Фото: Архива

Ревизорите на ЕУ започнуваат интензивен финансиски зафат – истражување за тоа дали Европската комисија (ЕК) била ефикасна во „одбраната на финансиските интереси на Унијата од прекршување на владеењето на правото во земјите-членки“. Според соопштението на Европскиот суд на ревизорите (ЕЦА), од понеделникот, 23 јануари, истражувањата ќе се фокусираат на ЕУ-буџетот (2021-2027 година вреден околу 361 милијарда евра), како и на фондот за обновување на Унијата од ковид-19, во висина од 800 милијарди евра

Ревизорите на ЕУ ја испитуваат улогата
на Европската комисија за трошењето на парите на ЕУ

Ревизорите на ЕУ длабински ќе ги испитаат сите аспекти на трошењето на ЕУ-буџетот (2021-2027 година вреден околу 361 милијарда евра), како и на фондот за обновување на Унијата од ковид-19, во висина од 800 милијарди евра. Овие чекори што ги предвидува ревизорот се „за да се осигури дека земјите што добиваат средства од ЕУ го почитуваат владеењето на правото, ги почитуваат договорените процедури и финансиските средства ги трошат наменски, според договорените и утврдени правила, во согласност со прописите“.
Токму во врска со ова, во последно време се појавија низа индикативни афери во ЕУ (на пр. „Катаргејт во ЕП“, како и стотиците милиони евра од Словенија за финансирање политички кампањи на регионални балкански лидери).
Според ревизорите, „кршењето на владеењето на правото, како и неуспехот да се истражи правилно корупцијата или недостигот од независност на судството, може да има големи финансиски импликации во ЕУ и може да доведе до злоупотреба на парите на ЕУ во земјите-членки“!

Ревизијата ќе истражува и дали Европската комисија (ЕК) ги злоупотребила своите овластувања

Европската комисија (ЕК) минатата година за првпат употреби нова алатка, таканаречен механизам за условување. Тоа ѝ дозволува на ЕУ да ги суспендира средствата за земја-членка доколку постои некаква нејзина процена за „ризик за парите на ЕУ поради загриженоста за владеењето на правото“. На пример, во декември минатата година, Советот суспендираше 55 отсто од кохезивните фондови за Унгарија во рамките на механизмот поради таквите „процени“ дека постојат некои „недостатоци на владеењето на правото“.
Но истрагата не само што ќе погледне како извршната власт на ЕУ ја користела оваа алатка туку и како ги користи другите достапни контроли, на пример, „пресвртниците“ поврзани со фондот за наплата како услов за исплата на пари од ЕУ.
Ревизијата ќе анализира „како комисијата ги идентификува прекршувањата на владеењето на правото и ќе ги процени нивните потенцијални финансиски влијанија врз буџетот на ЕУ, изјави за Еуобсервер портпаролот на ECA“.
Истрагата има амбиција да процени и како Европската комисија „одредувала која алатка да ја користи“ во името на „заштита на буџетот“.
Ревизорите ќе ја разгледаат внатрешната рамка што комисијата ја формираше за да го стави во функција механизмот за условување, а исто така ќе се консултираат со Европскиот парламент и со Европскиот совет.

Ревизорите ќе се фокусираат на алатките на Европската комисија (ЕК), посебно применети кон неколку земји на ЕУ

Бугарија и Романија беа избрани затоа што во времето кога беше планирана ревизијата, тие сè уште беа под посебна шема за надзор на владеењето на правото, механизмот за соработка и верификација. Ова го изјавија за Еуобсервер од Судот на ревизори на ЕУ.
Понатаму, Унгарија и Полска, исто така, се дел од ревизијата, бидејќи тие се под процедурата за санкции од членот 7.
Италија и Грција беа избрани поради препораките за недостатоците на владеењето на правото што Советот претходно ги усвои за нив: показателите на Светска банка за владеење на правото, како и измамите и корупцијата и износот на средствата од ЕУ наменети за нив, соопштија од ЕЦА.
Се очекува ревизорите да го објават својот специјален извештај за една година отсега и да ги лоцираат проблемите или евентуално да направат препораки да ги „поправат сите идентификувани слабости“.
Ако во извештајот на ревизорите се заклучи дека комисијата не постапила правилно или не направила доволно, тоа би можело да му додаде „масло на огинот на евроскептицизмот“, односно и дека во институциите на ЕУ „вирусот на корупцијата и клиентелизмот“ се толку раширени и заразни, што ја прават Унијата болна за да може вистински да спроведува „владеење на правото“.