Она што во моментот се случува во Украина е потврда дека меѓународното право се третира како „растеглива материја“ што секој може да ја обликува онака како што сака, притоа обвинувајќи ја другата страна дека таа го прекршила. Но има еден интересен пристап кај засегнатите страни, кој се забележува во јавноста, а кој, сепак, влева оптимизам дека меѓународното право е живо и, сепак, респектабилно. Имено, тоа се препознава од начинот како и едните и другите ги бранат своите позиции, црпејќи аргументи и алиби во принципите и актите на меѓународното право, сметајќи дека правдата е на нивна страна, за да постапуваат онака како што постапуваат
Зошто во украинскиот конфликт сите се повикуваат дека своите постапки ги црпат од принципите на меѓународното право
Последните драматични случувања во Украина и сè погласното ѕвечкање со оружјето отвори низа прашања од меѓународен карактер, особено во делот на почитувањето на меѓународното право, основниот темел врз кој треба да почива светскиот поредок. Се чини дека преку досегашните искуства низ историјата се потврди старата практика, посилните држави да си го заобиколуваат меѓународното право кога станува збор за нивните интереси и да дејствуваат онака како што им одговара, флагрантно прекршувајќи ги меѓународните правни норми, буквално по сите основи.
Таквото повеќедецениско однесување, несомнено повлече експанзија на хегемонистички политики низ светот, за кои единствена основа за дејствување стана силата на мускулите (оружјето), наспроти принципите и постулатите во Повелбата на Обединетите нации врз кои почива меѓународното право. Таа меѓународна гаранција е (или беше) единствената правна алатка на помалите земји да се изборат за свое (рамноправно) место под сонцето на светската мапа.
Она што во моментот се случува во Украина е потврда дека меѓународното право почна да се третира како обична растеглива материја што секој може да ја обликува онака како што сака, притоа обвинувајќи ја другата страна дека таа го прекршила. Но има еден интересен пристап кај засегнатите страни, кој се забележува во јавноста, а кој, сепак, влева оптимизам дека меѓународното право е живо и, сепак, респектабилно. Имено, тоа се препознава од начинот како и едните и другите ги бранат своите позиции, црпејќи аргументи и алиби во принципите на меѓународното право, сметајќи дека правдата е на нивна страна за да постапуваат онака како што постапуваат.
Од каде Русија го црпи меѓународниот легитимитет за своите постапки
Потегот на Русија да ги признае Донецк и Луганск како независни држави предизвика остри реакции од Западот, кој смета дека со овој чин Москва целосно го прекршила меѓународното право, иако рускиот претседател Владимир Путин смета дека нивните постапки се во согласност со меѓународните правни норми.
Имено, Русија ваквите тврдења за почитување на меѓународното право го темели врз принципот на плебисцитарно изјаснување на населението во одреден регион да има право на своја сопствена и независна држава. Во согласност со договорите од Минск, потпишани во 2014 и 2015 година, се предвидуваше „специјален статус“ и степен на самоуправа на регионите Донецк и Луганск, кои се под контрола на сепаратистите, организирање нови избори во областа, помилување на оние што се бореле за проруски цели и измена на Уставот на Украина за да се децентрализира власта на посебни региони. Договорот го потпишаа претседателите на Русија, Германија, Франција и на Украина и беше прифатено дека тој ќе биде основа за какво било идно решение на тензиите во Украина. Но украинските власти стравувајќи дека ќе дојде до поделба на земјата и трет Мајдан, не го имплементираа договореното, така што властите на Донецк и Луганск организираа пребисцитарно изјаснување во 2014 година, на кое народите во овие две области на истокот на Украина изразија желба да живеат во независни држави. Според меѓународното право, штом постои одреден простор, покраина, автономија, а со договорите од Минск тие добија поширока автономија и се изјаснуваат за независност, тие веќе можат да бараат повисок статус на меѓународноправен субјективитет и тоа го направија. За Русија плебисцитарното изјаснување е во согласност со меѓународното право и од тие причини за Москва не е спорно да донесе одлука да ги признае овие две области како независни држави. Путин направи директна паралела со поранешна Југославија, кога повеќето републики на плебисцит се изјаснија дека сакаат да стекнат независност, по што следуваше експресно признавање од Западот. Руската логика за непрекршување на меѓународното право ја влече аналогијата од овие постапки, па затоа тоа беше споменато и на прес-конференцијата на рускиот претседател, со напомена дека никој не може да ѝ диктира на Руската Федерација признавање држави и влади. Русија го наоѓа легитимитетот за признавањето на Донецк и Луганск и во неспроведувањето на договорите од Минск од страна на украинските власти, што резултира со следните логични чекори на властите во областа Донбас.
