Реакција на Здружението на историчарите на Република Македонија по повод отсуството на Историја во наставните програми за шесто одделение
Здружението на историчарите на Република Македонија, чијашто повеќе од седумдецениска дејност меѓу другото е насочена кон развојот на македонската историографија и унапредувањето на квалитетот на наставата во македонската историја, вчера излезе со официјално соопштение со кое реагира на некои нови иницијативи во однос на предметот Историја во основното образование. Притоа потсетувааат дека многупати, и тоа во повеќе форми, јавно предупредивале на негативните импликации од крајно избрзано донесената концепција за основно образование, која беше целосно отфрлена од сите релевантни научни и високообразовни институции.
„Надоврзувајќи се на нашите ставови, на 22 декември 2022 година до Министерството за образование и наука поднесовме барање за повлекување на учебникот по новововедениот предмет „Историја и општество“ за петто одделение. Истото го поткрепивме со критичка анализа на 30 страници, во која нотиравме 60 сериозни пропусти и грешки во концепциска, содржинска и методолошка смисла, при што предупредивме дека истите тие ќе создадат кај учениците погрешни претстави не само за минатото туку и за сегашноста. Во оваа пригода јавно прашуваме дали овој учебник е повлечен од употреба, со оглед дека посочените пропусти ги надминуваат законски предвидените 30 отсто! Наедно изразивме цврста увереност дека погрешната концепциско-содржинска поставеност на учебникот е директен резултат на концепцијата за основно образование, поради што побаравме од министерството да иницира јавна дебата за подготовка на нова концепција за да не се повторуваат во иднина ваквите недозволиви пропусти“.
Во реакцијата на Здружението се потенцира дека најновата актуелна состојба предизвикана од отсуството на предметот Историја во наставните програми за шесто одделение, за нив воопшто не е изненадување.
„Причината е што ние како здружение, како и генерално историската фела во државата, одбиваме да учествуваме во нивната подготовка, со оглед на нашето неприфаќање на концепцијата. На тој начин го изразуваме категоричното противење што со концепцијата е укинат предметот Историја (воведен во македонската држава од АСНОМ) за сметка на погрешно конципираниот и новоконструиран предмет „Историја и општество“, во кој вештачки се интегрирани предметите Историја, Граѓанско образование и Географија. Досегашната практика на примената на концепцијата, недвосмислено ги потврдува нашите претходни оцени дека историјата се маргинализира и деградира, со што се оневозможува суштинското согледување на минатото, од што зависи и иднината на македонската држава. Особено што во Европската Унија, каде што како демократска држава припаѓаме и чиишто фундаментални вредности ги споделуваме, во суштина Историја како предмет ги дефинира идентитетот и свеста за припадноста кон нацијата.
Укажувајќи на штетните последици од понатамошното спроведување на концепцијата во однос на наставата по историја, категорично застануваме во заштита на колегите наставници, чиишто работни места се доведени во прашање, поради кратењето на бројот на часови по историја, а што е предизвикано од непромислените новоконципирани наставни планови и програми, со што во крајна линија се ревидира и содржината на македонската историја. Во таа смисла, цврсто опстојуваме на ставот дека Историја мора да остане посебен предмет и наедно ги поддржуваме колегите што сметаат дека предметите Географија, Граѓанско образование, Биологија, Хемија, Физика треба да се изучуваат посебно“.
Наедно од здружението предупредуваат дека повторувањето на досегашната практика на избрзано донесување нови наставни програми за Историја во последен момент, а во конкретниот случај за наставната програма за шесто одделение за вештачки конструираниот предмет „Историја и општество“, од што ќе треба да произлезе и експресната подготовка на новиот ревидиран учебник, ќе предизвика крајно штетни последици за македонскиот образовен систем, на што најостро ќе реагираат.
„Укажувајќи на досегашните сериозни штети причинети од концепцијата за основно образование, што наоѓа директен одраз во несоодветните наставни програми и на учебниците како краен продукт, категорично бараме од Министерството за образование и наука да стави мораториум на концепцијата и итно да организира широка јавна дебата, која ќе биде заснована на сеопфатна анализа што ќе ги артикулира и досегашните негативни импликации од нејзиното воведување, како и ставовите на научната и академската заедница. Во меѓувреме, додека не се подготви и усвои нова концепција, бараме да се продолжи со досегашните наставни програми. На тој начин ќе се спречат идните штетни последици за учениците, наставниците, како и за севкупниот македонски образовен систем и за граѓаните и државата во целина“.
Според нив, усвојувањето на новата концепција ќе мора да го одразува научниот, академски и општествен консензус. Само на овој начин ќе може да се промовира квалитетот во македонското образование, од што ќе произлезат наставни програми и учебници што ќе бидат на потребното научно и академско ниво, во интерес на учениците, родителите, граѓаните и на државата, а не подредени на задоволување на моменталните политички цели.
„Квалитетот на образованието е наша заедничка обврска и должност како историчари и како совесни граѓани, бидејќи младите генерации се столбот на иднината на државата. Во спротивно, како држава и како нација и натаму ќе бидеме на самото дно во однос на квалитетот на образовниот систем во Европа“, се вели во реакцијата на Здружението на историчарите на Република Македонија. Р.Н.М.