Грчки тајни пари за промена на името

Деновиве повторно во регионалната јавност, во Словенија, Косово, Србија, Албанија, Хрватска и во Црна Гора, со публикување нови и свежи докази, се реанимира истрагата за огромна корупциска афера тешка околу 100 милиони евра. Имено, станува збор за европски пари, кои во несекојдневни, невообичаени текови, од државни компании и банки влегуваат во финансирање политички кампањи на точно определени лидери од регионов?! Деновиве „Нова Македонија“ направи осврт на споменатата појава и, повикувајќи се на новинарски истражувања, се обрна внимание дека финалната дестинација на милионите евра беше всушност кампањата за актуелниот косовски премиер Курти. Но она што е суштински битно е дека ваквите вшприцувања високи суми финансиски средства воопшто не се нова форма и облик од страна на сѐ уште докрај непознати центри на моќ, кои се кријат зад европски демократски маски. Имено, и македонската понова историја сведочи за сѐ уште нерасветлени слични случаи и кај нас, поради кои историските национални текови добија други, несакани и насоки и правци

Сѐ уште незавршена приказна: Стотици странски милиони вшприцувани во регионов

Кој европски центар на моќ „подземно“ финансира политички кампањи? Ова прашање повторно се отвори во јавноста деновиве, кога новиот словенечки премиер Роберт Голоб се соочува со силен притисок да даде одговори за нелегално финансирање на изборната кампања на косовскиот премиер Албин Курти. Имено, словенечката државна енергетска компанија ГЕН-И, додека на нејзино чело бил Голоб, направила повеќемилионски трансакции за финансирање на изборната кампања на Курти. А клучното прашање што се поставува е чии се тие пари и од каде потекнуваат, оти има индикатори дека словенечката државна енергетска компанија е само обичен параван зад кој се крие некој европски центар на моќ, кој инјектирајќи пари во кампањите на политичарите на Балканот се обидува да оствари одредени интереси преку директна контрола на луѓето што претходно ги корумпирал.
Не е првпат во земјите од регионот да се појавуваат афери од големи размери во кои циркулираат милионски суми евра на некакви пари што никој не ги истражува, што отвора сомнеж дека ваквата операција е со знаење на европските центри на моќ, кои ги аминуваат ваквите скандали бидејќи добро знаат кој е нивниот вистински креатор. Токму овој случај во многу елементи потсетува на никогаш недокажаните циркулирања на големи финансиски средства во врска со низа активности што на крајот финишираа со Преспанскиот договор.

Помакедончување на Северна Грција

Останаа многу тајни околу потпишувањето на Спогодбата за разликите околу името меѓу Република Македонија и Грција во јуни 2018 година потпишана во селото Нивици, во грчкиот дел на Преспа. Тие неоткриени работи не спаѓаат само во сферата на политичкото договарање туку имаат допир со извесни сомневања за можни финансиски бравури со кои во нашата држава се обезбедени политичка согласност, собраниско двотретинско мнозинство и медиумска поддршка Македонија да го добие префиксот Северна и да се откаже од националните македонски атрибути.
Додека во нашата држава за тоа прашање никогаш не е отворена дебата, јавно објавени информации говорат дека грчката финансиска битка за Македонија е почната уште пред нејзиното осамостојување. Во тоа време странските агентури веќе знаат дека социјалистичка Титова Југославија е пред распад, а тоа многу добро го знаат и грчките разузнавачки служби.
Големиот пресврт во однос на македонското прашање во Грција се случува кон крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години од минатиот век. Во тие години грчката влада носи низа одлуки со кои ја помакедончува целата територија што порано ја нарекуваа Северна Грција, а ние во најголем дел ја именувавме како Егејска Македонија. На јавната сцена почна постепено да се враќа славата на Александар Македонски (Велики), многу институции да го добиваат префиксот македонски и целата територија да се именува како Македонија. Грчка, се разбира. Излозите на книжарниците беа полни со книги со таква содржина и со висококвалитетно изработени мапи на грчка Македонија. Сите оние Македонци што оделе на одмор на Халкидики или на шопинг во Солун ги забележувале тие промени, но на таквите примери не им се давала некоја важност.
Тоа беше владина, национална, научна и административна стратегиска доктрина за да се зацврсти грчкиот карактер на тој дел од територијата за која е познато дека на нејзини локации живее и многубројно словенско население, односно Македонци. За сите тие активности немаше штедење. Во текот на 1989-1993 година се пишуваше дека од тајните фондови на грчкото министерство за надворешни работи, предводено од Антонис Самарас, грчки новинари добиле 130 милиони долари за да се промовира „грчкиот карактер на Македонија“. Самите Грци изразуваа сомневање дека дел од тие пари бил злоупотребен и ставен во приватни џебови. Врз основа на тие гласини беше поведена истрага што заврши без заклучоци. Самиот Самарас јавно призна дека големи суми пари им биле исплатени на издавачи, новинари, па дури и на локалните власти, додавајќи дека сите пари биле искористени за „национално корисни цели“. Сумата не ја кажа, а не кажа ни дали некои износи се давани во Република Македонија.

