега има во доволни количества и нема ограничувања околу тоа колку може да се набават. Цената од високите 400 денари за вреќа од 15 килограми, сега падна на 250-300 денари, така што пелетот повторно станува примамлив, откако минатата година многу граѓани изразија разочараност што инвестираа во печки на пелети, а добија екстремно скапо греење.
– Добро е што има пелет. Инвестирав многу пари за да го модифицирам централното греење од горилник на нафта во горилник на пелети, бидејќи тогаш пелетите ги набавував за 150 денари вреќа. Се случи што се случи и цената отиде на 350 денари. Немав доволни количества, не можеше ниту да се набави, па цела зима ја поминав со ќумбе на дрва и греев само една соба. Годинава падна нешто цената на пелетите и си нарачав поголемо количество за 250 денари по вреќа. И ова е скапо, бидејќи ова е цена за пелетот со послаб квалитет, ама греењето со дрва ми е неисплатливо, едно се скапи, друго децата во нивните соби дополнително си вклучуваат греалки и плаќам многу за струја. Едноставно кажано, подобро да ја греам целата куќа, отколку да се малтретирам со цепење дрва, фрлање пепел, чистење ќумци – вели Јован Стаменковски, жител на една скопска приградска населба.
Како што поскапеа сите енергенти, во небо отиде и цената на огревното дрво, кое не само што беше скапо туку и го немаше во доволни количества за задоволување на потребите на граѓаните. Многу од оние што имаа нарачано не ги добија потребните количества на огревно дрво, не беше ретка појавата и на граѓани што наседнаа на разни измамници, кои им ги зедоа парите без да им достават дрва, а недостигот од огревно дрво предизвика дополнително пустошење на шумите од страна на дрвокрадците. (За тоа нелегално поведение, во кое се вклучени верига структури што„заработуваат“ сериозни суми пари, оштетувајќи го државниот буџет за милиони евра, нашиот весник алармираше повеќе ати за постоењето на неколку големи криминални жаришта за организирано дрвокрадство на Скопска Црна Гора и планината Јабланица.)

ЈП „Национални шуми“ со извештај што потврди системски недостатоци

За потфрлањето околу снабдувањето со дрва се констатира и во извештајот за работата на ЈП „Национални шуми“ за минатата година. Ова претпријатие, како што се наведува во извештајот, потфрлило во интервентниот план да обезбеди што е можно повеќе огревно дрво за домаќинствата во периодот на енергетската криза, кога значително се зголеми цената на електричната енергија.
Поради поскапувањето на цената на другите алтернативни решенија за затоплување, што предизвика зголемен интерес за купување огревно дрво кај граѓаните, ова јавно претпријатие планирало да испорача многу повеќе од реализираните 217.000 кубни метри, се наведува во неговиот годишен извештај за ланското работење. „Национални шуми“ во овој сегмент испорачале само 67 отсто од годишниот план и покрај дозволата од Министерството за финансии пред почетокот на 2022 година да вработи на определено нови 410 лица.
Податоците во извештајот јасно говорат дека, и покрај дополнителното вработување на луѓе, најавите за енергетска криза, проекциите дека ако дојде до прекини во снабдувањето со електрична енергија огревното дрво ќе биде единствената алтернатива, „Национални шуми“ не обезбедиле доволно огревно дрво, со што на некој начин ја стимулирале дивата сеча (бидејќи граѓаните во очај не избираа од кого ќе купат дрва и дали се тие легално или нелегално набавени).
Во извештајот на ЈП „Национални шуми“ уште утешително се констатира дека во однос на 2021 година, во 2022 година е продадена за 13 отсто поголема маса на дрво за огрев, при што од граѓаните биле наплатени 830 милиони денари (13,5 милиони евра), што е за 100 милиони денари и 14 отсто повеќе споредено со 2021-та, но ваквите прикажани позитивни салда не го дадоа одговорот зошто складиштата останаа празни среде грејна сезона.
Без оглед на сите најави и препораки за еколошко греење, повеќе од очигледно е дека македонските граѓани тешко ги менуваат старите навики, така што и понатаму огревното дрво е главниот енергент за загревање како во градовите, така и во руралните подрачја.
Побарувачката на огревно дрво, особено во овој период, е во постојан раст, без оглед што цената е доста висока и греењето на дрва не е евтино како порано.
Досегашните истражувања говорат дека огревното дрво во земјава се употребува кај околу 40 отсто од домаќинствата во градовите и кај 85 отсто во руралните општини, но имајќи предвид дека Скопје е само делумно покриено со топловодна мрежа, а преостанатите граѓани речиси воопшто, бројката од фамозните 40 отсто за греење на домовите со дрва во големите градови е многу поголема.
Иста судбина доживува и пелетот како дериват од преработката на дрвата, иако овој пат трговците со пелети велат дека сегашните цени се пониски за разлика од времето на енергетската криза и апелираат до граѓаните да си ги набават со време потребните количества оти на сен работите може повторно да се сменат.

