Фото: Игор Бансколиев

Неоспорен е фактот дека насилството може да се применува во сите сфери на јавниот живот, почнувајќи од политичкото, економското, духовното и другите типови насилства. Според една од дефинициите за насилство, целта врз која се врши некакво насилство може да бидат поединци, класи, групи луѓе, како и цели нации и држави, како што прави Европа врз Македонија

Присилбата како составен елемент на „современото“ европско општество

Последните случувања во државата околу францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија ги мобилизираа македонските граѓани да излезат на протести, на кои го искажуваат своето незадоволство од дволичноста на Европа, која заборава на европските вредности и критериуми кога станува збор за земјава, нудејќи предлог што длабоко задира во македонскиот идентитет, јазик, култура и историја.
Граѓанскиот протест го искористија одредени групи за демонстрација на насилство, насилство што во ниту еден случај не е својствено за македонскиот народ, кој отсекогаш покажувал дека има исклучително висок праг на толеранцијата, без оглед на сите неправди што му се прават изминативе 30 години.
Ако се тргне по едноставната дефиниција, насилството може да се објасни како општествен однос во кој одредени поединци (групи, институции итн.), со помош на различни облици на инструменти за принуда, ги потчинуваат другите неистомисленици и ги вкалапуваат во рамките на принудата, со помош на примена на насилство.
Токму оваа дефиниција ја нагласува социјалната и општествената природа на насилството. Неоспорен е фактот дека насилството може да се применува во сите сфери на јавниот живот, почнувајќи од политичкото, економското, духовното и другите типови насилства. Според дефиницијата, целтa врз која се врши некакво насилство може да бидат поединци, класи, групи луѓе, како и цели нации и држави, како што прави Европа врз Македонија.
Во еден таков контекст, дури и насилството е препознаено како составен елемент на општествените односи и политичкиот живот на современото општество.

Насилството врз Македонија и Македонците сите години по осамостојувањето

Повеќе од извесно е дека Македонија од моментот кога ја прогласи својата независност стана цел на насилство од различни облици, буквално од сите страни, насилство однатре, но и насилство однадвор.
Насилството во македонското општество, или таканаречено внатрешно општествено насилство, се препознава од два вида: директно насилство (придружено со директна употреба на сила) и индиректно (поточно, скриено насилство).
Тоа внатрешно директно насилство Македонија најдобро го почувствува во 2001 година, кога под превезот на борба за човекови права една етничка заедница, потпомогната од соседни држави, почна оружен конфликт, по кој целосно се редефинира карактерот на македонската држава.
Ваквото внатрешно директно насилство беше присутно одвреме-навреме сите овие 30 години, почнувајќи од оружените инциденти во Гостивар, заканите од Кондово, оружените напади од Грчец, Радуша, па до последните оружени пресметки во кумановско Диво Насеље. Сето ова говори дека насилните оружени методи и натаму остануваат алатка за остварување некакви внатрешни цели и затоа одредени групи воопшто не се воздржуваат да ги употребат во одредени ситуации кога ќе проценат дека е погоден момент.
Но уште поопасно е индиректното, односно скриено внатрешно насилство што се врши врз македонските граѓани постојано, кога нема директна употреба на сила, но има различни форми на политички, духовен, психолошки притисок, економска блокада или кога постои само закана од сила, без нејзина примена.
Такви примери за индиректно насилство има безброј, почнувајќи од „чизмите на таванот во старата куќа“, повремените предупредувања за етнички тензии што доаѓаат од високи државни функционери, до насилството со непочитување на законите на локалните шерифи, кои градат и тепаат каде што ќе им текне, а државата не смее да интервенира.
Тука е и тридецениското политичко насилство врз македонските граѓани што го прават политичарите, кои наместо да им создадат услови за подобар живот, секојдневно ги малтретираат со постојаните политички пресметки, блокади и нефункционални институции.

