Фото: Игор Бансколиев

Во моментов постојните капацитети се доволни за задоволување на потребите на граѓаните, но ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје работи и на истражување за наоѓање алтернативни извори на водоснабдување, имајќи ги предвид сите фактори, меѓу кои проширувањето на градот и зголемувањето на бројот на жителите. Иако постојните капацитети ги задоволуваат потребите на граѓаните на град Скопје, кога станува збор за природни извори, треба да бидеме свесни дека ние не можеме да управуваме со природата и треба рационално и совесно да ги користиме нејзините ресурси, укажуваат надлежните

СЀ ПОГОЛЕМАТА ПОТРОШУВАЧКА НА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ СЕ ОДРАЗУВА НА НОРМАЛНОТО СНАБДУВАЊЕ

Секоја година со почетокот на летните горештини кај дел од жителите на Скопје повторно се враќа стравот дека ќе се намали количеството на вода за пиење во цевките од водоводот. Стравувањето е сосема оправдано, доколку се земе предвид дека секое лето состојбата е иста, па многумина наши сограѓани остануваат без вода во одредени делови од денот. Позната е и причината – неконтролираното трошење на пивката вода од страна на нивните неодговорни сограѓани. Надлежните од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ постојано апелираат до населението внимателно и домаќински да се користи водата, меѓутоа никој не ги почитува апелите. Па, така, многумина наводнуваат цели дворови, полнат базени, со што значително се зголемува потрошувачката на вода во топлите месеци.

РАСИПНИЧКО ТРОШЕЊЕ НА ВОДАТА

Одамна е утврдено дека поради неконтролираното и недомаќинско трошење од страна на некои од граѓаните, последиците ги трпат оние што живеат на повисоките катови или во повисоките градски зони. Според многумина, оние што ја користат водата за полнење базени и разладување на зеленилото во дворот, воопшто не се трудат да се однесуваат рационално, туку се однесуваат како водата да е наменета само за нив.
– Имам сосед што буквално по цели денови наводнува, прска, неговите мали деца си играат со водата, а има и огромен базен, чија вода секој втор ден ја менува. На улицата на која ни излегуваат куќите, буквално секој ден е поплава поради тоа. Во неколку наврати му укажав дека не сакаме кога си доаѓаме од работа да проаѓаме низ мини-езерца, меѓутоа не послушува и продолжува со истото тоа – вели Александар Маневски, жител на скопски Бутел.
Жителите на повисоките места, пак, како што се Радишани, Сопиште и другите населби, велат дека имаат проблем со водоснабдувањето, бидејќи нивните сограѓани што редовно наводнуваат цели ниви и големи дворови предизвикуваат намалување на притисокот на водата, па не можат ниту да вклучат машина и бојлер, поради малото количество вода што истекува од чешмата.
– Многумина се однесуваат себично и некоректно. Да, сите сакаме да се разладиме, меѓутоа крајно неодговорно е поради нечии каприци некој да остане без вода за пиење и бањање. Не е фер. Кога и да одам кон центарот на градот, улицата од Сопиште буквално е полна со вода, затоа што постојано наводнуваат и се разладуваат – вели Тони Трајановски, жител на оваа скопска населба.

ХИДРОЛОШКАТА СОСТОЈБА Е НЕПОВОЛНА

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје велат дека се свесни за ваквата состојба, но освен апелите и укажувањата до граѓаните, не можат да сторат нешто повеќе. Оттаму укажуваат дека, генерално гледано, состојбата со снабдувањето со вода за пиење во Скопје е добра, иако се свесни за зголемените потреби на градот, кој се шири и се зголемува бројката на населението. Според нивните анализи и мерења, потрошувачката на водата за пиење во градот Скопје пред сѐ зависи од временскиот период кога се анализираат податоците.
– Потрошувачката на вода во зимскиот период (октомври – март), кој најчесто го користиме како релевантен период за реалната потрошувачка во градот Скопје, се движи во рамките на 500 литри на жител дневно или, во просек, произведена вода од околу 268.000 м3 секој ден за задоволување на потребите на жителите на градот Скопје. Во летниот период (април – септември), од повеќегодишните анализи, потрошувачката на вода се зголемува во просек за 10-15 отсто, во зависност од просечните температури во посочениот период. Во овој период жителите на градот Скопје просечно трошат по 560-570 литри дневно или, во просек, по околу 295.000 м3 за задоволување на потребите на жителите на градот – информираат од водоводното претпријатие.
Оттаму додаваат дека историските податоци покажуваат дека постојат природни циклуси на промена на штедроста.
– За жал, во последните две години, а и оваа 2022 година, општата хидролошка состојба во државата и во регионот е неповолна, а тоа се забележува и кај изворот Рашче. Во моментов, двете каптажи на изворот Рашче даваат околу 3.600 литри во секунда. Во периодите на денот со повисока потрошувачка, на располагање стојат и бунарските подрачја Нерези и Лепенец, кои би можеле да дадат дополнителни околу 700 литри во секунда. Овие количества на вода се доволни за задоволување на потребите – потенцираат оттаму.
За жал, од „Водовод“ велат дека не можат да ја контролираат природата.

– Иако постојните капацитети ги задоволуваат потребите на граѓаните на градот Скопје, кога станува збор за природни извори, треба да бидеме свесни дека ние не можеме да управуваме со природата и треба рационално и совесно да ги користиме нејзините ресурси, кои се изложени на различни фактори, како климатските промени што резултираат со зголемени температури, но и поголеми сушни периоди. Во моментов постојните капацитети се доволни за задоволување на потребите на граѓаните, но ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, како претпријатие што работи во интерес на своите корисници, работи и на истражување за наоѓање алтернативни извори на водоснабдување, имајќи ги предвид сите фактори, меѓу кои и проширувањето на градот, како и зголемувањето на бројот на жителите на краток и долг временски период – потенцираат од претпријатието.
Од водоводното претпријатие велат дека во моментов се почнува со мониторингот на алтернативни извори за водоснабдување, а тоа се Патишка Река, Кадина Река, Мала Река и Кадина по вливот во Мала Река.
– Наедно, како во текот на минатата година така и сега се работи на процеси на повторно ревитализирање на веќе постојните бунарски капацитети што се во сопственост на нашето претпријатие. Станува збор за бунарскиот систем во Бутел и Инџиково, кој се следи по неговиот квалитет со физичко-хемиски и микробиолошки параметри – информираат од „Водовод“.


Апел за рационално користење на водата

Поради зголемената потрошувачка на водата, како и секоја година, така и оваа, од „Водовод и канализација“ апелираат до граѓаните рационално и совесно да ја користат водата.
– Како и секоја година во летните периоди, апелираме кај граѓаните за рационална и одговорна потрошувачка на водата за пиење, но и зголемување на свесноста за значењето на природните ресурси, како и факторите што влијаат на нив. Сите облици на злоупотреба на водата за други потреби (полевање зеленило, полевање земјоделски површини и разладување на улиците, диви приклучоци и сл.), доведуваат до проблеми во снабдувањето со намален или слаб притисок, а на одредени места и прекин во водоснабдувањето. Тоа пред сѐ се забележува во приградските населби и високите зони – апелираат од „Водовод“.