Парите запленети во аферата „Катаргејт“ наменети за корумпирање европски политичари

Грчките финансиски операции околу Македонија

Таканаречената втора грчка афера за парите дадени околу македонското прашање изби во средината на декември 2018 година, рамно шест месеци по потпишувањето на Спогодбата за името. Тогаш грчкиот министер за одбрана и претседател на партијата Независни Грци, Панос Каменoс, го обвини својот колега, министерот за надворешни работи Никос Коѕијас за злоупотреба на тајните фондови основани за реализација на спогодбата со кои располагало министерството. Каменос прашуваше – од каде на сметките на Коѕијас има толку многу пари. Каменос, иако беше коалициски партнер на владејачката СИРИЗА, се вбројуваше меѓу жестоките противници на спогодбата и директен противник на Коѕијас.
Според пишувањето на грчките медиуми што ја следеа беспоштедната борба меѓу двајцата министри, фондовите во нивното МНР биле наменети за поткупување учесници и поддржувачи за постигнување договор меѓу Грција и Македонија. Каменос истураше остри критики и обвинувања кон Коѕијас, прашањето за парите го отвори и во грчкиот парламент. При оваа полемика беа спомнувани суми меѓу 45 и 50 милиони евра, пари наменети за спонзорирање на спогодбата и давани на лица што ја пропагирале, поддржувале и се залагале да се потпише. За некои дадени евра имало список на организации, медиуми и личности, но тој список е класифициран како државна тајна. Од друга страна, во смисла на злоупотреба, се спомнувани и суми давани на рака или преку други полулегални или нелегални патишта. Дел од тие пари се лиферувал во Грција дел бил наменет за „клиенти“ во Република Македонија.
Неколку месеци подоцна, во февруари наредната година, Коѕијас го тужеше на суд Каменос за клевета, поттикнување закани дури и по живот, за ширење лажни вести, за нарушување на честа, угледот и достоинството. Во тужбата, поранешниот шеф на грчката дипломатија истакнува дека постојат уценувачи што му се заканувале, кои го клеветеле, за да ја оцрнат и самата политика што тој ја водел за спогодбата од Преспа. Коѕијас пишува дека уценувачите ширеле три лаги за да го принудат да замолчи: дека зел 50 милиони евра од Сорос, дека крадел пари од тајните фондови на грчкото министерство за надворешни работи и оти на нелегален и за него профитабилен начин одбрал компанија за издавање грчки визи. Откако адвокатот на Коѕијас ја достави тужбата, се огласи и Панос Каменос, кој кажа дека е подготвен да ги достави до судот сите докази. Иако се тресеше гората, од неа не излегоа на светло на денот ниту волкот ниту лисицата, сите обвинувања и оправдувања се покриени со превезот на тајноста.