За Западот, Русија грубо го прекршила меѓународното право
Од друга страна, Западот своите принципи за кршење на меѓународното право од страна на Русија ги лоцира токму во руското признавање територии на Украина. Ставот на западните земји е дека со договорите Минск 1 и Минск 2, на кои стои и рускиот потпис, сепаратистичките региони на истокот на Украина ги добиле сите права на највисока автономија, но во рамките на границите на украинската држава. Ставот на САД, Велика Британија и другите западни земји е дека Русија погазила меѓународно верификуван договор, а со тоа го прекршила и меѓународното право, признавајќи ги Донецк и Луганск. Москва ги правда ваквите постапки со тоа дека договорите од Минск биле надминати и дека тамошното население побарало повисок степен на автономија. Несомнено, меѓународните договори не можат еднострано да се раскинат и да се толкуваат како надминати без притоа да бидат информирани сите земји-потписнички, ако се оди според меѓународната правна логика.
Во согласност со меѓународното право, втор момент за кој Западот ја обвинува Русија за прекршување на меѓународното право е принципот на неменливост на границите. Овој принцип е неприкосновен, така што какво било загрозување на територијалниот интегритет на една земја де факто значи прекршување на меѓународното право и се смета за чин на агресија. Русија и претходно се соочи со голем број западни санкции поради припојувањето на полуостровот Крим, а сега со последното признавање на Донецк и Луганск и испраќањето руски мировни сили во овие региони, сериозно се нарушени територијалниот интегритет и целовитоста на Украина, со што западните аргументи за прекршување на меѓународните правни норми добиваат основа.
Меѓународното право како право на посилниот?!
Несомнено секој си зема за право да го толкува меѓународното право онака како што сака, претворајќи го само како аморфна маса од прописи, кои големите сили ги толкуваат како што им одговара на нивните интереси во даден момент. Со години најбезобѕирно се гази Повелбата на ОН, не се уважува ниту највисокото право „јус когенс“, (односно правото на самоопределување, самоименување, правото на недискриминација на државите, правото на заштитата на основните човекови поединечни и колективни права итн.), за што најдобар пример е Македонија, на која овие права ѝ ги спори соседна Бугарија. А апсурдно е да се зборува за сите други принципи на меѓународното право, за кои, кога станува збор за интересите на поголемите, тие замижуваат, како што е случајот со ЕУ и Македонија во контекст на односите со Софија или со Атина.
– Сметам дека големите сили, за жал, го користат меѓународното право мошне инструментализирано, односно во ситуации кога тоа не им одговара едноставно бараат други основи на легитимитет – вели Милан Крстиќ од Факултетот за политички науки во Белград.
Правејќи споредба со правото на самоопределување на кое се повикува Русија и правото на суверенитет за кој се залага Западот, Крстиќ смета дека е тешко да се најде дефиниција со која ќе се објасни кој е поголем легалист по оваа основа.
– Тешко е да се најде баланс за односот меѓу правото на самоопределување и суверенитет. На пример, во поранешна Југославија тоа беше многу тешко да се утврди, па поранешната ЕЕЗ, сега ЕУ, формираше Бадентерова комисија, која требаше да даде одговор на тоа кој има право на самоопределување, па се дојде до тоа дека тоа право го имаат републиките… Постојат одредени механизми за легитимитет во кои кога правото не ви оди во прилог се повикувате на историјата, се повикувате на волјата на народот на одредена територија и на тој начин се обидувате да го редефинирате концептот на суверенитет. Тоа своевремено во Косово го правеа САД, сега истото го прави Русија кога ја распарчува Украина. Многу слично сценарио – истакнува Крстиќ.
Според него, меѓународното право во случајот со Украина тешко ќе може да се примени бидејќи интересите на големите сили се прекршуваат токму врз оваа земја.
– Меѓународното право постои и тоа регулира многу работи на ниво на држави што се мали или средни сили, но во односот на големите наспроти малите, ако тие мали држави немаат моќен сојузник што може да ги заштити, а Украина е на таква позиција да не може никој да ја заштити во овој момент, во таков случај меѓународното право, за жал, не може да даде соодветен вид заштита на оваа земја – заклучува Крстиќ.