Дилеми што треба да се расчистат

Веќе е забележлива раздвиженост на пазарот за пелети, па центрите што тргуваат со овој енергент регистрираат зголемена испорака за разлика од лани.
– Во однос на истиот период лани, побарувачката е поголема. Граѓаните купуваат поголеми количества уште сега за да бидат подготвени во пресрет на зимската сезона. Засега имаме доволни количества резерва, но не знаеме како ќе биде натаму. Ако имаат количества домашните производители, ќе имаме и ние. Нудиме и увоз на пелети од Црна Гора. Цената моментално се движи од 250 до 275 денари – истакнуваат трговците со овој енергент.
Граѓаните што и натаму им остануваат верни на електричната енергија и на загревањето на домовите со инвертор-клими и топлински пумпи, се надеваат дека мрежата ќе биде стабилна и нема да има прекини во снабдувањето. Токму оваа граѓанска дилема треба што поскоро да биде расчистена од страна на државата и надлежните и да се направат проекција и план за цените и снабдувањето со електрична енергија за граѓаните и тоа јавно да им се соопшти. На прв поглед, според енергетските експерти, можеби тоа изгледа невозможно, но соговорниците истакнуваат дека со еден системски, темелен, повеќестран и систематски приод, кој опфаќа доведување во добра кондиција на домашното производство на електрична енергија, особено на базичните енергопроизводители, таа дилема во голема мерка би можела да биде расчистена за граѓаните. Меѓутоа, соговорниците го истакнуваат и снабдувањето со струја на стопанството (освен за граѓаните), бидејќи тоа е еден неразделен дел од општественото живеење на граѓаните. Токму затоа правењето еден севкупен интегрален план за производство и потрошувачка на струја би било од огромна корист за добивање една економска придобивка: енергетска предвидливост за граѓаните и стопанството, која во голем дел ќе ги олесни предизвиците што следуваат во последниот квартал на тековната година и првиот во наредната.
Во последно време има извесни најави од Регулаторната комисија за енергетика околу можноста за враќање на дневната евтина тарифа на струјата, и таа дилема треба што поскоро да се реши, за да се отфрли секаков сомнеж дали станува збор за реални намери или, пак за нешто друго.
Наредната дилема е во врска со гасот како енергент за индивидуалните корисници. Имено, долгонајавуваната изградба на гасоводна мрежа што ќе го однесе гасот директно до домовите е далеку од реализација, бидејќи на тој план речиси воопшто ништо не се случува, така што очигледно огревното дрво и во оваа декада ќе остане главниот енергент за загревање на домовите. Тоа несомнено ќе се одрази врз дополнително уништување на шумскиот фонд во земјава и ќе влијае врз загаденоста на воздухот, а тоа директно ќе се одрази како врз здравјето така и врз џебот на граѓаните.
Јасно е дека токму во пресрет на летото, енергетските дилеми што се наметнаа во голем дел и поради нашите системски пропусти веќе треба да се најдат на агендата за решавање од страна на државата.