Пари и за македонските медиуми

Во февруари 2019, медиумот со име „Ефимерида“ објави напис во кој соопшти за основано сомнение за користење милионски суми од грчките тајни фондови за финансирање медиуми во Албанија и Македонија, како и за лобирање за поддршка на нивните православни цркви. Новинарот Димитрис Такис, добар познавач на состојбите и во Грција и во Македонија, кој ја објави аферата, пишуваше дека на прашањето зошто биле финансирани медиуми во Албанија и Македонија, одговорот бил дека тие пари се користеле за да се финансираат позитивни новински написи за Грција во македонските и албанските медиуми и да се лобира кај новинари и сопственици на медиуми да работат за грчките интереси.
По објавата во „Ефимерида“, грчкото обвинителство нареди итна истрага за објавување доверливи информации, а од кабинетот на премиерот Алексис Ципрас реагираа велејќи дека објавувањето наводни информации за распределувањето на тајните фондови на Министерството за надворешни работи директно влијае врз националните интереси и затоа не е можно тие да го видат светлото на денот. Коинциденција или не, во Македонија е познато дека во тоа време излезе во печат еден дневен весник, но, за жал, набрзо по постигнувањето на спогодбата го снема од трафиките, за да продолжи да работи како портал. Но дузина портали, аналитичари, новинари беа вклучени во поддршката на грчките ставови и ставовите на македонската влада да се смени името. Околу парите, низа сомневања, а без докази, беа изразени и при посетата на делегацијата на ДУИ во Атина кога Али Ахмети на грчките власти им вети поддршка и пратенички гласови за промена на името.

Паричните награди за Заев и Ципрас

Јавни информации за добиени пари се појавија минатата година. Нив ги соопшти поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас. Имено, тој во изјава за медиумите во неговата земја кажа дека германските награди што ги добиле заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вклучуваа и парични износи. Едната награда го носи името „Евалд фон Клајст“. Двајцата премиери ја примија на 16 февруари 2019 година, во Минхен, во рамките на Минхенската конференција за безбедност. Другата е Меѓународната награда за мир на Вестфалија за 2020 година. Таа им беше свечено врачена на 28 август лани. Наградата ја доделува Асоцијацијата на претприемачи на Вестфалија и Липе. Наградите на Заев и Ципрас им беа доделени за нивниот придонес за мирот и стабилноста во светот, преку договорот од Преспа. Износите што ги добиле истовремено двајцата премиери не беа соопштени од организаторите, ниту од оние што ги добиле, ниту се појавиле во медиумите.
Мразот околу таа тајност го скрши самиот Ципрас. Тој преку својот фејсбук-профил јавно соопшти дека парите од наградите ќе ги донира на шест грчки универзитети од Солун, Атина и Крит. Поконкретно, предложи да бидат наменети за награда што би се викала „Награда за мир и соработка на балканските народи“. Ципрас ја посочува и сумата што ќе ја донира. Имено неговата желба била да се даде износ од 6.000 евра за секоја катедра преку специјалната сметка на секој универзитет за да се искористи за годишна награда од 1.000 евра годишно за најдобар дипломски труд изработен на балканска тема. Со проста математика ќе се пресмета дека за шесте катедри претседателот на СИРИЗА ќе донира (ли донирал) вкупно 36 илјади евра. Сепак, од информацијата на МИА не е јасно дали е тоа вкупниот износ што го добил или е само дел од поголема парична сума.

Донирани или заборавени

Поранешниот премиер Зоран Заев при примањето на наградата „Евалд фон Клајст“ во Минхен порача дека успехот на пријателството со Ципрас е врз основа на три култни збора – надеж, дијалог и заедништво. Тој нагласи и дека наградата ја споделува со својот, како што рече, драг пријател, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, и со сите други лидери од балканските земји. Наградата, според неговите зборови, им ја посвети на сите млади од Балканот. Но дали ја донирал во целост или во делови и каде донирал, македонската јавност не е информирана ниту од самиот Заев, ниту од неговиот поранешен кабинет, ниту од партијата СДСМ, која ја раководеше до пред една година.
Јавноста во Македонија може да се надева дека еден убав ден во име на транспарентноста, вистината и чесноста ќе бидат објавени и некои финансиски детали од спогодбата со која Република Македонија го промени името. Се разбира, ќе бидат објавени доколку не ја загрозуваат националната безбедност и ако актерите се согласат да кажат дали имало или немало парични награди или провизии и во колкави износи.