Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети одржа и прес-конференција за дополнителни прашања од медиумите по утринското видео обраќање од седиштето на партијата. Во видеообраќањето Ахмети објави дека Бујар Османи ќе биде претседателски кандидат, го промовираше слоганот „НЕ за Русија, ДА за Европа“ како и дека после изборите ДУИ ќе се заложи за уставни измени согласно кои претседател и потпретседател да се бираат со двотретинско мнозинство од гласовите на пратениците во Собранието. Тој образложи дека идејата за претседател не е нова, туку датира во нивните програми од 2016 и 2020 година.
– Со овој чекор ќе штедиме средства од буџетот, за еден изборен циклус трошиме повеќемилионски суми. Ефектот ќе биде поголем со позитивна порака која ќе влијае во зближување на етничките заедници. ДУИ и јас на чело на ДУИ, за речиси 25 години сме извојувале само победи на централно и локално ниво, сум верувал тогаш и денес верувам дека претседателот на државата, ако не денес, утре ќе биде и Албанец во Република Северна. Формулата веќе сме ја објавиле двотретинско мнозинство со Бадинтер доколку се согласат мнозинство на пратеници. Тој претседател ќе продуцира стабилност и зближување на граѓаните – рече Ахмети.
На новинарското прашање дали имало координација со другите партии од албанскиот блок кои имаат кандидат за претседател рече дека во програмите од 2020 и 2016 детално образложува како треба да биде избран претседателот и нема дополнително што да кажува.
На прашањето зошто не одговори на барањето на Арбен Таравари да му биде противкандидат за претседател, Ахмети рече дека му се заблагодарува за понудата но дека игра во Суперлига, додека Таравари игра локално. Новинарите прашаа доколку Таравари се пласира во втор круг, дали значи тоа дека ќе го бојкотираат, Ахмети рече дека бојкот не е средство во демократија и не се дискутира за тоа. Според Ахмети на идејата за избор на претседател досега не се реализирала затоа што имало анализи.
– Сме во комуникација постојано со нашите пријатели и со сите други кои придонесуваат, за нивните мислења, предлози, анализи, за да се раздвои овој процес. Затоа чекори кога се прават, се прават еден по еден чекор. Одиме кон реализирање на нашата цел – рече Ахмети.
За нивниот кандидат за претседател Бујар Османи, Ахмети смета дека ќе биде чест за Македонија да биде избран.
– Ќе биде чест за граѓаните да поддржат еден профил кој е Европеец, најдостоинствен претставник на ОБСЕ, на најдобар начин се справил со сите прашања и Русија и така очекувам да го поддржат граѓаните, бидејќи е една кредибилна личност, професионалец, достоинствен да ја претстави државата – посочи Ахмети.
За досегашниот претседател Пендаровски рече дека сме соработувале и комуницирале, за што му се заблагодарува за изминатиот мандат и му посакува здравје и успех во иднина.
ДУИ после изборите нема да соработува со партиите кои се против нивните заложби, како што се Преспанскиот договор или независноста на Косово. Ова беше дел од одговорите на Али Ахмети, на прес-конференцијата, околу прашањата за постизборната соработка.
– Не наметнуваме која ќе биде волјата кај нашите сограѓани. Но ние имаме наша програма политичка, наша платформа која е постулат не само во интерес на Албанците туку во интерес на сите граѓани, но нашите линии се ноторни. Цел свет ги знае. Секоја политичка партија која го оспорува Охридскиот рамковен договор, Договор за добрососедство, Преспанскиот договор, која ја оспорува независноста на Косово, со нас не може да има дијалог. Како што сме биле подготвени да се откажеме од нашиот мандат кој сме го добиле од граѓаните, за да ги претставиме во институциите на државата, за овие ставови принципиелно се повлековме колективно, како влада со услов да се усвојат уставните промени, бидејќи така мислиме дека вршиме услуга на државата. Така мислиме да ја градиме иднината на новите генерации – истакна Ахмети.
Лидерот на ДУИ рече дека имал и ќе има средби со сите политички субјекти како и дека разговараат за сите прашања, но и за различности. Тој рече дека ги охрабрува сите партии да се приклучат на нивниот Европски фронт затоа што има историски момент за државата.
– Сум разговарал со сите политички партии, како што сум разговарал и со опозицијата која е обединета. Ние една и пол година имаме активности на Европскиот фронт. Овој фронт кога се изгради и се мобилизира, сум разговарал со најголемиот број на политички партии и продолжуваме со тие разговори и за детали кои треба да се инкорпорираат во овој фронт. Ќе видиме како ќе се движи Зијадин Села со неговата партија. Инаку, поканата е отворена ако има добра волја и Зијадин Села да му се придружи на овој фронт, ги охрабрувам сите партии. Овој момент е историски момент за нас, за државата, да овој фронт да биде поетаблиран и поорганизиран. Зијадин Села секако ќе дискутира за одлука за финална одлука. Мое мислење е дека треба да објави некој референдум во неговата партија дали ќе оди самостојно или ќе му се придружи на Европскиот фронт. Ова останува на Алијанса за Албанците да одлучи. Волјата постои за заедничкиот Европски фронт – посочи Ахмети.
Лидерот на ДУИ беше прашан дали ќе се повлече ако изгуби неговата партија на избори.
– Иако ќе размислам дали да се повлечам, ДУИ не ми го дозволува тоа, оваа комоција не ми ја дозволува. ДУИ не знае за порази. Не сум разговарал за бројки (за пратеници – н.з.) никогаш, бидејќи секогаш сум грешел, помалку сум кажал, а повеќе сме добиле – одговори Ахмети и на прашањето колку мандати очекува да добие во Собранието.