Политичкото насилство однадвор

Додека за насилството однатре причините можат да се бараат исклучиво кај нас, а секако тоа се должи на немањето капацитет да се обезбеди општествен развој на тоа ниво во кое ваквите изблици на насилство едноставно нема да имаат плодна почва за развој, многу позагрижувачко е насилството што на земјава три децении ѝ се случуваше и продолжува да ѝ се случува однадвор.
Имено, првото насилство со атрибут политичко го изврши соседна Грција, забранувајќи државата да се именува под уставното име Република Македонија, а насилните алатки ги применија и Обединетите нации, кои наместо да се придржуваат до меѓународното право и повелбата врз која се основани, со елементи на насилна принуда ја доведоа државата во позиција да прифати членство под референца, што беше преседан од светски размери.
Насилството на Грција продолжи и натаму, па од вербално за името, се претвори во економско насилство и буквално силување на кревката економија на една млада држава, која не можеше да ги издржи товарот на грчкото ембарго и затворениот пристап до пристаништата. Сето тоа резултира со дополнително осиромашување на државата и брутално изживување врз македонските граѓани, кои на залезот на 20 век мораа со денови да стојат во редици за да наполнат гориво во своите автомобили. Грција тоа насилство го покажа и врз меѓународните правни институции, не почитувајќи ја пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Тоа грчко насилство врз Македонија траеше 28 години, оневозможувајќи земјава да напредува и да стане дел од Европа многу порано.
И кога Грците го добија тоа што го сакаа, „мускулите“ почна да ги покажува соседна Бугарија. Бугарското насилство врз Македонија се гледа во негирањето на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Само докажан насилник може некому да му кажува како ќе се вика, на кој јазик говори или во кои митови ќе верува.
Источниот сосед директното оружено насилство најдобро го покажа за време на Втората светска војна, кога како дел од фашистичката оска, предводена од Германија, доби на управување поголем дел од Македонија. Тогаш започна со насилство врз македонските граѓани, свирепо малтретирање на секој што ќе каже дека е Македонец, брутални убиства на деца во Ваташа, на млади македонски борци што во НОВ се бореа против фашистите.
Тоа бугарско насилство продолжи и по војната, но овој пат без оружена принуда, кога македонското малцинство во Пиринска Македонија се најде под засилен притисок на бугарските асимилаторски власти.
Политичко насилство се препознава и во актуелното бугарско вето на македонските евроинтеграции, како модел за остварување на големодржавните апетити. И Бугарија не ги признава одлуките на Судот во Стразбур, однесувајќи се насилнички врз актите на судот што како европска држава се обврзала дека ќе ги почитува.
Што е најтрагично, најголемиот насилник врз Македонија е токму Европа. Таа наместо да спречи секакви изблици на каков било облик на насилство демонстриран од нејзини земји-членки, уште повеќе ги охрабрува поддржувајќи ги нивните апсурдни барања.
Во тој контекст, како форма на насилен притисок може да се сметаат посетите на европските политичари на земјава, почнувајќи од времето кога требаше да се потпише рамковниот договор, територијалната поделба, Преспанската спогодба, па сега притисоците да се прифати францускиот предлог.
Она што го прават европските политичари е класична форма на насилство врз една суверена држава и нејзиниот народ, уценувајќи ги да прифатат нешто што е целосно погубно за нивното опстојување како народ. Тоа насилство можеби е најтешкиот вид на насилство, кое македонските граѓани постојано го трпат.

Да не бидеме насилни сами кон себе и да не се силуваме откажувајќи се од нас самите

Она што во вакви моменти е клучно, тоа е да се препознае, превенира и евентуално спречи секаков вид насилство. Македонија никогаш нема да го направи она што не сака неа да ѝ го прават, а продолжуваат и натаму да ѝ го прават. Ако подобро се набљудува говорот на телото на домашните политичари, може јасно да се забележи дека ниту тие не се задоволни од она што го содржи францускиот предлог, но едноставно се под невиден притисок да го прифатат тоа по секоја цена, односно да се согласат со нешто што во никој случај ниту е во интерес на македонскиот народ, ниту, пак, на македонската држава. Токму тој притисок е најголемото насилство што Европа го врши во овој момент врз Македонија.
Наместо Брисел да остави простор македонските институции и воопшто целото општество слободно и без притисок да го разгледаат и да проценат дали е добар овој предлог, па макар тоа траело и неколку месеци, европските политичари секој ден повторуваат колку е ова историски момент и дека мора брзо да се каже „да“. Една поговорка вели дека мора само да се умре, друго ништо не се мора. Земајќи ги предвид досегашните искуства од Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, како и од Преспанската спогодба, европското политичко насилство, силеџиство, варваризам уште оддалеку се чувствуваат.
Токму тоа европско насилство раѓа друго насилство, и така во недоглед. Ако Европа не беше насилничка, јасно ќе ставеше до знаење дека Македонија ги исполни европските критериуми и може да ги почне преговорите, под истите услови како сите актуелни земји-членки. Нема протоколи, нема фусноти, нема фази, нема скриени намери…
На ова европско насилство треба трезвено да одговорат домашните авторитети и да не ги присилуваат институциите, особено не јавноста, да го обликуваат јавното мислење според замислите на Брисел, туку да се остави последниот збор да го кажат македонските граѓани, кои секогаш кога не биле под насилен притисок, знаеле мудро и правилно да одлучуваат.
Можеби тоа насилство што стигнува од Европа, но и од Бугарија, инспирира илјадници граѓани да излезат на улица и да се спротивстават на туѓиот диктат што треба да се прифати. Едноставно, земјава не е подготвена да прифати уште едно туѓо тело во себе, како што беше случајот со Преспанскиот и Договорот со Бугарија.
Македонија сака да влезе во ЕУ и за тоа нема никаква дилема, но сака да влезе во вистинското европско друштво, во кое се негуваат европски вредности, а не во друштво на насилници, за кои насилството и мускулите се единствениот аргумент во остварувањето на сопствените цели.